Со случувањата на црковен план изминативе десетина дена целосно е поразена и разобличена бугарската стратегија за негирање на македонскиот народ, неговиот јазик, идентитет и историја, бидејќи Вселенската патријаршија, признавајќи ја Охридската архиепископија, го призна македонскиот континуитет многу подолго од она што се обидува Софија лажно да го промовира пред меѓународните партнери. Без оглед што црквата и црковните прашања се одвоени од државата, сепак, не може да се занемари политичкиот контекст кога се случува ова признавање, но и самото значење на признавањето, кое де факто значи признавање на основните атрибути на секоја суверена држава – територија, идентитет, народ, јазик
Македонскиот збор сега и преку црквата ќе одекне низ целиот свет
Најновите случувања со признавањето на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија фрла една нова светлина и врз преговорите со Бугарија, бидејќи самата автокефалност значи и признавање не само на црквата туку и на народот што ѝ припаѓа на таа црква, но истовремено и на неговиот јазик, македонскиот, на кој ја слуша и разбира Божјата реч. Според многумина аналитичари, признавањето на автокефалноста значи голема победа на македонската национална посебност. Несомнено ова е директна потврда најпрво од вселенскиот патријарх Вартоломеј, а потоа и од Српската православна црква, кои јасно ставија до знаење дека на територијата на Македонија постои посебна црква што ја шири верата меѓу македонскиот народ, на македонски јазик.
Без оглед што црквата и црковните прашања се одвоени од државата, сепак, не може да се занемари политичкиот контекст кога се случува ова признавање, но и самото значење на признавањето, кое де факто значи признавање на основните атрибути на секоја суверена држава – територија, идентитет, народ, јазик.
Оттаму со случувањата на црковен план изминативе десетина дена целосно е поразена и разобличена бугарската стратегија за негирање на македонскиот народ, неговиот јазик и неговата историја, бидејќи Вселенската патријаршија, признавајќи ја Охридската архиепископија, го призна македонскиот континуитет многу подолго од она што се обидува Софија да го промовира пред меѓународните партнери, дека Македонија е коминтерновска творба по Втората светска војна, со присилно однародени Бугари, кои, наводно, говорат на некаков јазик што е дијалект на бугарскиот.
Ако до вчера македонскиот јазик на црковен план можеше да се слушне само во црковните храмови низ земјава и во дијаспората, сега македонскиот збор ќе се слушне и во молитвите и литургиите во Цариград, но и во заедничките богослужби со свештениците од сите православни цркви што ја прифаќаат македонската автокефалност.
Заслугата за ова историско постигнување ја имаат МПЦ-ОА, нејзините владици и свештеници, а особено македонскиот народ, кој во ниту еден момент низ годините не ја напушти и не ја изгуби верба во својата црква, иако таа беше отфрлена и непризнаена од православното семејство. Изјавите на одредени политичари дека нивна била заслугата за решавање на повеќедеценискиот црковен спор е само обичен политички маркетинг и китење со туѓи перја.
– Народот беше оној клучен фактор што никогаш не отстапи од својата црква колку и да беше оспорувана. Доделување томос е круна на овој пат, треба да видиме каков томос ќе добие од Вселенската патријаршија како мајка црква. За секоја црква тој е различен… Умешноста на нашата црковна дипломатија треба да дојде до израз при дефинирањето на тој томос што ќе ѝ биде доделен на МПЦ – вели Бранко Ѓоргески, новинар и добар познавач на црковните состојби.
Она што е особено важно, тоа е дека сега Македонија се наоѓа во една поинаква позиција во однос на Бугарија, со дополнително потврден идентитет и јазик, што значи дека и на самите Бугари им е кристално јасно дека нема политичар во земјава што би се осмелил да преговара за нешто што е најсвето за секој народ, неговиот идентитет и јазик, сето тоа сега забетонирано со признаена автокефална црква. Тоа им е повеќе од јасно на интелектуалците, граѓаните и интелигенцијата во Бугарија што не се затруени со политика.
