Денес имаме морално право да ги повикаме институциите на македонската држава да дејствуваат во склад со својот признат и познат словенски и македонски културен код, кодот на знаењето и науката, творештвото и уметноста, духовноста и просветата
Историјата е врежана во културната меморија, без којашто не би имало никакви препознатливи и агилни идентитети. Дваесет и четврти мај е ден кој ги обединува, макар комеморативно и симболично, сите словенски народи без коишто се незамисливи европската историја, култура и современост.
Денес е Ден кој нè потсетува дека словенските народи некогаш во минатото биле обединети јазично, верски и културно. Денес е ден кој нѐ навраќа во помнењето на архетипот на Вавилонската кула што јас ја препознавам во јазичната култура на словенските народи кои споделувале заедничко писмо (глаголицата, кирилицата) и заеднички општословенски црковен јазик, што ги правело да бидат влијателни и фасцинантни, толку што да побудуваат зазор кај владејачките кругови во тогашните европски империи сѐ додека не почнал процесот на нивното фрагментирање и отуѓување.
Еден значаен дел на современата европска цивилизација, во чиишто рамки словенските културни традиции и системи играат важна улога, може да се посматра како парабола на вавилонската кула на стариот општословенски јазик од којшто произлегле денес живите словенски јазици – источнословенските, западнословенските и јужнословенските.
Колку и да се упорни обидите да се постави јазикот на македонските Словени во сенка на бугарската интерпретативна матрица, неспорен е фактот дека врз неговите основи е кодифициран општословенскиот, црковнословенскиот и старословенскиот јазик во 9 век, токму од страна на светите браќа Кирил и Методија. Само една богата јазична традиција, каква што била онаа на македонските Словени од Солунско и од беломорска Македонија, но и на сите христијанизирани словенски народи во Европа (во византиските и вонвизантиските граници), можела да биде темел на една, импозантна по опфат и по дострел, сесловенска јазична, црковна, книжевна, образовна, библиотекарска, преводна и друга практика.
И дванаесет века подоцна, споменот на заедничките јазични корени ги исполнува одделните јазични, културни и национални идентитети со чувство на споделена припадност на поширок културен ареал.
Заедничкото писмо во минатото и денес е индиција за едно заедничко културно помнење, за еден јазичен незаборав кој е отаде единечните лични желби и намери. Постоењето мрежа на современи словенски јазици е свидетел за нивната генеза, за нивните длабоки јазично-историски темели и признак за моќта на јазичната култура.
Во современа Европа на разнородни култури, комуникацијата меѓу народите со сроден јазичен и културен код се остварува не само со леснотија туку и со особен квалитет на задоволство во препознавање на сродноста. Затоа, наместо меѓусебни оспорувања и изолации, наместо националистички и хегемонистички импровизации во читањето на историјата и на споделените места на меморија, словенските народи кои се неразделен дел од Европа, но и праг кој ја двои и ја поврзува Европа со Азија и со Медитеранот, треба да ги зајакнеме заемната доверба и комуникација.
Културната размена нема замена, исто како што не ги порекнува и другите облици на комуникација меѓу народите. Каков и да е поводот, добар е кога оди во прилог на јакнење на меѓусебната доверба, соработка и соживот меѓу јазично и културно блиските народи.
Светите мисионери и браќа Кирил и Методиј во 1980 година се прогласени за симбол – заштитник на Европа. Европскиот дух повторно е под заштита на заедничките сесловенски фигури на меморија. Цивилизациски гледано, ЕУ денес се стреми кон европското заедништво што нашите културни отци, Светите Кирил и Методиј, го имаат промовирано меѓу словенските народи уште пред еден милениум, поточно кон средината на 9 век. Уште поиронично е што ние самите се поставуваме под нивото на културната мисија на светите браќа, кои црковнословенскиот јазик го издигнаа меѓу првите четири свети јазици на коишто се толкувало, пишувало и се служело Светото писмо.
Затоа, денес имаме морално право да ги повикаме институциите на македонската држава да дејствуваат во склад со својот признат и познат словенски и македонски културен код, кодот на знаењето и науката, творештвото и уметноста, духовноста и просветата.
Затоа, денес е насушно потребно национално и стратешко единство, за Македонија да се отвори за канонски призната црковна комуникација и мисија која ќе го легитимира континуитетот на Охридската архиепископија и нејзината припадност на македонската историја, современост и држава.
Катица Ќулавкова
Авторката е академик при Македонската академија на науките и уметностите