Размерот на кирилометодиевската мисија во Моравија, која резултирала со поширока афирмација на словенскиот јазик во Европа, не се совпаѓал со првичните дипломатски цели на Византија. Дотолку повеќе што тоа создало основа за создавање посебна политичка култура на словенската елита, што не било византиска намера
Во 11 век, Црквата го прогласила 24 мај (11 мај по стар стил) за ден на светите просветители Кирил и Методиј. Овој датум е избран бидејќи го означува почетокот на Моравската мисија. За да не бидат повиени во превезот на заборавот, светителската слава и споменот за двајцата просветители, значење има токму светителскиот култ на Св. Климент Охридски и независната јурисдикција на Охридската духовна и книжевна школа. Во тој прилог се и најстарите зачувани насликани портрети на Св. Констатин-Кирил и Методиј, а покрај нив уште и на Св. Климент Охридски, во фрескосликарскиот ансамбл на црквата „Св. Софија“ во Охрид од околу 1045 година, како и на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, Преспа, од 1191 година.
Во однос, пак, на сесловенскиот атрибут на мисионерската дејност на браќата Кирил и Методиј, клучна е нивната мисија што ја реализирале во словенското кнежевство Моравија (863). Оваа мисија е важна за сите словенски народи и е опишана во познатата папска енциклика „Grande Munus“ (1880, влијанието на Штросмаер). На 30 септември 1880 г., папатa Леон XIII го објавил споменатото писмо со кое го вовел чествувањето на Светите Кирил и Методиј во целата Католичка црква, заради нивното ширење на христијанското учење среде словенските народи и нивното описменување. Во ова папско писмо, од повеќето податоци за мисионерската работа на браќата, впечаток прави досегот на нивната дејност – „Моравија, Бохемија, Панонија, Босна, Галиција сè до Киев и Московското Кнежевство, опфаќајќи ги Либурните и Србите… Панонците… Бугарите… Далматинците… Карантанците“, накратко од Словачка до Украина и Русија, како и целиот словенски Балкан. Севкупната мисионерска и културна работа на браќата Кирил и Методиј, им ги донела именувањата и епитетите Еднакви на Апостолите, Апостоли на Словените и Заштитници на Европа.
Најстариот од седумте деца на угледните солунци, Лав и Марија, Методиј е роден околу 815 година, а најмладиот Константин во 826/27 година. Нивното познавање на словенскиот јазик, посведочено лично од византискиот император Михаил III (842-867), како и нивната подоцнежна управителска и мисионерска дејност меѓу Словените, упатува на нивното, најверојатно, словенско потекло.
Фактот што браќата потекнувале од македонска земја, каде што во изминатиот период се одвивала активна интеракција помеѓу Македонците и Словените, несомнено ги правело најпогодни личности за византискиот двор при реализирање мисии во истоветната средина во Македонија.
Првата воено-дипломатска мисија на солунските браќа, Брегалничката мисија имала за цел ширење на византиската политичка идеологија, заснована на христијанството како симбол на императорската власт, во време на непосредна опасност од зајакнатата средновековна бугарска држава. Според изворните податоци, токму тука, заради реалните потреби на населението, по неколкугодишна дејност на браќата, а пред сè на Константин била создадена првата словенска азбука (855 г.), позната како глаголица. Во нејзината основа се поставени јужномакедонските говори од околината на градот Солун (Сухо, Велика и Зарово). Константин составил и повеќе „книги на словенски јазик“, а во христијанска вера вовел мноштво Словени, чија бројност во „Краткото Кирилово житие“ е регистрирана на 54.000 луѓе. Токму заради споменатото, треба да напоменеме дека исклучително во македонската народна традиција се задржале споменот и славата за сесловенските просветители Св. Константин-Кирил и Методиј, што во други околни средини нема такви случаи.
Во текот на наредните години, Константин и Методиј се посветиле на усовршувањето на словенската азбука и на преведувањето книги на словенски јазик на планината Олимп (во близината на Константинопол), додека нивниот мисионерски потенцијал бил користен од византиската дипломатија. Клучната мисионерска дејност браќата Константин и Методиј ја реализирале во словенското кнежевство Моравија, почнувајќи од 863 г., претходно дополнувајќи ја и приспособувајќи ја за потребите на Моравците создадената азбука во Македонија. Оваа мисија е важна и за иднината на сите Словени. Иницијативата за оваа мисија ја дал моравскиот кнез Ростислав, кој за да ја стабилизира својата држава на политички план преземел мерки за решавање на црковното прашање. За организација на црквата во својата земја тој побарал помош од Византија. Имено, побарал да му испратат луѓе што ќе го проповедаат Божјото слово на разбирлив словенски јазик. Уште барал и епископ што би ја организирал црквата да стане самостојна во однос на Рим. Но и Византија имала свој интерес, па во тоа време на заострување на односите во самата христијанска црква, а за да не дојде до натамошен раскол, му испратиле само учители мисионери, а не и епископ.
