Фото: Маја Јаневска-Илиева

Први на удар од поскапувањето на бензините се транспортерите, бидејќи услугата што ја обезбедуваат е директно зависна од цената на горивата, но очекувано е зголемените трошоци за превоз да се одразат и врз целокупната економија

Новите цени на горивата во Македонија ги поттикнаа стравувањата дека истите тие ќе резултираат со поскапувања и на други производи и услуги. Освен врз граѓаните, кои сега имаат поголеми трошоци за транспорт, новите цени на горивата може да се рефлектираат врз целото стопанство. Познато е дека први на удар се транспортерите, бидејќи услугата што тие ја обезбедуваат е директно зависна од цената на горивата, но очекувано е зголемените трошоци за превоз да се одразат и на производствените трошоци во други сфери.

– Новиот бран поскапувања на горивата, поради малиот обем на превезена стока, транспортерите не можат да го вкалкулираат во цените на услугите што ги обезбедуваат. Поради тоа, секое поскапување паѓа на товар на превозниците, кои одамна работат на прагот на рентабилноста, па со новото поскапување само се зголемува опасноста некои од нив и да затворат. Превозниците губат многу од скапите горива. Ако порано бевме конкурентни поради пониските цени на горивата, тоа веќе не важи, бидејќи со цените сега сме речиси изедначени, а плус што ги немаме придобивките што ги имаат превозниците во Србија и во Европската Унија, кои добиваат поврат на средствата за акцизата – вели Билјана Муратовска од „Макамтранс“.

Муратовска истакна дека иако поскапувањето на горивата оди пред сѐ на товар на превозниците, сигурно дека истото тоа ќе се одрази и врз производствените циклуси, бидејќи горивата се главен инпут не само во превозот туку и во производствените процеси.

– Факт е дека пазарната економија си го прави своето, сѐ зависи од понудата и побарувачката, па во случајот, бидејќи расте цената на светските берзи, истото тоа се рефлектира и кај нас и имаме проблем, но не само ние туку и цела Европа. Но тие веќе имаат мерки за поддршка на транспортерите и компаниите, за ублажување на ударот од скапите горива – додава Муратовска.

Таа посочи дека досега во два наврата ѝ предложиле на власта да воведе мерки за ублажување на овие трошоци, по примерот на Србија и ЕУ, каде што превозниците добиваат поврат на дел од средствата за акцизите, нешто слично на поврат на ДДВ. Сепак, од власта им било кажано дека засега не се планира такво нешто, но останува за во иднина.

– Револтот кај транспортерите е навистина огромен, бидејќи не само што имаме намален обем на работа туку имаме и зголемени трошоци, поради што нашата работа се доведува на работ на егзистенцијата, со опасност поголем дел превозници да затворат – истакна Муратовска.

Поскапите горива ќе натежнат и врз земјоделците, кои и досега се жалеа дека имаат поголеми трошоци за производство отколку што успеваат да ги продадат своите производи.

Андрија Секуловски, сопственик на овоштарници со јаболка, истакна дека новото поскапување на горивата, кои, според него, и досега имале енормно високи цени, значително ќе се одрази врз работата на земјоделците.

– Порано велевме дека работиме е на работ на егзистенцијата, но сега веќе се работи со загуби, земјоделците се задолжуваат, а како ќе ги враќаат долговите, не се знае. Главниот проблем кај земјоделците е што се неорганизирани, тие преземаат сѐ на свој трошок. Од друга страна, попусто е родот кога нема откупувачи. Најголем дел земјоделци работат уште нешто за да опстанат, тие што работат само земјоделство тонат, а немаат ни каде да се пренасочат – раскажува Секуловски.

Тој истакна дека зелената нафта, која беше најавувана како спас за земјоделците, речиси ја нема, бидејќи количествата што ги добиле се многу мали и не им стигнуваат ниту за берба, а не пак за обработка на земјата. Затоа, вели Секуловски, новото поскапување е дополнителен удар.

– Факт е дека цената на горивата во Македонија зависи од цената на нафта на светските берзи, но ова дополнително ќе се одрази врз и онака крајно сложената политичка ситуација во која се наоѓаме. Бидејќи се совпаѓа со крајно критичен период, период кога се прават големи напори за надминување на една политичка криза, која никако да заврши, новиот бран поскапување може да влијае врз домашните и странските инвеститори. Новите цени на нафтата може да бидат повод за дополнителен страв кај граѓаните и инвеститорите. Се наоѓаме во еден многу критичен момент за стопанството – вели некогашниот министер за финансии Џевдет Хајредини.
Тој посочува оти се намалува довербата на инвеститорите, особено на странските, дека можат успешно да работат во Македонија.


Нафтата поскапела 17 отсто за седум месеци

Цените на горивата драстично се зголемиле од почетокот на годината досега. Кај нафта има пораст од други 17 проценти, бидејќи на крајот на февруари дизелот се продавал по цена од 57 денари, а сега за 69 денари, или 12 денари поскапо за литар.
Бензините, пак, поскапеле за 9 денари, или за 13,5 отсто, бидејќи во февруари „еуросупер БС 95“ чинел 65,5 денари, а сега 74,5. Поскапување има и кај популарно наречениот „плин“, кој минатата година се продавал за 29 денари, а сега за 38 денари, или поскапо за 33,5 отсто.
Новата цена на дизелот е слична на нивото од 2013 година, но сепак е под рекордот од 2008 година, кога достигна 76 денари за литар. Во 2008 година барел нафта на светските берзи чинел 140 долари, а денес 84.
Во декември минатата година дизелот чинел 54,4 денари за литар, но денес, по воведувањето на акцизата и поскапувањата на светските берзи, чини 69 денари за еден литар.

 

Фото: Маја Јаневска-Илиева