Прогнозите за летото, кое сѐ уште официјално не започнало, се застрашувачки, со пеколни горештини што ќе бидат најизразени на Балканот, а температурите измерени во изминативе неколку мајски денови како да ги оправдуваат ваквите предвидувања на прогнозерите. Македонскиот рекорд за најтопол град, откако официјално се мерат температурите од 1948 година, го држи Демир Капија, со измерени 45,7 степени Целзиусови во 2007 година. Но какви се очекувањата за ова лето и како месното население живее и се справува со високите температури?
КАКО ВЛИЈАЕ ГЛОБАЛНОТО ЗАТОПЛУВАЊЕ ВРЗ ЕДЕН ОД ГРАДОВИТЕ СО НАЈВИСОКИ ИЗМЕРЕНИ ТЕМПЕРАТУРИ ВО МАКЕДОНИЈА
Лесно е да се поставуваат рокови за остварување на амбициозните енергетски, климатски и секакви други цели за 20, 30 или за 50 години, што во изминатиов период често се случува на меѓународните конференции, но тешко е да се креираат политики за нивна реализација дури и на микронивоа, а камоли на глобално ниво. Во меѓувреме, порано климатски питомиот европски континент и еден од неговите најголеми полуострови, Балканскиот, во чие средиште е вклештена Македонија, сѐ почесто се соочува со невидени временски екстреми, најчесто со сѐ посилни топлински бранови предизвикани од, како што објаснуваат научниците, забрзаните климатски промени.
Прогнозите за летото, кое сѐ уште официјално не започнало, се застрашувачки, а температурите измерени во изминативе неколку мајски денови како да ги оправдуваат очекувањата на прогнозерите. И додека политичарите насекаде низ Европа и пошироко, поради мултикризата предизвикана од сѐ уште незавршената пандемија на коронавирусот, актуелната војна во Украина и навестувања на нов глобален проблем, заразата со мајмунски сипаници, ја заплашуваат јавноста со најавите за „тешка зима“, многумина се прашуваат како да го преживеат летото. Затоа, од вжештениот скопски асфалт и бетон тргнавме кон Дeмир Капија, или преведено од турски Железната Порта, гратчето, кое поради својата исклучително важна стратегиска положба, во минатото било изложувано на голем број трауми, предизвикани од историските, но и од географските промени. Целта ни беше да видиме како жителите на овој град, во кој и пред да почне да се зборува за климатските промени редовно беа регистрирани највисоките температури во земјава, се справуваат со сѐ пожешките лета, што, дури и од некоја добро климатизирана позиција во Скопје, поради енергетската криза, во моментов, изгледа како голем предизвик.
А таму, пред локалното кафеанче, во дебела липова сенка, како на фудбалски стадион, на две спротивни страни, ги затекнавме, како што и самите ни објаснија штом од натписот на нашиот автомобил видоа дека сме во потрага по некоја приказна, вмровци и сдсмовци. Наздравувајќи ни со привлечно оросени пивски шишиња, почнаа да се натпреваруваат за нашето внимание уште и пред да одбереме на која маса ќе седнеме. Но првичниот впечаток дека се најдовме среде некаква меѓупартиска пресметка се покажа како погрешен штом „претставникот на вмровците“ го сослушавме како „предјадење“, а „делегатот на СДСМ“ за „десерт“, што, впрочем, го потврди и самата слика на градот, кој за своите можности изгледаше како навистина уредено место, дури и за ненајавените гости.
– Го ценам тоа што сегашниот градоначалник од СДСМ, навистина посветено, продолжи да ги реализира сите проекти на својот претходник, кој беше од ВМРО-ДПМНЕ – беше она што инсистираше да го потенцира декларираниот вмровец Заро Андонов, срдечно наздравувајќи му на водачот на „противничката“ група од другата страна на летната тераса, кој подоцна ни се претстави како Панче Илиев.
На прашањето како се живее во еден од најтоплите градови во Македонија, добродушниот Заро ни објасни дека кај нив нема проблем со снабдувањето со вода, ниту за пиење ниту за наводнување.
– Но земјата не се работи како порано кога се одгледуваа секакви култури. Нема кој, останаа претежно старците. А и лошите земјоделски политики, несигурниот откуп, лошите репроматеријали… го направија своето. Сега имаме само лозја, но и тоа не знаеме до кога ќе го одгледуваме. Овдешните винарници си имаат свои насади, така што нам ни останува несигурниот откуп, често од измамниците, кои кога го земаат грозјето ветуваат сѐ и сешто, а потоа ќе се изгубат – ја кажува Заро маката за која не го ни прашавме.
А за тоа како се справуваат со жештините има сосема едноставно објаснување.