Тие мисионери биле Кирил и Методиј. Во Моравија, Кирил и Методиј биле пречекани со воодушевување од страна на кнезот Ростислав, но и со жесток отпор од страна на германските свештеници. Тие ги обвинувале солунските браќа затоа што службата ја изведувале на словенски јазик, тврдејќи дека Божјото слово треба да се проповеда само на три јазици: еврејскиот, грчкиот и латинскиот. Поради ваквите пречки во работата, Кирил и Методиј тргнале за Рим со намера лично пред папата да ја образложат својата дејност и да ги оспорат многуте клевети. На патот кон Рим минале низ Панонија (исто така, словенско кнежевство), каде што кнезот Коцел бил одушевен од нивната служба и посакал и во неговото кнежевство службата да се изведува на разбирлив словенски јазик. Потоа, стигнале во Венеција, каде што Кирил имал остра полемика во одбрана на правото сите народи, така и на Словените на свој јазик да ја изведуваат богослужбата. „Не врне ли дожд од Бога еднакво за сите? А сонцето не грее ли исто така за сите? Зарем не дишиме воздух сите еднакво? Па, тогаш, како не се срамите да признаете само три јазика, а сите други народи сакате да бидат слепи и глуви?“, им рекол Кирил, додавајќи дека и Персијанците, Ерменците, Арабјаните, Хазарите и другите народи го проповедаат словото Божјо на свој јазик и дека е незамисливо, дури и апсурдно тоа да се прави на јазик неразбирлив за верниците. Во Рим, браќата биле пречекани со голема свеченост, уште повеќе затоа што со себе носеле дел од моштите на папата Климент I. Поради мудроста и пожртвуваноста на Константин и Методиј, поради нивната мисија за ширење на христијанството и поради честа што му ја направиле на починатиот папа Климент I, папата Адријан II го ракоположил Константин за свештеник, давајќи му го името Кирил, а неговите ученици за презвитери и ѓакони. На Кирил му било дозволено да изведе богослужба на словенски јазик, црковните книги што биле преведени на словенски јазик и писмо биле оставени на поклонение во еден од римските храмови, а преводот на Библијата бил осветен од Папата, кој дозволил во Велика Моравија и Панонија да се изведува богослужба на словенски јазик. Во Рим, Константин тешко се разболел, педесетина дена по замонашувањето, во февруари 869 г. починал.
Неговото тело со високи верски почести било положено во црквата „Св. Климент“ во Рим каде што се наоѓа и денес. Методиј, со архиепископски чин, се вратил во Велика Моравија за да продолжи со мисијата. Заедно со своите ученици, дејноста ја вршел со големи тешкотии поради силниот притисок од германските духовници, сѐ до смртта во 885 година. Размерот на кирилометодиевската мисија во Моравија, која резултирала со поширока афирмација на словенскиот јазик во Европа, не се совпаѓал со првичните дипломатски цели на Византија. Дотолку повеќе што тоа создало основа за создавање посебна политичка култура на словенската елита, што не било византиска намера. Тоа непосредно дошло до израз во Македонија, каде што Кирило-Методиевото наследство се инкорпорирало во дејноста на нивните врвни ученици Климент и Наум, кои во текот на последните децении од IX и во почетокот на X век развиле опсежна духовна и културно-просветителска дејност во родната земја, која во актуелниот момент се наоѓала под бугарска власт. Независно од тоа, Климент и Наум од градот Охрид и неговата околина создале средиште на словенското просветителство и христијанство, односно познатата Охридска книжевна школа, во која се образовале околу 3.500 ученици. Оваа високообразовна школа, прва во словенскиот свет, доследно се придржувала до изворната кирилометодиевска традиција, односно се употребувала глаголската азбука во писменото општење.
Треба да се истакне дека кодифицираниот старословенски јазик што проникнал од изворот на македонската народна словенојазична основа, во натамошниот развој почнал да се прифаќа како општословенски и богослужбен и книжевен стандардизиран јазик. Затоа и функционално тој бил приспособен на општословенската јазична основа, а тоа станало и историски предуслов уште на почетокот на втората половина на IX и во X век старословенскиот јазик да не се прифаќал како туѓ јазик во словенските средини, каков што бил односот кон византискогрчкиот или кон римолатинскиот јазик.
Пред еден милениум, во 855 година (безмалку 1200 години) е создадена првата словенска азбука – глаголица, во Македонија, која била во составот на Источната Римска Империја (Византија). Секој 24 Мај, празникот во чест на светите браќа Кирил и Методиј, сесловенските просветители и учители и основачите на првата словенска азбука, кој е државен македонски празник, се потврдува дека делото на солунските браќа е историски настан од светско значење.
Наташа Котлар-Трајкова
Авторката е историчарка, универзитетска професорка при Институтот за национална историја