ЗЕЛЕНАТА Е НАЈУБАВА БОЈА
Драги деца, пролетта е време за уживање во сите убавини што ги носи таа. Но за уживањето да биде комплетно, направете и сами нешто убаво, со предзнакот еколошко. Во својата домашна градина, на терасата или заедно со другарчињата во училишниот двор посадете цвеќе, дрво или цветна грмушка. И самите ќе се уверите колку е убаво кога ќе гледате како едно мало кревко растение од ден на ден добива сѐ поголема сила и расте, зазеленува, процветува и дава плод.
Исто е и во животот, па децата секојдневно растат, вишнеат, учејќи како да станат добри луѓе, корисни членови на општеството и носители на промени, кои нивниот и животот на другите луѓе ќе ги направат уште повредни.
Сигурно веќе знаете дека зборот екологија, кој прв го вовел германскиот биолог Ернст Хекел, потекнува од грчките зборови: оикос, што значи дом, куќа, и логос, што значи наука. Поточно, екологијата е наука за домот, а тој за сите луѓе е еден – планетата Земја.
Е па, тогаш, како што секој од нас се грижи за својот дом, така, ако веќе не сме го сториле тоа, да почнеме и со нашата животна средина да се однесуваме исто така грижливо, со многу љубов и посветеност.
Но еколошките секции во училиштата исто така треба со помош на наставниците да работат на конкретни проекти за издигање на еколошката свест на учениците, но и на возрасните.
Затоа искористете ја пролетта и со своите „зелени“ училишни тимови размислувајте како да ги осмислите своите активности како вистински екологисти.
Првачињата од „Ј.А. Коменски“садеа дрвја
Наставниците и учениците од ООУ „Јан Амос Коменски“ во Скопје, минатата недела беа дел од една таква екоакција, реализирана со поддршка од Општина Карпош и со хумани донации. Во дворот на ова основно училиште беа засадени 11 македонски чинари, во соработка и под покровителство на Општина Карпош.
Директорката на ООУ „Ј.А. Коменски“, Маја Старова, ја истакна важноста на организирањето вакви акции.
– Денеска и нашите ученици беа дел од акцијата на засадување дрвја во училишниот двор и тоа за нив е еден вид едукативна работилница, ги насочува кон вистинските вредности, со порака дека треба секој граѓанин да даде придонес во зачувувањето на животната средина. Односно, на овој начин се потенцира важноста на заедничкото дејствување и грижата за прашањата од општ, јавен интерес – рече Маја Старова.
Книга за секој ученик
Познатиот македонски писател Киро Донев на децата што беа вклучени во акцијата за засадување на дрвјата, учениците од прво до петто одделение, им подари свои книги, издание на „Македоника литера“.
– Имаме богатство што треба да го чуваме и негуваме, имаме јазик и писмо што нѐ прави единствени и свои, а најдобар начин да го направиме тоа е преку будењето на свеста кај децата, па и кај возрасните, за моќта на јазикот. Уште од најмала возраст да им го облагородуваме духот на децата со убава и весела мисла и да им ги отвориме вратите на волшебниот свет на поезијата и на прозата – кажа Киро Донев.
Тој дополни дека во ова време-невреме се потребни вакви акции во училиштата, посветени на екологијата и на едукација на децата да ја чуваат природата.
– Самиот сум голем љубител на природата, а живиот свет околу нас е постојано присутен во моите дела, како и пораките за негово зачувување. Исто така ние возрасните треба да сториме сѐ, децата, кои се нашата иднина, да живеат во здрава средина. Благодарам што ме поканија да бидам дел од оваа акција и се надевам дека и во другите училишта ќе продолжи оваа активност – вели Киро Донев.
Познатиот детски писател ја потпиша секоја подарена книга, а приреди и мал рецитал со своите песни. Комуницираше со децата, се пошегува со нив, им кажуваше гатанки, а ја прочита и својата песна „Ода на детството“.
Да ја развиеме љубовта кон природата
На засадувањето на чинарите присуствуваше и градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски.
– Имаме убав повод да се дружиме заедно и да дадеме придонес во раззеленување на нашата општина. Наедно упатувам голема благодарност за донацијата до групацијата „Аутомотив груп“. Целта на овој настан, драги деца, е кај вас да се всади љубовта кон природата, здравата животна средина и нејзиното зачувување, а со присуството на писателот Киро Донев се надевам дека кај вас ќе се поттикне и љубовта кон читањето. Се надевам дека соработката со ова и со другите училишта во Карпош ќе продолжи – изјави Стевчо Јакимовски.
Истиот ден и во ООУ „Петар Поп Арсов“ во Карпош 4 беа засадени и 19 високоразвиени садници од видот липа, бел јасен и јавор во училишниот двор.
М.Т.
