Иницијативата за изработка на етимолошки речник на македонскиот јазик што доаѓа од академските кругови во Словенија, а прв ја обелодени токму нашиот весник, го отвора прашањето дали постои заинтересираност во македонската научна средина за еден ваков проект. Домашните институции и нашите соговорници се согласни дека изработката на етимолошки речник е сериозен проект од капитално значење и веќе се почнати активности на тој план
ПО ТРАГИТЕ НА ИНИЦИЈАТИВАТА ШТО ЈА ОБЕЛОДЕНИ „НОВА МАКЕДОНИЈА“
Соочена со комплексните предизвици на политички план, се чини дека стандардните приоритети, како за социјално-економско функционирање на македонската држава, но и оние од научно-духовна надградба што ги поддржуваат и одржуваат специфичните идентитетски карактеристики на нацијата, се потиснати во фаза на хибернација. Во смисла на идентитетските предизвици на нацијата, за Македонците од суштинско значење се посебноста и автентичноста на јазикот. Лингвистот од Словенија, академик Марко Сној, во интервју за „Нова Македонија“ вели дека „македонскиот идентитет, слично како и словенечкиот, во голема мера се темели врз јазикот. Доколку македонската политика ја сфаќа сериозно својата државност, мора сериозно да ја сфати и својата нација, која очекува да се однесува одговорно и кон својот јазик“, порачува Сној.
За сериозна научно-лингвистичка аргументација на јазикот од особена важност е постоење на етимолошки речник, во кој ќе бидат објаснети коренот и потеклото на зборовите. Она што го открива во интервјуто академикот од Словенија е дека македонскиот јазик е можеби единствен во Европа што нема свој етимолошки речник. Тој, заедно со својата колешка од Македонија (постдипломка во Словенија), Емилија Нешкова, има преземено одредена иницијатива како конкретен проект за изработка на етимолошки речник на македонскиот јазик.
Но како што истакнуваат самите научници, во еден таков проект од национален интерес, со интелектуална и материјална поддршка е потребно да биде вклучена и самата држава – Македонија. Од друга страна, иницијативата за изработка на етимолошки речник на македонскиот јазик што доаѓа од Словенија ги отвора прашањата дали постои заинтересираност во македонската научна средина за еден ваков проект, но и ако досега не бил изготвен, зошто барем не била започната работата на ваков проект од капитално значење за македонскиот јазик, но и за стабилноста на македонскиот национален идентитет.
Лингвистите од Словенија наведуваат дека имале извесна комуникација и со МАНУ, но и со Институтот за македонски јазик во Скопје, од каде што биле заинтересирани за соработка, но како институции се соочени со административно-финансиски ограничувања за операционализација на соработката.
– Неминовно е потребен етимолошки речник на македонскиот јазик и во МАНУ од порано имавме во план еден таков проект. За жал, досега не успеавме да го конкретизираме, делумно поради ангажираност со други проекти, но и проблеми со кадровска опременост. Етимолошкиот речник е сериозен проект од капитално значење, кој треба да се изработува подолгорочно и на него да работи цело одделение со стручњаци од таа област. Запознаени сме со иницијативата на колегите од Словенија, но за една таква проектна соработка треба да донесе одлука Извршниот одбор на МАНУ, а секако и државата да даде поддршка – вели академик Катица Ќулавкова, секретарка на Одделението за лингвистика и литература при МАНУ, која сепак упатува дека во Институтот за македонски јазик веќе е започнат проект за изработка на етимолошки речник.
Директорката на Институтот за македонски јазик, Елена Јованова-Грујовска, ја потврдува информацијата на академик Ќулавкова. Таа открива дека во нивната институција веќе се работи на етимолошкиот речник, а неговата кратка верзија се планира да биде објавена веќе во наредната 2023 година, при одбележување на 70-годишнината од формирањето на Институтот за македонски јазик.
– Изработката на етимолошки речник на македонскиот јазик е иницијатива стара повеќе децении. Последниве години постоеше како идеен проект на МАНУ, но кога добивме впечаток дека Академијата се повлече од тоа, ние во Институтот за македонски јазик поконкретно се ангажиравме околу реализацијата на овој навистина комплексен и важен лингвистичко-научен предизвик. Со одлука на Советот на Институтот, колегата Гоце Цветановски е назначен за раководител на проектот, на кој веќе се работи, а ангажирани се колеги од Институтот, како и соработници-докторанди. Проектот е замислен да се работи во две фази, а да се подготвуваат кратка и долга верзија на етимолошкиот речник. Кратката верзија, како еднотомно издание, веруваме дека ќе успееме да ја подготвиме за објавување во наредната 2023 година, кога ќе одбележуваме 70 години од постоењето на Институтот за македонски јазик. Паралелно со кратката верзија, се работи и на поголем тезаурусен речник, кој ќе се објавува повеќе години, во повеќе томови – вели Елена Јованова-Грујоска, директорката на Институтот за македонски јазик од Скопје.