Лингвистот Марко Сној, редовен член на Словенечката академија на науките и уметностите и редовен професор на Универзитетот во Љубљана, укажува на еден важен момент што му недостига на македонскиот јазик во научна смисла, а остава простор за политички манипулации, какви што и се случуваат во моментов. Тој „критичен момент“ на македонистиката е непостоењето на етимолошки речник, за чија подготовка, академикот од Словенија нуди доброволна консултантска и менторска соработка. Ова е историски момент Македонија да ја зграби шансата и да ги сосече сите обиди за негирање на самостојноста на македонскиот јазик. Зашто само со добра јазична опрема, македонскиот јазик може да преживее во светот на глобализација, а исто така и да ги издржи притисоците, смета академик Сној
Интервју Марко Сној, лингвист, академик на Словенечката академија на науките и уметностите
Во екот на европските предизвици со бугарско сценарио за Македонија, поврзани со настојувањата за почеток на преговорите за членство во ЕУ, македонскиот јазик е ставен во позиција да биде предмет на политички оспорувања. Лингвистот Марко Сној, редовен член на Словенечката академија на науките и уметностите и редовен професор по споредбена индоевропска лингвистика на Универзитетот во Љубљана, укажува на еден важен момент што му недостига на македонскиот јазик во научна смисла, а остава простор за политички манипулации. Тој „критичен момент“ на македонистиката е непостоењето на етимолошки речник, за чија подготовка, академикот од Словенија нуди доброволна консултантска и менторска соработка.
Академикот Марко Сној е коавтор на четири тома од Етимолошкиот речник на словенечкиот јазик, од научен тип, објавуван во 1982, 1995, 2005 и 2007 година, автор на три изданија на научно популарниот Словенечки етимолошки речник (1997, 2003, 2016, html 2015), автор на Етимолошкиот речник на словенечките географски имиња (2009) и на два словенечки авторски историски речници, еден од 17 век (2006) и вториот од 18 век (2020). Основач е на меѓународното списание „Словенски језик/Словене лингвистик стадис“ (Slovenski jezik/Slovene Linguistic Studies), кое излегува во Словенија и во САД, а бил и негов долгогодишен уредник. Во текот на својата научноистражувачка работа ѝ се посветува исто така и на словенечката акцентологија, за која има напишано многубројни трудови, како и на албанистиката. Автор е на Кратката албанска граматика (1991) и на Rückläufiges Wörterbuch der albanischen Sprache (1994), како и коуредник на деловите од областа на албанистиката од Рајко Нахтигал и Франц Миклошич.
Неговото согледување и укажување за неопходната потреба од етимолошки речник на македонскиот јазик е конкретен повод за интервјуто, во кое сосема прецизно ги наведува причините и начините за најбрза и квалитетна реализација на еден ваков научно-лингвистички проект, кој, секако, има пошироко значење за афирмацијата на македонската јазична и национална посебност.
Какво е значењето на етимолошкиот речник за еден јазик, од научен (лингвистички) аспект, но и од националноидентитетски аспект?
– Зборовите се како и луѓето: имаат свои предци и потомци, пријатели и непријатели. Некои од македонските зборови постојат одамна, други, пак, се преселиле кај вас и создале т.н. семејства од зборови. Додека историјата го истражува колективното минато на народот во неговата етимолошка смисла, т.е. „тоа што се раѓа и твори континуиран групен идентитет“, етимологијата ги истражува историјата и праисторијата на јазикот, кој го сочинуваат два дела – граматика и лексика. Овие две работи се менуваат со текот на времето, а задачата на етимологијата е да ги објасни фонетскиот, морфолошкиот и семантичкиот развој на зборовите во одреден јазик, да го одреди нивното потекло, како и врската помеѓу формата и значењето во времето кога настанал зборот што се етимологизира. А тоа, се разбира, го прави со помош на два метода – споредбен метод и метод на реконструкција.
Откритијата добиени со помош на етимолошките истражувања преминуваат во училишната практика и со текот на годините стануваат дел од народното спознавање на самиот себе, како и предмет на многубројни повикувања и аргументирања за најразлични интелектуални потреби. Имав можност сам да ја набљудувам промената на интелектуалниот дискурс, бидејќи се сеќавам на времето кога словенечкиот јазик сѐ уште немаше никаков етимолошки речник. Ние, лингвистите, етимолошките речници ги употребуваме за истражувања на историјата и праисторијата на јазикот, како и за споредба со соседните и со сродните јазици. Бидејќи македонскиот јазик сѐ уште нема свој етимолошки речник, светските лингвисти, како и самите Македонци, етимолошко објаснување бараат во етимолошките речници на другите словенски јазици, како што се српскиот и хрватскиот, но и во бугарските, каде што македонските зборови се означени како дијалекти на бугарскиот јазик. И токму со таква ознака се наведуваат во многу научни славистички истражувања.
