Наместо ин мемориам за Ристе Стефановски (1928 – 2022 г.), корифејот на македонската театарска борба
Ристе Стефановски човекот
Што го направи македонскиот театар велесила во Македонија
Во Југославија, на Балканот во Европа и во светот
Бидејќи слично на неговите современици во светските театарски центри
Тој му придаваше на театарот значење на вечерна револуција која трае два-три часа
И дека театарот наспроти политиката
Која мисли дека владее со општеството
Е перманентен државен удар од кој последиците
Можат да бидат позитивни за ослободувањето на актерот и на гледачот
И од секојдневниот терор на политичкото дејствување против уметноста
Во негово време и како долгогодишен директор на Драмскиот театар
И како генерален директор на МНТ владееше максимата дека
„Тоа што се случува на сцената е историја, а сѐ друго е тиранија на баналност“
Кога од седумдесеттите години од минатиот век македонските претстави беа пречекувани
На сите некогашни југословенски фестивали со огромен интерес
Се прочу насекаде од тогашната ни Татковина дека во Македонија
И самиот воздух мириса на театар и дека токму во тој воздух се насобрани
Македонските митови на духовната меморија која суверено се преплетува
И со античките предизвици и со Рим и со Византија
И со Шекспир и со Молиер и пред сѐ со плејадата на македонски драматурзи
Кои од Чернодрински преку Иљовски, Крле и Панов
До плејадата македонски драматурзи што тој ги продуцираше
Покажаа дека македонскиот воздух мириса на нов театар што
Е дел од европската и светската цивилизација!
Интимната и професионалната револуција на Ристе Стефановски
Започна 1965 година, две години пред прогласувањето на автокефалноста на МПЦ
И две години пред формирањето на МАНУ, кога една голема група
Од најзначајните македонски актери го формира Драмскиот театар
И тој станува сцена на македонската театарска модерна
Која ќе го започне својот пат по меридијаните
Еден математичар и статистичар вљубеник
во македонскиот театар пресметал дека
Ристе Стефановски со македонските претстави направил
Одисеја од сто до сто и педесет илјади километри по планетата Земја
Бидејќи тој велеше „ако Мирослав Крлежа рекол дека во Македонија
И Богородица игра на тапан, таа песна, тој јазик и тој тапан
Мора да се слушнат насекаде низ светот!“
Ќе кажам само еден пример од моето лично искуство што го виде белиот ден
И светот благодарение на Драмскиот театар и Ристе Стефановски
Тоа беше мојот драмски првенец Еригон
За Човекот во бегство или Canis Lupus Macedonicus
Кога претставата почна да ги собира главните награди низ тогашните фестивали
Тој велеше сега треба Еригон, кучето што ја симболизира
македонската форма на непокор,
Да лае низ цела Европа и по другите континенти, бидејќи на нашите антички вазни
Пронајдени во археолошките наоѓалишта во Македонија
Ликот на Човекот и на Кучето се преплетуваат во единство и за
Европскиот конгрес на кучешките права и слободи во кои
Дваесетина македонски актери играа кучиња и кучки
Можеа да го претворат интернационалното јавно мислење
Во кучешки хор којшто ќе ги признае еднаш засекогаш
Македонскиот идентитет, јазик и култура
Ристе Стефановски ги одведе македонските претстави
И до Латинска Америка и до северноамериканскиот континент
И до Австралија и низ цела Азија
И секогаш од неговото лице бликаше радоста што
ја среќаваме на првата страница
На романот „Сто години самотија“ на Габриел Гарсија Маркес:
Дојдоа алхемичарите од Македонија
И во живо ја одиграа претставата „Осмото светско чудо“!
Ристе Стефановски веруваше дека македонскиот театар е сценска религија
По која духовноста на македонскиот пат на судбинската вертикала
Може да ги обедини минатото, сегашноста и иднината
Токму и низ презентацијата на македонските драматурзи и режисери во светот:
Секаде каде што беше играна македонска драма или македонски режисер
Поставуваше сценско дело, тој велеше сѐ што се игра во Париз, Прага, Њујорк,
Москва, Лос Анџелес, Ташкент, дури и до Пекинг и Токио
Тие стануваат наши градови на македонската театарографија
Во која тој беше безусловен заљубеник и за која напиша над 30 книги
Кои и денес се гаранција за цивилизациската перспектива на една
Мала земја на Балканот на која сѐ уште ѝ го оспоруваат местото под сонцето!
На еден свечен чин кој се одвиваше во рамките на мегапроектот на
Интернационалниот универзитет Еуропа Прима за време на симпозиумот
Германската драма и театар во Македонија го прогласивме за
Почесен професор по драма и театар
Во исто време во кое тој го читаше својот текст за
Тоа кога првпат е игран Гете во Македонија
И го цитираше говорот на Питер Брук, со кого по 2.500 години тишина во
Охридскиот амфитеатар повторно прозвучија зборовите
на театарскиот Македониум,
Како благороден метал што ниедно време и ниедна омраза
Макар да доаѓа и од најблиските соседи нема да го уништат!
Кога разбрав за смртта на Ристе Стефановски во една париска книжарница
На булеварот Сен Жермен ја видов книгата
Империја на дезинформацијата од францускиот автор Франсоа Жере
А на насловната страница беше објавена огромната театарска маска од Хераклеја
Во чија отворена уста, како голема театарска сцена играле актерите
И денес театарот се игра во огромниот простор на интерконтиненталната закана
На нуклеарната уста што се заканува дека ќе го проголта човештвото за еден миг!
Ристе Стефановски имаше еден идеалистички поглед на светот
поврзан со театарот и велеше:
„Бидејќи и Македонија и Бескрајот граничат сами со себе
И театарот и уметноста на нашево тло и насекаде во светот се осудени на бесмртност.“
Вечна слава на Ристе Стефановски,
Корифејот на македонската театарска борба
И бесмртноста на светската уметност
(Реч на Јордан Плевнеш, изговорена на комеморацијата во МНТ, на 12 мај 2022 г.)