Радиќ во сите фази од развојот беше вклучен во женската ракометна екипа на Кометал Ѓорче Петров. Мечеви за паметење со Хипо банка, Ларвик и со Валенсија, која ни стана „ноќна мора“. Од трите настапи, финалето против Ференцварош ќе остане запишано во македонската спортска историја. Седмо место на првото учество на СП за сениорки во Германија

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (231) Владимир Радиќ (2)

За тоа како течеше првиот период од кариерата на една од најекспонираните спортски личности, не само од Ѓорче Петров туку и од Скопје и Македонија, Владимир Радиќ пишував минатата недела. Споменав дека Радиќ навреме „пресече“, па иако во почетокот беше преокупиран со фудбалот, помина во ракометот и тука ги постигна најголемите успеси како тренер. Откако ЖРК Ѓорче Петров во 1994 година во Кометал, предводен од Трифун Костовски, доби силен и стабилен спонзор, почна да се размислува за големи остварувања.
– Кога дојде спонзорот, веднаш почувствувавме една нова клима во клубот. Дотогаш успевавме со сопствени сили, со помош од градот и некои помагатели да ги остваруваме поставените цели, па се пласиравме дури и во Првата лига на поранешна Југославија. Но мал беше бројот на оние што веруваа оти по распадот на поранешната држава ЖРК Ѓорче Петров толку брзо ќе се адаптира и храбро ќе зачекори на меѓународната сцена. Со доаѓањето на Кометал, пак, како да ни падна тежок камен од срцето. Сега веќе бевме сигурни дека доаѓа времето во кое ќе можеме да ги реализираме сите наши амбициозни планови – вели Владимир Радиќ.

СЕЌАВАЊЕ НА ПРВИОТ ЕВРОМЕЧ

Спортот е многу интересен, зашто со себе носи сеќавања што вечно остануваат врежани во меморијата на актерите. Секој клуб си има своја историја и кога еден ден оние што ја создавале ќе „прошетаат“ низ неа, ќе откријат многу интересни случки, кои во моментот на нивното создавање можеби и не им биле толку впечатливи. Едноставно, поминувале преку тоа, за години подоцна да се потсетат на нив и на нивните вредности. Таков е случајот и со Владимир Радиќ, кој низ тренерскиот век помина низ многу искушенија исполнети со десетици доживувања.
– Во југословенската лига заигравме со ракометарките што излегоа од старото и незаборавно училиште „Кочо Рацин“, во чија средина се калеа идните шампионки, и се судривме со екипи за кои настапуваа познати имиња, предводени од Китиќ и Пешиќ. Но тие мечеви имаа многу различен шмек од оние што подоцна ги игравме на меѓународната сцена. Јас, на пример, се сеќавам речиси на сите најзначајни натпревари во поранешна Југославија, но, сепак, првото излегување на европската сцена никогаш не се заборава. За впечатокот да биде уште посилен, прв противник во Купот на европските шампионки ни беше токму тимот што повеќепати беше освојувач на највредниот трофеј, Хипо банка од Виена. Мора да го искористам овој момент да кажам оти токму тие дуели со познатиот противник беа повод да дојдеме до силен спонзор. На натпреварот во Виена беше присутен и Трифун Костовски, кој живееше таму, па кај него во тие моменти, кога навистина сите бевме горди од она што го прикажавме во двата меча со Хипо, во кои имавме победа дома и пораз на гости, се роди прекрасната идеја ракометарките на Ѓорче Петров да станат дел од неговата фирма Кометал. Во почетокот не ни се веруваше во она што се случуваше, но откако видовме со колкава сериозност и ентузијазам гледа кон работата, на сите им стана јасно дека од ова ќе се изроди нешто големо. И навистина беше така, клубот од организациски аспект беше добро поставен, секој си ја знаеше својата работа и тимот што го избра новиот спонзор одлично функционираше. Нормално, во една таква ситуација мораше да се очекува да дојдат и резултатите – вели Радиќ.