– Тоа за нас повозрасните не е проблем. Малку покрај Вардар, накај карпите, малку вака во кафеанче под дебелата сенка и не ни требаат клима-уредите. Ама на младите им требаат, тие мора да ги вклучат, така што мене, на пример, сметките за струја за летните и за зимските месеци ми се со приближно ист износ, со тоа што зиме се грееме на дрва, а клима-уредите ни се само за догрејување – калкулира тој.
Објаснува и дека, ако, како што вели, реално се погледнат работите, во Демир Капија секогаш има природно ладење од ветренцето што постојано дува поради мешањето на континенталните и на медитеранските струи.
– Нам повозрасните ни е доволно и ветренцето за да се разладиме, но младите сакаат да седат внатре, покрај клима-уредите – констатира тој.
Тоа го потврди и неговиот „идеолошки противник“ Илиев, инаку енергетичар по струка и управител на малата хидроелектрична централа „Дошница“, која се наоѓа на истоимената рекичка во близината на градот, или „човек-централа“, како што го нарековме откога ни раскажа дека по сите можни рестрикции во компанијата, тој останал единствениот вработен во централата.
– Новите генерации треба само малку да излезат од нивниот имагинарен свет и да се приспособат на реалните услови во кои живеат, како што го прават и го правеа тоа сите претходни генерации. Веќе и со самото тоа можат да се остварат големи заштеди на енергијата, иако, според мене, енергетска криза во Македонија не би требало да има доколку се земат предвид бројот на сончевите денови и вкупната површина на покривите во земјава, кои би можеле да се опремат со соларни панели, на пример. А каде се другите потенцијали, но некому му одговара да се зборува и да има криза. Тоа е ситуацијата за која се „заслужни“ сите досегашни влади – објаснува Илиев.
И тој, како многу поголеми ги наведува проблемите на депопулацијата и на замирање на земјоделството. Првиот го илустрира со тешкотиите со кои се соочува при обидите за подмладување на локалниот кајакарски клуб на чие чело се наоѓа, а вториот со необработените или полуобработените земјоделски површини за што, исто како и нашиот претходен соговорник, ја обвини лошата политика на субвенционирањето.
Жештините за нив се помалиот проблем.
Но од другата страна на импозантните карпи, малку појужно, во селото Клисура, каде што веќе, исто како и во значителен дел од Македонија, доминира медитеранска клима, а доказ за тоа се и расцутените кактуси на тамошните ритчиња, многу потешко ги доживуваат жештиниве.
– Зиме некако и ќе се стоплиме, но лете веќе не знаеме како да се ладиме – вели нашата домаќинка Добринка, која пред половина век од Грделичката Клисура во јужна Србија, како млада невеста дошла во Демир Капија, а сега, во мошне добра форма трошејќи ја осмата деценија од својот живот, заедно со сопругот, се нашла во трошно живеалиште на богатиот селски имот зад клисурата.
На прашањето како се справува со жештините, одговара со добродушен поглед и со сочни пцости на српски.
– Кога ќе фати жешкото, веќе не знаеш ни каде да застанеш. Се боде и поткаснува – вели таа, прашувајќи дали попатно сме наишле на змии и дали сме ги виделе, повеќе или помалку познатите полиња со кактуси, за кои подоцна се уверивме дека не растат во полињата, туку на ридовите.
А тие, не само што растат туку и цутат со прекрасни жолти цветови, независно од тоа дали нивното семе било донесено од птиците преселници или некој тука ги посеал, што на одреден начин ги потврдува теориите дека климата во Македонија полека, но сигурно се менува и дека можностите и трошоците за разладување во летните месеци, веќе, не би требало да се потценуваат.
За потсетување, во јули минатата година беа измерени највисоките температури низ Земјината топка. Што се однесува до Македонија, податоците на Управата за хидрометеоролошки работи, каде што официјално ги мерат температурите од 1948 година, македонскиот рекорд бил постигнат во јули 2007 година, кога во Демир Капија биле измерени 45,7 степени Целзиусови.
Инаку, според последната прогноза на глобалната метеоролошка служба „Акуведер“, на Европа ѝ претстои пеколно жешко лето, кое најизразено ќе биде на Балканот.
– Жештините во текот на претстојното лето би можеле да имаат директно влијание врз милиони Европејци во форма на повисоки трошоци за разладување, и тоа во услови на енергетска криза – оценуваат метеоролозите на „Акуведер“.
Слично на минатото лето, градовите низ целиот Балкан, според нив, оваа година би можеле да очекуваат повеќе денови со или над температури од 32 степени Целзиусови во однос на долгорочниот просек, при што во прогнозата се присутни и најавите за чести и силни фронтови на краткотрајни грмежи и врнежи, кои би можеле неповолно да се одразат врз инфраструктурата и земјоделството.
Д.М.М.
Фотографии Маја Јаневска-Илиева