Издаваштвото „Дијалог“ ја објави најновата, триесет и петтa стихозбирка на Ристо Лазаров, „Чинук“. Книгата ја одбележува 50-годишнината од објавувањето на неговата прва стихозбирка „Ноќна птица во паркот“.
Поетесата Лидија Димковска во поговорот кон „Чинук“ оценува дека во оваа книга јасно се оцртува поетолошката структура на поезијата од „Чинук“: дека сѐ е во сѐ, дека секој е современик со секого, дека чинукот не дува само во Северна Америка, туку и насекаде, во секое суво поле, во секоја геополитичка сува фурна со сув леб, но и во нас, суви од сите колективни и лични премрежиња, од лулка до гроб.
Во поетската збирка „Чинук“, пишува Димковска, можеме да сретнеме многу референции на народната поезија, но и урбанизација на народната лирика, на народните досетки, пословици и идиоми. Поетскиот вокабулар поврзан со кодот на природата и природните феномени суптилно преминува во кодот на културата и цивилизациските придобивки во кои човекот неретко (о)станува ѕвер, односно читателот не е повеќе убеден дали не е исто да се биде човек на човека волк или човек на човека – човек. Ристо Лазаров во оваа поетска книга пее и говори за животот, за времето во кое живееме, за нашето внатрешно и надворешно време и за колективно оплакување на илузиите што се претвораат во сеќавања, а сеќавањата, пак, не се рециклираат во илузии. Во поезијата на Лазаров, средбата помеѓу индивидуалното и историското, помеѓу личното и општото, помеѓу естетското и етичкото, во чеславмилошеска смисла се остварува секогаш на нов начин, па во „Чинук“ таа суштинска средба меѓу човекот и човештвото, меѓу јас и другиот/другите, меѓу дионисиското и аполониското се предочува пред нас во колоритот на лирско-епската поезија со социјални, филозофски, емотивни, егзистенцијални и геополитички конотации, со кои може да се идентификува секој, без разлика на својот пол, јазик, нација, вера и припадност, затоа што и не постои човек што денес не е изложен на чинукот на историјата, стварноста и на сопственото постоење, но и на светот што сам го создава и уништува. Полифонијата и плуралноста од гласови, ликови, настани и референци во „Чинук“, на исто место и во исто време, го предочува поетскиот глас на Ристо Лазаров како еден од најавтентичните, оригинални и самосвои гласови во современата македонска поезија.