Освен граматиката, речникот на современиот стандарден јазик, историската граматика, дијалектолошките, историските и терминолошките речници, од суштинско значење за проучувањето на еден јазик е и етимолошкиот речник. Нивото на култивираност на еден јазик денес се мери со нивото на квалитетот на споменатите прирачници. Во последните десетина и повеќе години ваквите прирачници се пишуваат во форма на бази на податоци, структурирани во стандарден формат xml. Ваквите бази на податоци овозможуваат меѓусебно поврзување, со чија помош добиваме целосен преглед на јазикот (за словенечкиот јазик тоа е порталот www.fran.si). На корисниците на еден јазик им треба сеопфатен приказ на јазични податоци, додека, пак, на истражувачите, односно лингвистите што работат со бази на податоци, им треба поширок и подлабок преглед. Базите на податоци ги употребуваат и лингвистите технолози, кои се грижат за присутноста на малите јазици во најразлични направи и при употреба на најразлични електронски услуги.
Како и кога се создадени етимолошките речници на другите словенски јазици?
– Речиси до средината на 20 век малите народи во јужниот и источниот дел од Европа, во кои дотогаш доминираа само главните јазици – германски, француски, англиски, латински, а меѓу Словените тоа беше рускиот јазик, сѐ уште живееле без етимолошки речници. Но постепено кај повеќето народи почнаа да се поставуваат сериозни прашања за изворот на зборовите во нивните јазици. Доколку сакале навистина да ја запознаат својата историја, морале да го проучат и начинот на размислување на нивните предци. Морале да одговорат на прашањето зошто жената се вика „жена“, човекот – „човек“, детето – „дете“, снегот – „снег“ и дождот – „дожд“. По Првата светска, а особено по Втората светска војна, словенските народи вложија огромен труд за етимолошки истражувања на својата лексика. Нѐ интересираше што е заедничко за сите Словени и по што се разликуваме. И дали се тие разлики последица на различни самостојни јазични развојни фази по 600-та година или, пак, можеби се архаизми што се зачувале во некој дел од словенскиот свет. Тој пат го изодивме сите Словени, освен Македонците, кои во тоа време им се посветуваа на стандардизацијата, терминологијата, правописот и дијалектите. Притоа, во 20 век се оформија важни регионални и надрегионални етимолошки центри. Источнословенски надрегионален центар стана Москва, западнословенски се Брно и Краков, а од јужнословенските, тоа е Љубљана.
Што сѐ е потребно за подготовка и изработка на етимолошки речник? Вие предлагате и им нудите менторска помош на македонистите за изработка на таков речник.
– Изработката на етимолошки речник не е едноставна работа. За таа цeл потребна ни е стручна етимолошка и споредбенограматичка литература, која излегувала во последните 150 години и во најголема мера e напишана на словенските јазици и на германски, одредена и на француски. Тука треба да го земеме предвид фактот дека таа литература во најголема мера можеме да ја најдеме само во печатена форма, но не и во електронска. Ни треба исто така и список на зборови што ќе бидат етимолошки анализирани, а во потешките примери ни требаат и постари записи на зборовите, како и формите што се јавуваат во различни дијалекти. Освен тоа, потребна е и специјална компјутерска програма за уредување и процесирање на речничките бази во форматот xml, кој поддржува употреба на посебни знаци, како и веќе изработени етимолошки бази на другите јазици во ист формат, со чија помош ќе можат да се црпат податоци и истите тие да се инкорпорираат во базата на македонскиот етимолошки речник. И најважно, ни требаат луѓе што се добро потковани со знаење од областа на етимологијата или барем еден лингвист што добар дел од својот живот би ѝ го посветил на етимологијата, на нејзино сестрано проучување.
Јас сум подготвен работата да ја менторирам про боно. Ве интересира зошто? Едноставно – на секој јазик му посакувам сѐ најдобро. Затоа што знам дека секој јазик е свет во кој домува мислата на одреден народ. И добро е кога секоја мисла има свој уреден дом. На словенечката етимологија ѝ служам веќе 40 години. На македонскиот јазик би сакал да му помогнам колку што можам – со моето знаење, искуства и дигиталните бази со кои располагам, затоа што знам дека само со добра јазична опрема, македонскиот јазик може да преживее во светот на глобализација, а исто така и да ги издржи притисоците, особено тие што доаѓаат од истокот.
Колку време би било потребно за изработка на квалитетен и аргументиран македонски етимолошки речник?
– Во прв ред тоа зависи од тоа каков тип етимолошки речник сакаме. За изработка на научен тип се потребни некаде од 70 до 100 години работа, што значи четворица за 25 години. А за такво нешто засега не постојат толку средства и етимолози. Затоа се чини најдобро да се состави научно-популарен речник од околу 10.000 речнички статии, во кои ќе бидат обработени околу 30.000 најчесто користени зборови од современиот македонски јазик. За изработка, пак, на ваков тип речник се потребни околу седум години работа и еден добро образован и во вистинска насока упатен човек. Колешката Емилија Нешкоска од студиите по македонистика во Скопје посветено работи на споредбената словенска лингвистика и на етимологијата во најблискиот центар, односно во Љубљана, каде што лани го одбрани магистерскиот труд со наслов „Концепт на Етимолошкиот речник на македонскиот јазик“.
