ЕВРОПСКИТЕ АЕРОДРОМИ СООЧЕНИ СО НЕДОСТИГ ОД ПЕРСОНАЛ ПО ПАНДЕМИЈАТА

По две години социјални изолации, карантини, тестирања и ограничувања, авионскиот сектор би требало да се подготвува за богато лето. Постои само еден проблем: на аеродромите и во авионите работат премалку луѓе, а во практика се покажува дека е многу тешко брзо да се зголеми бројката на вработени. Резултатот може да се види на сите аеродроми низ континентот. Неодамна поради недостиг од персонал, аеродромот „Скипол“ во Амстердам побара од авиокомпаниите да откажат некои од летовите или, пак, да ги пренасочат кон други аеродроми. Патниците беа принудени со часови да чекаат во редици, а еден од најголемите аеродромски центри во Европа сега почна да нуди упатства што звучат како да се позајмени од планинарски водич: носете удобна облека и чевли, носете си шише со вода, понесете си резервна јакна во случај да залади. Извршниот директор на „Скипол“, Дик Беншоп, дури изјави дека летово овој аеродром би можел да го ограничи бројот на летови.
„Скипол“ не е единствениот аеродром што е под притисок. Така, аеродромот во Брисел има повеќе од 1.000 испразнети работни места, минатиот месец лондонски „Хитроу“ соопшти дека прави обиди да вработи 12.000 нови работници, додека аеродромите во Манчестер и во Даблин исто така се соочија со хаотични сцени во последниве неколку недели. Причината лежи во фактот дека патничкиот сообраќај заздрави „нагло и ненадејно“, сметаат директорите на аеродромското здружение „АЦИ Јуроп“ и на копнената групација Асоцијација за аеродромски услуги (АСА).

Ограничен пазар на труд

И покрај тоа што вкупниот број на патници сè уште е на пониско ниво од оној во 2019 година, според зборовите на генералниот директор на „АЦИ Јуроп“, Оливие Јанковец, и управниот директор на АСА, Фабио Гамба, сообраќајот стана „многу поконцентриран во ударните периоди“. Некои од поголемите аеродроми се веќе на исто или повисоко сообраќајно ниво од она пред пандемијата. Според студијата спроведена од „АЦИ Јуроп“, две третини од европските аеродроми очекуваат зачестено доцнење на авионите во текот на летото. Аеродромските и копнените службеници изјавуваат дека излегле од пандемијата со „исцрпени ресурси“, со оглед на отпуштањето илјадници вработени поради колапсот во авионскиот сообраќај. Сега авиокомпаниите се обидуваат да вработуваат луѓе, но се соочуваат со голема конкуренција во индустријата за забава и угостителство на и онака ограничениот пазар на труд. Платите се исто така голем проблем во обидот на авиокомпаниите да ја обноват својата работна сила.
– Закрепнувањето се одвива побрзо одошто очекувавме. Исто така, ги воочуваме последиците од новата построга регулатива за проверка на персоналот. Иако оваа мерка е добредојдена, темпото со кое министерствата за внатрешни работи на европските земји-членки ги спроведуваат ваквите проверки е навистина премногу бавно – изјави Џенифер Јанзен, портпаролката на индустриското лоби „Ерлајнс фор јуроп“.

Лобистите во акција

Воздухопловните лоби-групации очекуваат владите да го забрзаат процесот пред почетокот на метежот во летната сезона. И копнените лоби-групации го вперуваат прстот кон Брисел, обвинувајќи ја Директивата за копнен сообраќај на Европската Унија за либерализација во ракувањето со багажот, жалејќи се дека нивниот сектор за време на пандемијата добил помала помош од онаа што ја добиле авиопревозниците. Овие две лоби-групации тврдат дека ако ниските плати и нарушениот квалитет на услугите претставуваа причина за загриженост уште пред пандемијата, тие сега уште повеќе доаѓаат до израз, влијаејќи врз воздухопловниот систем. Исто така, тие бараат директивата да биде ревидирана.
Компаниите се обвинувани од страна на синдикатите дека ја искористиле кризата за намалување на платите и работните места.
Индустријата заслужено го жнее она што го посеа – рече Оливер Ричардсон, претседател на канцеларијата за цивилно воздухопловство во рамките на Европската федерација на транспортни работници.
Според него, ниските плати, во комбинација со лошите работни услови и несоцијалните работни навики, ја направија оваа индустрија неатрактивна, предизвикувајќи криза во однос на новите вработувања во секторот.