Радиќ беше присутен во сите развојни фази на европскиот ракометен шампион ЖРК Кометал Ѓорче Петров. Тој ја потпали иницијалната каписла девојките од познатата населба Ѓорче Петров да му посветат посебно внимание на ракометот. Успешен како фудбалер и тренер на младинските селекции

Има луѓе инволвирани во спортот, кои извршуваат најразлични работи, а некако, и покрај големиот ангажман и придонесот што го даваат, поради својата скромност не се експонираат и сметаат дека она што го направиле доволно зборува за нивните дела. Една од тие личности, човекот што целиот свој живот го посвети на ЖРК Ѓорче Петров, а и уште е активен, секако е Владимир Радиќ. Тренираше стотици ракометарки, почнувајќи од оние што ги воведе во ракометот уште од училишните клупи, па до оние што професионално се занимаваа со овој спорт и станаа големи ракометарки со шампионски титули. Меѓутоа, интересно е дека Радиќ му беше верен на клубот уште од моментите на формирањето, па до оние ѕвездени мигови кога Кометал Ѓорче Петров стигна до европската клупска титула во 2002 година, а еден период токму неговиот клуб ги даваше речиси сите македонски репрезентативки.

ПОЧЕТОК КАКО ФУДБАЛЕР И – ТРЕНЕР

Ѓорче Петров беше препознатлива населба по фудбалот. Тука уште од дамнешни времиња егзистираше ФК Рудар, кој се натпреваруваше и во Македонската лига. Практично, преку овој клуб беа поставени темелите врз кои се градеше и се издигнуваше квалитетот на фудбалот во Ѓорче Петров. Потоа, се менуваа само имињата на фудбалскиот колектив, кој по Рудар доби ново име, Југококта, бидејќи оваа фабрика еден период беше главен спонзор на клубот, за денес да настапува под името Македонија Ѓорче Петров, клуб што игра значајна улога во македонскиот фудбал.
– Младите од населбата повеќе се определуваа за фудбалот, па така и јас се најдов во младинската екипа на Рудар, подоцна Југококта. Тренерите ги забележаа моите квалитети и набрзо станав стандарден во сениорскиот тим. Меѓутоа, се разочарав од некои луѓе што, всушност, повеќе му одмагаа, одошто му помагаа на клубот, па престанав со активно играње. Но тоа не беше мојот крај во фудбалот, напротив, останав во него, но во следните години како тренер – ја почнува својата приказна Владимир Радиќ.
Владимир Радиќ, како што е вообичаено за младите тренери, кои беа на почетокот од кариерата, почна да работи со младинската екипа на ѓорчепетровци. Уште тогаш се виде дека кај него има „штоф“ за извршување на тренерската работа, па така брзо напредуваше. Стана дел од стручниот штаб на младинската репрезентација на Македонија, а потоа и на Југославија.
– Имав чест на подготовките со младинската репрезентација на поранешната држава да работам со еминентните тренери, Вилотиќ, Младиниќ и Милјаниќ, кој беше одговорен за сите млади фудбалски селекции. На заедничките подготовки презентирав нешто од моето искуство, зашто уште како млад бев заинтересиран за тренерскиот позив, па често самиот се усовршував и изнаоѓав некои новитети што мислев дека ќе бидат корисни. Во тогашната младинска репрезентација имаше фудбалери што подоцна станаа познати имиња, меѓу другите тука беа браќата Зоран и Златко Вујовиќ, потоа Богдан, Десница, како и тогашните надежи на македонскиот фудбал, Горачинов и Савевски – вели тој.

