Насоките за политики за Република Македонија во 2022 година се фокусираат на обезбедување поддршка на ранливите домаќинства и компании на краток рок и на консолидација на Буџетот на среден рок. ЕУ одлучи да преземе поголема одговорност за својата безбедност, како и натамошни одлучни чекори кон градењето отпорност во Европа. Ова значи намалување на зависноста, дизајнирање нов модел на раст и инвестиции за 2030 година, а исто така и развој на поголема енергетска диверзификација. Нашите партнери се поттикнати да го следат овој пример, истакна евроамбасадорот Дејвид Гир на денешната заедничка прес-конференција со министерот за финансии Фатмир Бесими.
На прес-конференцијата Гир и Бесими ги презентираа заклучоците од Економскиот и финансиски дијалог меѓу ЕУ и Западен Балкан и Турција, што беа усвоени во Брисел на 24 мај 2022 година, по што почнаа подготвителните активности за следната Програма на економски реформи (ПЕР) за периодот 2023-2025 година.
-Градењето економска отпорност на подолг рок ќе се постигне преку забрзување на зелената и дигитална транзиција на Западен Балкан и Турција, како и со соодветно користење на финансиската поддршка од ЕУ преку Инструментот за претпристапна помош и Европскиот фонд за одржлив развој плус. Во услови на голема неизвесност од состојбата со пандемијата и влијанието на руската инвазија врз Украина, подготвеноста за обезбедување добро насочена, транспарентна и привремена поддршка за ранливите домаќинства и компаниите, доколку е потребно, е неопходна-се вели, меѓу другото, во заклучоците.
Препораката е, откако економијата ќе закрепне, на среден рок, фискалната политика сè повеќе да се фокусира на намалување на дефицитот и долгот и на обновување на фискалните бафери.
Како што беше речено на прес-конференцијата, приоритетните структурни реформи договорени на Дијалогот вклучуваат брзо воведување фискални правила и формирање Фискален совет, што се заснова на напредокот постигнат при подготовката на новиот Закон за буџети, на имплементацијата на Стратегијата за реформа на даночниот систем со мерките за зголемување на приходите, како и на подобрувањето на управувањето со јавните инвестиции. За заздравувањето ќе придонесат и натамошните напори за справување со корупцијата, подобрување на владеењето на правото, зајакнување на транспарентноста и зајакнување на институциите и социјалниот дијалог.
Претставници на земјите членки на ЕУ, министрите за финансии на Западен Балкан и Турција, Европската комисија и Европската централна банка, како и претставници на централните банки на Западен Балкан и Турција се состанаа на почетокот на оваа недела во Брисел во рамки на годишниот Економски и политички дијалог. Дијалогот има за цел да ги подготви Западен Балкан и Турција за нивното идно учество во Европскиот семестар, што е највисоко ниво на координација на економската политика на Европската Унија.
Заменик-министерот за финансии, Филип Николоски и заменик-гувернерката на Централната банка, Емилија Нацева ја претставуваа нашата земја во Брисел.