Според написи на професорот Васил Златарски, станува збор за две писма напишани во 1814 и 1815 година, од страна на Мано Х. Петков. Првото писмо е пишувано на „чисто велешко наречје“, а второто на мешан јазик, односно „народно наречје со литературни црковнословенски изрази“.Токму овие пишани документи ги потврдуваат македонските јазични особености
Од историските архиви
По укинувањето на Охридската архиепископија во 1767 година, македонскиот народ ја изгубил единствената институција во Османлиската Империја преку која можел да ги заштитува и негува сопствените особености. Оваа состојба била искористена од Цариградската патријаршија и фанариотите, кои започнале да го шират грчкото влијание во Македонија. Како резултат на тоа, во првата половина на 19 век, во сите поголеми градови во Македонија постоеле училишта во кои наставата се одвивала на грчки јазик. Во 1806 година, цариградскиот патријарх Григориј Петти им наредил на своите митрополити да го шират грчкиот јазик во Македонија, бидејќи во надлежност на Цариградската патријаршија спаѓала и просветата. Меѓутоа, и покрај силното грчко влијание, неколку историски сведоштва потврдуваат дека Македонците во секојдневниот живот и меѓусебна комуникација го користеле македонскиот народен јазик, кој поради историските околности сѐ уште немал своја литературна форма.
Во 1929 година, во списанието „Македонија“ беше објавен еден интересен натпис на бугарскиот професор Васил Златарски, со наслов „Како пишувале Македонците пред 115 години“. Во воведот, Златарски вели дека во 1906 година, Д. Каранфилович му предал два документа и му посочил да постапи со нив како што мисли и умее. Златарев вели дека ги прибрал споменатите документи во сопствената библиотека и долго време не можел да ги пронајде мислејќи дека ги изгубил. Непосредно пред нивното објавување, Златарев сосема случајно ги пронашол и решил да ги објави поради нивната важност.
Според Васил Златарски, станува збор за две писма напишани во 1814 и 1815 година, од страна на Мано Х. Петков. Првото писмо е пишувано на „чисто велешко наречје“, а второто на мешан јазик, односно „народно наречје со литературни црковнословенски изрази“. Златарски во својот натпис неосновано се обидува да го докаже бугарскиот карактер на Македонците и македонскиот јазик, но првото писмо само ги потврдува македонските јазични особености.
Од денешна перспектива е особено интересно првото писмо. Од неговата содржина може да се види дека станува збор за условно писмо, склучено помеѓу двајца трговци, Хаџи Тасе и Мано Хаџи Петков, од 5 јануари 1814 година, во Башино Село, Велешко.
Во првото писмо можеме да прочитаме: „От денеска овде покажујам како се чиниме ортаци сос Хаджи Тасета. И турил Хаджи Тасе капитал 5.000 гроша, броени пари да работат. На среде од овиа пари, што ке им даде госпот – или кјар или зарар – братски да делат наполу. И имаме збор за четири години да работиме заедно ортакал. Откако се сврши това време, ако сака и еден и други, пак можат за повеке време да останат; затова правиме две писма едно како друго, да се знае. Ас Хаджи Тасе су каил. Јас Мано Хаджи Петко. Како е горе згрешено не сме покажале от овиа каитал ште требат повеке пари или дест хилјади или дваесет – да стои добар Хаджи Тасе секој пат и да работат сос фајде по 50 пари на месец на сто-то.“
Гледано од историски аспект, првото писмо е сведоштво дека македонскиот народ успеал да го зачува својот јазик и покрај силното влијание на грчкиот јазик и култура во Македонија.