Еколошка песна
Што е чуден овој свет
овде отпад, таму смет
нигде цвеќе, трева, лад
тешко дише стар и млад.
Мртви реки и пуст брег
кисел дождец и црн снег.
Екоѕвоно на глас бие
што сторивте луѓе вие?
Од земјата мајка наша
направивте црна каша.
Киро Донев
Екозанимливости
- Дрво старо 100 години создало онолку кислород колку што му е потребно на еден човек за 20 години
- Од фрлената хартија и дрво досега, пет милиони дома би се грееле 20 години.
- Еден хектар иглолисна шума има способност да апсорбира 32 литри прав, а ако шумата е букова апсорбира 45 литри прав.
- Еден тон рециклирана хартија спасува 17 израснати дрвја.
- Еден кубен метар воздух во шума содржи 200-300 бактерии, додека во истиот волумен воздух во големите градови има 250 пати поголем број бактерии.
- На Земјата секоја година се уништуваат шуми со површина колку Австрија.
Ако си во право – да насадиш дрво!
Вчера, сите што учиме во ПРВО, во училишниот двор си посадивме ДРВО! Од година, кога ќе бидеме во второ – уште по едно дрвце ќе насадиме во дворот!
И сѐ така додека не стигнеме до петто… Ќе си имаме шумичка – најнаша на светот!
Ќе вишнеат дрвцата со најразлични крошни… Дрвца – зимзелени, листопадни – овошни… А под нив – ние, разиграни, насмеани. Над нас – птици, загнездени – распеани…
На едно место и зоологија и биологија.
Со еден збор – супер екологија!
Навистина не знам дрвцава кому му пречат, па наместо да ги садат – ги кршат и сечат!
Дедо ми вели дека дрвјата се слични со воздухот и водата и дека тие биле „белите дробови на природата“!
Освен тоа, ми вели – дебели сенки што прават, а оние што се родни дрвца – и вкусни плодови ни даваат! Но родните и неродните заедно – кислород создаваат!
И не само што дедо ми мисли, нели, така, туку и еден чичко поет за дрвјата напишал вака:
Кај ќе најдеш згодно место –
таму дрвце насади…
Дрвцето е благодарно –
и тоа ќе те награди…
Му ја кажав песничката на дедо, а тој ми вели:
– Тој чичко поет, Васко, е сосема во право, нели! Треба да се садат дрвца од секакви видови. Крај патишта, во дворови, на голини и на ридови… Треба да се пошумат сите голи падини. Да се садат лозја и овошни градини… Без шуми и градини не личи ни природата. Тие ни ги пречистуваат и воздухот и водата. И други благодати дрвјата ни нудат. Од нив се прави мебел и за огрев ни служат. Но само старите дрвја и оние што „пречат“, штом ќе дојде време – треба да се сечат…
(Расказ од книгата „Од дневникот на Васко Пикаско и Зорка Сештозборка“ на Киро Донев)
Убавината на планината
Еднаш прочитав една ваква мисла од еден чичко писател:
– Без чиста вода и здрав воздух во природата, не ни вреди ни животот ни слободата… Тоа е така, но има уште една вистина:
Ако сакате да видите и да доживеете вистинска природна убавина, појдете барем еден ден – високо во некоја планина! Во годината, во сите годишни времиња – најраскошна е планината.
Напролет ќе те исполнат со мирис и среќа – најразновидните, непознати цвеќа.
Во лето ти ги нуди планината – жуборот на водите и спокојството на ладовината.
Во есен – жолто злато и разни шумски плодови низ кориите и крај патот!
Зиме, пак, и планината си ја покажува дивината…
Ќе прашате, од каде сето ова го знам? Зошто да кријам, ќе ви кажам без срам. Дедо ми е учител во пензија. Тој е жива енциклопедија и јас секогаш го слушам со љубопитство и со внимание.
Последниот викенд го минав со него во планина. Бевме на Беласица, во неговиот роден крај. Собравме разни плодови, за компоти и за чај.
Да бидеш на „час по природа“ со дедо е вистинско задоволство, привилегија и протекција. Еве неколку „извадоци“ од неговата последна лекција:
– Се чини луѓето, Зорке, не знаат „ветерот од каде дува“. Планината и сѐ што е во природата – мора да се негува и да се чува! А, еве, гледам дрвјата неконтролирано се сечат. Потоците и реките ѓубришта разни влечат. Излетниците во природата воопшто не внимаваат. Отпадоци од сешто насекаде оставаат… Со еден збор би кажал, но не знам колку вреди: Човекот си ја сече гранката на која седи! Природата, Зорке, ни дава, но и од нас треба нешто да прима… За оние што ќе дојдат по нас, по нешто од неа да има!
(Од книгата „Моите приказни“ на Киро Донев, издание на „Македоника литера“)