– Ветото и „рамковната позиција“ се тумор што нè убива нас, а не Македонците. За да преживееме, императив е да си наметнеме радикален третман: да најдеме начин да го укинеме ветото без да извршиме проруски пуч; отфрлање на „рамковната позиција“; и долг последователен третман на јавното тело – порачува Евгениј Дајнов, професор по политички науки на Новиот бугарски универзитет, во колумна за бугарскиот весник „Дневник“, појаснувајќи зошто смета дека е погрешен бугарскиот став кон Македонија.
Тој уште додава дека срамното вето и последователната „рамковна позиција“ на парламентот наметнати од ГЕРБ-ВМРО за Македонија се отров за бугарското општество и државност.
– Внесовме нова капсула новичок во јавното тело, која продолжува да се распаѓа и да прска со својот отров во сите нас – истакнува Дајнов.
За новата реалност и прифаќањето на МПЦ-ОА како посебна црква, различна од Бугарската, е свесен и црковниот аналитичар и историчар д-р Горан Благоев.
– Бугарската православна црква ќе мора да ја признае македонската како една од многуте православни цркви во светот, а не како единствената со која има директно заедничко историско минато – вели Благоев.
Според него, речиси никој во православниот свет нема да биде импресиониран од претензиите на Бугарија за името Охридска архиепископија.
Поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор Ивица Боцевски смета дека со признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА се признаени македонскиот народ и неговиот јазик.
– Со одлуката за признавање на автокефалноста е признаена црквата, но и македонскиот народ и македонскиот јазик. Бугарија имаше златна шанса во 2017 година со потпишувањето на Договорот за пријателство и соработка да направи значителен исчекор кон Македонија. Тој исчекор ќе значеше да го стореа сето она што Србија го стори уште за време на Втората светска војна, во 1944 година, признавајќи ја самобитноста на македонскиот народ, јазикот на кој говори тој народ, како и неговото право за сопствена македонска држава. Тоа беше заокружено со признавањето на автокефалноста од страна на СПЦ на МПЦ-ОА – вели Боцевски.
Тој смета дека ако Бугарија направеше ваков исчекор во 2017 година и таа ќе добиеше признание и братско чувство од Македонците.
– Наместо тоа, Бугарите решија целото приближување меѓу двете земји и двата народа овие 30 години да го урнисаат заради нивни внатрешнополитички причини. Денес македонско-бугарските односи се полоши од кога било, вклучувајќи го и периодот кога Македонија беше дел од поранешна Југославија – истакнува Боцевски.
Според него, во овие три децении, доколку Грција и Бугарија ѝ беа вистински ментори на Македонија, сите ќе бевме многу напред, а народите ќе имаа многу поголема доверба.
– Сега прво ни треба еден детант со Бугарија, а потоа да се седне повторно, но да се седне искрено и да се разговара за нормални работи. Ова што сега го бараат нема никаква смисла – заклучува Боцевски.
Владиката Тимотеј само кратко прокоментира дека штом се споменува МПЦ, тогаш е јасно за кој јазик и кој народ станува збор.
– За нашата црква никогаш не било проблем кои сме и што сме и на кој јазик зборуваме. Нема потреба да се занимаваме со Бугарија, ние зборуваме со Србија, која никогаш не го оспорувала нашето национално и јазично прашање – истакна Тимотеј.
И РПЦ среќна поради признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА
Признавањето на автокефалноста на црквата во С. Македонија од страна на Српската православна црква е радосен настан, за кој се очекува да се разговара на следниот состанок на Светиот синод на Руската православна црква, изјави заменик-претседателот на Одделот за надворешни односи на Московската патријаршија, протојереј Николај Балашов.
– Се радуваме заедно со нашите браќа Срби и Македонци. Овој настан го чекавме многу години. И сега дојде часот на Божјата волја. Верувам дека Светиот синод на Руската православна црква ќе даде соодветен одговор на својот следен состанок – рече Балашов за ТАСС, во врска со завчерашното обзнанување на српскиот патријарх Порфириј на заедничката архијерејска литургија во соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје дека Светиот архијерејски собор на СПЦ едногласно решил да го признае автокефалниот статус на Македонската православна црква – Охридската архиепископија.