Противник на Мајами ќе му биде Бостон или Милвоки, на Западот Далас и Феникс ќе играат седми меч, а другата двојка е Мемфис – Голден стејт

КОШАРКА – НБА

Мајами, најдобриот тим во Источната конференција по основниот дел од годинашната натпреварувачка сезона во кошаркарската НБА-лига, прв обезбеди место меѓу четирите најдобри тимови сезонава, откако го доби и четвртиот дуел против Филаделфија (99-90) и славеше со вкупно 4-2 во победи. Со овој успех, Мајами по две години се врати во финалето на Истокот и за противник ќе го има подобриот од дуелот Бостон – Милвоки (Милвоки водеше со 3-2 пред дуелот што на програмата беше утринава).
Џими Батлер беше најефикасен играч на мечот, со реализација од 32 коша, осум скока и четири асистенции, а кај поразените, Џоел Емиид и Тајрис Макси имаа по 20 поени и Џејмс Харден со 11.
Далас и Феникс, пак, ќе го играат седмиот и решавачки меч за тоа кој ќе биде финалист на Западот, откако Далас го доби шестиот натпревар со 113-86 и израмни на 3-3 во победи. Лука Дончиќ повторно беше маестрален во редовите на Далас, со 33 коша, 11 скока и осум асистенции. Кај поразените, Диандре Ејтон со 21 кош. Решавачкиот полуфинален дуел ќе се игра утре, на теренот на Феникс. Другата двојка на Западот е Мемфис – Голден стејт (по пет меча беше 3-2 за Голден стејт).