Фото: Игор Бансколиев

Потребен е јасно дефиниран мандат на централната банка за донесување макропрудентна стратегија и за преземање макропрудентни мерки, заради зајакнување и одржување на финансиската стабилност, а целта на макропрудентните стандарди е да се обезбеди здрав и стабилен банкарски сектор. Исто така, користењето макропрудентни политики и стандарди ќе треба да биде во функција на одржување на стабилното кредитирање насочено, пред сѐ, кон претпријатијата, тврдат експертите

Поради последните податоци за инфлацијата, којашто и во април забрза, како и поради влијанието на ваквите остварувања врз инфлациските очекувања, Народната банка продолжи со постепеното зголемување на основната камата. Притоа, затегнувањето на монетарната политика е умерено. Ценовната стабилност е неопходен предуслов за поддршка на стабилен и долгорочен економски раст.
Ова беше истакнато на средбата меѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска Бежоска, и амбасадорот на Република Франција во земјава, Сирил Бомгартнер, и регионалната советничка за економски прашања, Флоренс Добел. На средбата се разговараше главно за согледувањата на Народната банка за состојбите во економијата, додека сѐ уште постои неизвесност поради енергетската криза и воениот конфликт во Украина, како и за очекувањата за следниот период.

Се разгледаа и макроекономските проекции и очекувањата за македонската економија за претстојниот период, имајќи предвид дека тие се важни и за согледувањата на Европската комисија за состојбите во нашата држава.
Во тој контекст беше посочено дека од исклучително значење на Народната банка е продолжувањето на можноста за користење девизна ликвидност преку репо-линијата кај Европската централната банка, што беше резултат на позитивните оцени за работењето на Народната банка од страна на европските институции. Оваа можност сѐ уште е отворена и досега не е користена од страна на Народната банка.
На средбата беше зборувано и за движењата во банкарскиот систем и за показателите за финансиската стабилност. Притоа, беше истакнато дека од особено значење е што поскоро да се усвои регулативната рамка со којашто ќе се овозможи продлабочување на активностите на Народната банка во доменот на макропрудентната политика. Со тоа, ќе се овозможи јасно дефиниран мандат на централната банка за донесување макропрудентна стратегија и за преземање макропрудентни мерки, заради зајакнување и одржување на финансиската стабилност, како еден од столбовите на макроекономската стабилност во државата.

– Стратегија за спроведување на макропрудентната политика е стратегија што ги опфаќа показателите за идентификување и следење на системските ризици, инструментите и активностите за спречување, намалување или отстранување на ризиците во еден или повеќе сегменти од финансискиот систем, заради зачувување на стабилноста на финансискиот систем во целина – се истакна на средбата.
Според академикот Таки Фити, на научната конференција каде што зборува за предизвиците на економскиот развој, целта на монетарната политика е да оствари стабилност на цените на ниво на потенцијалниот економски раст, а целта на макропрудентните стандарди е да се обезбеди здрав и стабилен банкарски сектор.
– Монетарната политика, макропрудентните стандарди и здравоста на банките се нераскинливо поврзани и влијаат едни врз други. Исто така, користењето макропрудентни политики и стандарди ќе треба да биде во функција на одржување на стабилното кредитирање насочено, пред сѐ, кон претпријатијата – вели Фити.
Од Народната банка истакнаа дека со заедничка посветеност ќе се продолжи со развивање на капацитетот за следење на системските ризици, унапредување на макропрудентната рамка, збогатување на инструментите за решавање на банки и сл. Овие активности меѓу другото ќе треба да резултираат и со закон за финансиската стабилност, како и со измени на постојната законска регулатива со коишто ќе се прошири инструментариумот на Народната банка.

Во завршницата на средбата беше посочено дека работењето на Народната банка е оценето како успешно од меѓународните финансиски институции, поради што нејзините согледувања, оцени и одлуки стануваат клучни за видувањата и оцените и на дипломатскиот кор.

Е.Р.