ВЛЕГУВАЊЕТО ВО РАКОМЕТОТ – ВИСТИНСКИ ПОТЕГ

Многумина и не знаеја оти Владимир Радиќ пред да заплива во ракометните води, претходно беше фудбалски тренер. Дури и денес, некои вљубеници во ракометот мислат дека тој отсекогаш бил „нивни“. Но очигледно не беше така, тој како ракометен тренер се појавува во училишната екипа на гимназијата „Кочо Рацин“, со која учествуваше и победуваше на Малите олимписки игри и токму тие резултати беа повод тој да го напушти фудбалот и целосно да се посвети на ракометот.
– Воопшто не ми беше лесно да ги заменам двата најпопуларни спорта. Сепак, се решив за ракометот, зашто почувствував оти тука има перспектива и може да се постигнат големи резултати. Од друга страна, ракометот и во училишната програма беше позастапен, па така и подостапен за учениците. Ова особено се однесува за женската популација, која имаше желба да спортува дури да се занимава и со фудбал, но овој спорт во женска конкуренција, не само што не беше застапен на Малите олимписки игри туку не знам дали во Скопје и воопшто во Македонија постоеше некој женски фудбалски клуб. Затоа, од игрите сето внимание на девојчињата беше свртено кон ракометот, во кој можеа да се докажуваат и да ги покажуваат своите спортски способности. Токму од тие причини, јас како професор во гимназијата „Кочо Рацин“ во Ѓорче Петров, собрав една група од осум девојчиња со кои почнав редовно да работам и да ги упатувам во тајните на ракометот. Во таа „осумка“, која од ден на ден се зголемуваше, беа Георгиевска, Светлана и Весна Димишкови, Живковиќ, Лозановска, Филевска, Дојчиновска и Момировска. Од оваа временска дистанца можам да кажам дека и тие треба да бидат горди, зашто со нив почна убавата приказна за ЖРК Ѓорче Петров. Тие беа првите што го најавија доаѓањето на великанот на македонскиот спорт, кој со додаденото име на спонзорот Кометал, стана европски клупски првак. Зарем тоа, во тие почетни години на развојот на клубот, некој можеше да го очекува? Но, ете, со големата поддршка на првиот човек на Кометал, Трифун Костовски, и тимот на соработници околу него беше создадена една квалитетна екипа, која полека, но сигурно во таа 1994 година почна да го гради патот за пробив во европската елита – се сеќава на тоа време Радиќ.

ЧЕКОР ПО ЧЕКОР КОН ВРВОТ

Младите девојки од гимназијата „Кочо Рацин“, на кои им се приклучија и ученички од другите училишта, го почнаа својот ракометен живот не претпоставувајќи до каде ќе стигнат. Тоа во почетокот и не ги интересираше, за нив беше битно да спортуваат и да се дружат.
– Меѓутоа, како нивни тренер почувствував дека кај девојките има голема желба, кога веќе се занимаваат со ракометот, да постигнат и нешто повеќе во овој спорт. Затоа, единствено што ни преостануваше беше полека и без брзање да го градиме патот и да мечтаеме за што повисоки дострели – вели Владимир Радиќ.
Откако беше поставена основата, веќе се размислуваше и за иднината. А следна цел на младите ракометарки им беше да одат од понизок во повисок ранг на натпревари.
– Така, од Втората македонска лига се пласиравме во Првата, со што почетната цел беше реализирана. Следна цел ни беше прво место во Првата МРЛ и пласман во Втората југословенска лига. Откако и тоа беше остварено, погледите ни беа свртени кон пласман и во најелитната лига во државата. И тоа, со голема верба во себе и поддршка од целокупната спортска јавност, го остваривме. Станавме членови на Првата лига на земјата, која во минатото имаше освојувано медали на олимписки игри, светски и европски првенства. Тоа ни даде нов импулс, зашто добивме шанса да се надигруваме и да го градиме сопствениот имиџ, не само во дуелите со просечни прволигашки екипи туку и со неколку европски клупски прваци, членови на југословенската лига, Локомотива, Раднички, Вождовац. Создадовме цврста екипа, кон која сите противници гледаа со респект. Но токму во времето кога почнавме и ние да атакуваме кон врвните позиции во Првата лига, дојде и до распадот на поранешната држава. Првата лига опстана уште некое време, но веќе не беше онаа старата, зашто екипите од Хрватска и од Словенија се повлекоа и повеќе не учествуваа во натпреварите. Тука и ние се најдовме на еден крстопат, но, сепак, и во новонастаната ситуација се снаоѓавме и тежнеевме клубот да продолжи по зацртаниот пат. По осамостојувањето на нашата држава, следните цели беа јасни – да се освојуваат шампионските и куп-титулите во Македонија. Во тоа успевавме, а вистинската инјекција за клубот дојде кога грижата за него комплетно ја презеде Кометал – го завршува првиот дел од приказната Владимир Радиќ.
За понатамошниот тек на кариерата на Радиќ, за моментите на неизвесност и радост за освојувањето на европската круна, како и за настапите на македонската женска репрезентација ќе читате идната недела.


Владимир Радиќ

Роден: 1949 година во Скопје
Кариера: тренер на младинските фудбалски репрезентации на Македонија и на поранешна Југославија, ракометен тренер на ЖРК Кометал Ѓорче Петров и на македонската женска репрезентација, поранешен стандарден фудбалер на Македонија Ѓорче Петров
Успеси: помошник-тренер на европскиот шампион ЖРК Кометал Ѓорче Петров, помошник-тренер на женската репрезентација на Македонија на нејзиното деби на СП во 1997 година, освоено седмо место, со екипата на Кометал Ѓорче Петров освоени повеќе шампионати и купови на Македонија