Со новиот мигрантски бран од Источна Европа, кон регионов се селат и бизниси
Од земјите во регионот, Црна Гора засега се покажува како најатрактивна бизнис-дестинација за отворање нови фирми за граѓаните што доаѓаат од Украина и од Русија
Војната во Украина го поттикна новиот бегалски бран во Европа, во кој се вклучени неколку милиони украински и руски граѓани. Податоците на Обединетите нации говорат за над шест милиони раселени лица од Украина, главно жени и деца, но и возрасни машки лица што не се воени обврзници. Статистиките, исто така, упатуваат и на голем број лица што ја напуштиле и Руската Федерација и мигрирале во регионот на Балканот.
Со мигрантите мигрираат и нивните бизниси
Се појавија разни процени за бројот на оние лица од кои голем дел се одлучиле да се преселат со своите семејства и бизниси во земјите од Балканот, објавија некои државни институции од земјите во регионот.
На пример, во Црна Гора од први февруари до деветти јуни биле регистрирани 1.100 стопански друштва, чии основачи се физички лица од Русија. Овие податоци се добиени од Управата за приходи и царини на Црна Гора. Од новоотворените „руски“ фирми, 229 се од областа на компјутерското програмирање, 81 се фирми за обработка на податоци и за апликативни услуги. Потоа следуваат фирмите за консултантски услуги и за услуги од областа на информационата технологија. Во истиот период се регистрирани и основани 104 претпријатија од физички лица од Украина, а најзастапени се за компјутерско програмирање.
Црна Гора и другите земји од регионот се само појдовна точка од каде што руските и украинските граѓани се обидуваат да ги продолжат своите бизнис-релации со земјите од Западна Европа, Блискиот Исток и од САД.
– Црна Гора и претходно била привлечна дестинација за компаниите од Русија и од Украина, а се очекуваше тоа да се интензивира со почетокот на војната. Многумина од овие лица поседуваат недвижности во ЦГ, а законите им овозможуваат и полесно да почнуваат сопствени бизниси во земјата – вели Василије Костиќ, професор на Факултетот за менаџмент во Херцег Нови и претседател на Црногорското здружение на работодавачи.
Каква е состојбата во другите држави во регионот
Во Србија, која има директна авионска линија со Русија, од 24 февруари годинава до крајот на мај, вкупно 399 физички и осум правни лица од Руската Федерација регистрирале нови 287 стопански друштва. Дополнително 730 граѓани од оваа земја отвориле претприемачки фирми во другите земји од регионот. За една седмица од јуни се отворени нови 17 стопански друштва и 57 претприемнички фирми, од правни и физички лица од Руската Федерација. Најмногубројни се фирмите за програмирање, неспецијализирана трговија на големо, консултантски активности од економијата, информатички услуги, рекламни агенции и угостителство, велат од Агенцијата за стопански регистри на Србија. Од Украина 12 физички лица отвориле 12 фирми, а уште седум биле регистрирани за посредничко дејствување во Србија
Од Хрватската стопанска комора не располагаат со конкретни податоци за бројот на фирми од граѓани од Русија и од Украина, затоа што не се води евиденција за националната припадност за основачите на фирмите. Слична е состојбата и во Босна и Херцеговина.