Замокот „Сфорца“ е средновековно утврдување изградено во 15 век од Франческо Сфорца, војвода на Милано. Истражувачите истакнуваат дека замокот е изграден врз темелите на постаро утврдување од 14 век, а подоцна постојано е обновуван и зголемуван. Замокот во 16 и 17 век е една од најголемите цитадели во Европа. Кон крајот на 19 и почетокот на 20 век, интензивно е обновен, а денес во него се сместени неколку музеи и уметнички колекции на градот Милано.
Првичното утврдување е изградено во периодот 1358-1370 година, во истата област каде што се наоѓала античка римска воена градба. Постепено бил прошируван сѐ додека не станал замок со четири кули и ѕидови, со дебелина до седум метри. Замокот станал главна резиденција на владетелите на Милано.
Во 1450 година, Франческо Сфорца станал еден од најмоќните луѓе во Милано и започнал со реконструкција на замокот, претворајќи го во своја резиденција. Во 1452 година, Франческо го ангажирал скулпторот и архитект Филарет, кој ја дизајнирал и украсил главната кула. По смртта на Франческо, архитектот Бенедето Ферини ја продолжил изградбата. Во 1494 година, Лудовико Сфорца станал господар на Милано и повикал голем број уметници што требало да го украсат замокот, а меѓу нив бил и Леонардо да Винчи.
Во следните години, замокот бил оштетен од нападите на француските и германските војници, а династијата Сфорца ја изгубила власта во градот. Франческо Втори Сфорца успеал накратко да ја возобнови власта, ја обновил и зголемил тврдината, а еден дел од неа користел и како резиденција.
По освојувањето на Милано од страна на Шпанија, замокот станал цитадела во која биле сместени околу 2.000 шпански војници. Во 1550 година, започнало приспособувањето на замокот во нов стил на утврдување – хексагонална тврдина, а надворешните ѕидови достигнале должина од три километри. Надворешната страна, која некогаш гледала кон градот, има две кружни кули изградени од Франческо Сфорца, а централната кула е модерна реконструкција. Кружните кули биле променети во текот на власта на Австрија, а главната порта води кон голем двор.
По обединувањето на Италија, во 19 век, започнале реставраторски работи, а во текот на Втората светска војна замокот бил сериозно оштетен. Во повоениот период започнала нова реконструкција и замокот бил наменет за музејски цели.
Денес во замокот „Сфорца“ се сместени неколку музеи, а меѓу нив се Музејот за античка уметност, Египетскиот музеј, Музејот на антички мебел, како и музејот во кој се сместени ремек-делата на голем број италијански уметници.