Словенечката поговорка вели дека сѐ започнува и сѐ завршува со парите. Приказната за македонскиот етимолошки речник, сепак, не започна со пари. Всушност, таа приказна започна со вистинска желба на колешката да му го даде на својот мајчин јазик она што го заслужува и за што е квалификувана. А таа приказна може да заврши доколку за неа нема одзив кај оние што раководат со народните пари.
Како стоиме со финансирањето на етимолошкиот речник на македонскиот јазик?
– Етимолошкиот речник на македонскиот јазик е, секако, од голем интерес за македонскиот народ и се надевам, исто така, и за одговорните претставници на македонската држава, кои по завршениот процес во рамките на своите институции ќе може да ги искористи сите бенефиции од неговата дигитална база. Македонскиот идентитет, слично како и словенечкиот, во голема мера се темели врз јазикот. Доколку македонската политика ја сфаќа сериозно својата државност, мора сериозно да ја сфати и својата нација, која очекува да се однесува одговорно и кон својот јазик. Доколку сака на својот народ да му обезбеди етимолошки речник каков што веќе имаат сите други европски народи, ќе треба да издвои плата за еден човек за седум години. Досега ниту еден јазик не го добил својот етимолошки речник толку евтино, бидејќи во случајот со македонскиот јазик нема потреба од купување скапа литература или компјутерски програми и бази на податоци, нема потреба од образовање млад кадар во странство, бидејќи сето тоа веќе е обезбедено. Сѐ уште необјавени вести очекуваме од Македонската академија на науките и уметностите, со која бевме во контакт јас и колешката Нешкоска. Македонските академици беа воодушевени од идејата за пишување речник во Љубљана. Притоа ни дадоа целосна поддршка за овој проект, но, за жал, од финансиска гледна точка не можат да ни помогнат, бидејќи тие средства може да ги обезбеди само македонската држава. Затоа, за оваа работа ќе стапиме во контакт со Амбасадата на Република Северна Македонија во Словенија.
А што би било доколку македонската држава не гo финансира проектот?
– Во тој пример постојат две можности. Според првата, македонскиот јазик ќе остане единствениот словенски и европски јазик без свој етимолошки речник барем за уште една генерација, па неговата историја и праисторија ќе продолжат да бидат лесен плен за посилните локални јазици. Друга можност се европски средства, кои можеме да ги добиеме во Љубљана. Во тој пример базата на речникот ќе биде во сопственост на Европската Унија. Тоа значи дека можат да ја употребуваат на пр. Бугарите за свои намени, а не Македонците. Навистина не можам да проценам која од горенаведениве опции е поцрна за македонскиот јазик. Дали е тоа првата, што значи „упорност“ за непознавањето на сопствениот јазик, или, пак, втората, која ќе допушти веќе создадената база на податоци, која некој претходно ја направил, да стане оружје за негирање на самостојноста на македонскиот јазик. Се надевам дека носителите на политичките одлуки што располагаат со народните пари на македонскиот народ не го сакаат ниту првото ниту второто сценарио, туку дека ќе го поддржат предлог-проектот.
Постојат ли други линии на сличност и поврзаност на македонскиот и словенечкиот јазик, создавани низ нивното вековно постоење, освен припадноста на словенската група јазици?
– Од јужнословенските јазици, словенечкиот е најоддалечен од македонскиот, како по својата лексика, така и по својата граматика. Меѓусебните влијанија се извршиле во 1970-тите години, во рамките на заедничкaта држава, преку некогашниот српскохрватски јазик. Меѓутоа, најголемата поврзаност се огледува во она што е наследено од прасловенскиот јазик. Сличноста и поврзаноста се огледуваат и во тоа што имаат речиси ист број говорители и спаѓаат во групата мали јазици.
Какво е политичкото и културолошкото значење на јазиците (особено на малите народи) во време на незапирлива глобализација и сѐ подоминантно влијание на наддржавни интернетски творби (речиси империи), како Амазон, Фесјбук, Гугл…?
– Не постои дилема за тоа дали малите јазици, како што се македонскиот и словенечкиот, ќе се зачуваат во литературата и поезијата, во фолклорот и дома. Прашањето е дали тие ќе бидат зачувани како полнокрвни јазици во сите сфери на живеењето и работата, од високото образование, преку науката, до уличните натписи, онлајн-услугите, паметните уреди и сл. Јазикот што сака да ги задржи или да ги придобие гореспоменатите работи мора постојано да се развива со пишување прирачници, не само во печатена туку и во електронска форма, да предизвикува интерес за негово изучување, не само во рамките на сопствената држава туку и пошироко. Треба, исто така, да развива и свои дигитални бази на јазични податоци што овозможуваат меѓусебно поврзување и надградување, како и машинско процесирање. Етимолошката база на податоци е една од нив. Балканските јазици, oсвен словенечкиот и грчкиот, во тој поглед не се развиени во толкава мера. Македонскиот јазик сега има вистинска можност прв во својот регион да создаде етимолошка база на податоци и да ја поврзе со веќе постојните, а особено со оние што треба да се создадат во иднина. Дали ќе знае да го искористи тоа што ѝ се нуди во моментов, останува отворено прашање.