Американскиот милијардер и извршен директор на „Спејс екс“, Илон Маск, верува дека луѓето ќе стигнат на површината на Марс до крајот на ова десетлетие, како што истакна во интервју за „Си-ен-би-си“.
– Мислам дека тоа ќе се случи оваа деценија. А, на Месечината луѓето ќе бидат уште порано. Мислам дека прво треба да направиме голема достава на површината на Марс, а потоа луѓето ќе почнат да размислуваат и повеќе за тоа. Пет-шест години подоцна, луѓето ќе сфатат дека Марс е вистинското „место за посета“, рече Маск.
Патувањето до Марс, вели тој, ќе биде овозможено со ракетата „Старшип“ на „Спејс екс“. Меѓупланетарниот брод би бил дизајниран како ракета – вселенско летало за повеќекратна употреба што ќе пренесува екипаж и товар до Месечината и Марс, и за нивно враќање на Земјата. Како што се наведува, „Старшип“ е доволно напреден за тоа.
Во мигов се подготвува првиот орбитален пробен лет на „Старшип“, а лансирањето ќе биде од „Старбејз“ во Тексас. Меѓутоа, за да се случи тоа, Федералната управа за авијација на САД мора да спроведе еколошка проценка на активностите. Таа проценка требаше да се направи до крајот на 2021 година, но неколкупати беше одложувана. Новиот датум е 31 мај, но тоа не значи дека „Старшип“ сѐ уште не планираат мисија.
Во 2018 година, јапонскиот милијардер Јусаку Маезава потврди дека резервирал лет со „Старшип“ околу Месечината за 2023 година.
Во меѓувреме, американската вселенска агенција НАСА го избра „Старшип“ за својата програма „Артемис“ и лет со луѓе до нашиот природен саттелит, а таа мисија е планирана за 2025 година. Целта е да се истражи јужниот пол на Месечината.