ВАЛЕНСИЈА „НОЌНА МОРА“

Потоа, работите се познати. Кометал тргна по теркот на најсилните европски женски ракометни тимови. Почна да се засилува и да носи квалитетни ракометарки од странство. Така, кон домашните веќе афирмирани ракометарки, какви што беа Радуловиќ, Нацева, Наумовска, Чупиќ, потоа Боева, се приклучија и неколку девојки од странски екипи, кои со своите настапи и успеси си изборија место во македонската ракометна историја.
– Да ги споменам Индира Кастратовиќ, која еден период беше прва ѕвезда на клубот, потоа Платон, Абрамова, Лебедева, Ѓуриќ, Велкова, Дину, Езел, Суслова, Бујанова, Медвед, Будимир, Малахова и уште неколку што доаѓаа во одредени периоди и даваа голем придонес во кревањето на квалитетот на екипата. Некои од нив остануваа, други си заминуваа. Но оние на кои Македонија им „легна на срце“ останаа, а подоцна добија македонско државјанство и почнаа да настапуваат за репрезентацијата. Во една таква ситуација, кога на располагање имавме навистина врвен квалитет, брзо дојде времето кога ја отворивме вратата за учество на најголемите ракометни приредби, светските и европските првенства. Тоа беше период кога истовремено водевме грижа и за клубот и за репрезентацијата, па, така, во 1997 година доживеавме да играме во завршницата на Светското првенство во Германија. Тогаш на кормилото на тимот беше искусниот Маковеј, а јас му бев помошник. Иако бевме дебитанти, на крајот се пласиравме на седмото место, кое беше големо изненадување за ракометниот свет. Со овој пласман им приредивме голема радост на љубителите на спортот во Македонија, за што говори и извонредниот пречек што ни беше приреден кога се вративме дома. Вредно е да се спомене дека Индира Кастратовиќ беше прв стрелец на првенството – вели тој.
Во Купот на европските шампионки, Кометал Ѓорче Петров веќе не беше анонимен, туку прерасна во тим што рамноправно се справуваше со сите противници.
– Има многу интересни средби. Сепак, би ги потенцирал оние што ги игравме со Валенсија. Често знам да кажам дека оваа екипа, за која настапуваше една од најдобрите светски ракометарки, Русинката Киргик, ни стана „ноќна мора“. Не беше посилна од нас, но некако со неа најтешко ни одеше. За разлика од Валенсија, со другите екипи, кои, според мене, можеби беа посилни, Ларвик, Виборг, Хипо, Ференцварош, ни одеше полесно. Овој феномен и денес не можам да го објаснам – се сеќава Радиќ.

ТРИ ФИНАЛИЊА, ЕДЕН ТРИУМФ

Кометал, со освоените 16 шампионски титули и 15 купа на Македонија, стана редовен учесник во најелитниот европски клупски натпревар. Со мали исклучоци, Радиќ постојано беше присутен во екипата, некогаш како прв, другпат како помошник на првиот тренер. Во секој случај, тој беше тренер што секогаш му стоеше на располагање на тимот.
– Бевме неприкосновени на македонската, а сѐ почесто почнаа да се редат победи и на европската сцена. Кометал го издигнуваше својот квалитет, а бидејќи беше одлично организиран и без финансиски проблеми, нашите апетити пораснаа. Почнавме да ги совладуваме и тимовите што многу пред нас господареа на европската сцена. Сега, следна цел ни беше да ги „нападнеме“ токму нив, за да може еден ден и ние да се вивнеме во европските височини. Мора да кажам дека неверојатно брзо стигнавме до првото финале на Шампионската лига. Тоа се случи само шест години откако го добивме спонзорот. И што е интересно, токму во тоа финале игравме со Хипо, екипа против која стартувавме во европските натпревари во 1994 година и која на домашен терен ја победивме. Овој пат, во еден контроверзен меч во Скопје, по оној инцидент со нивниот тренер Прокоп, го загубивме првото наше финале. Следната година поради инцидентот бевме казнети и не игравме на меѓународната сцена, а во 2002 година повторно стигнавме до финалето. Во тој период му бев помошник на Александар Панов, кој, според мене, беше еден од најдобрите светски тренери. Во последната битка, откако ги елиминиравме сите противници, требаше да се сретнеме со Ференцварош Херц од Будимпешта. Во првиот натпревар на гости загубивме со два гола разлика, а во реваншот во Скопје, во нашиот ракометен храм „Кале“, понесени од френетичното бодрење од публиката, извојувавме победа со 28-24 и така ѝ подаривме голема радост на спортска Македонија. Го освоивме трофејот и она што пред неколку години беше само сон, стана вистина. По три години, настапивме во уште финале, но овој пат бевме надиграни од дански Шлагелсе, за кој тогаш настапуваше една од најдобрите македонски ракометарки, долгогодишна членка на Кометал, Валентина Радуловиќ. Да потсетам дека го освоивме и Европскиот суперкуп, а победивме и во Светскиот куп на турнирот во Јужна Африка – вели Радиќ.
Владимир Радиќ и понатаму е во ракометот. Овој пат, како во почетокот, работи со младите и им ги открива тајните на спортот преку кој Македонија стана препознатлива во спортскиот свет. Тој е вистинска тренерска легенда, која се вгради не само во историјата на ЖРК Кометал Ѓорче Петров туку и, воопшто, во македонскиот спорт.

Подготвил: Митко Јовановски