Скарбо на Бит-пазар (1)

За книгите раскази „Скарбо во мојот двор“, 1986 г., и „Воден знак“, 1990 г., на Јадранка Владова

На полето на расказот, првите книги на авторите на т.н. „Петти круг“ („Речно улиште“ на Михајловски, „Тајна историја“ на Дурацовски, „Продавница на чист воздух“ на Петрески), на различен начин ја афирмираат многудимензионалноста на искуството на сензибилниот жител на градот. Она што, пак, овие збирки раскази го истакнуваат, во согласност со одделните раскажувачки позиции, е евокативниот, „пејзажниот“ квалитет, на поинаков начин од оној што дотогаш беше доминантен во македонската проза. Таквиот (урбан) пејзаж самиот се осознава или, подобро речено, се обидува да се осознае, зашто е менлив и таен. Навидум, ваквата поставеност кон сознанието ја негира класичната нарација, иако веќе првичниот преглед на некои од врвните мајстори на постмодернистичкиот расказ (Борхес, Калвино, Кортасар, Хандке…) покажува дека жедта кон нарацијата не е нагризена, туку се изразува, наспроти широкиот „реалистичен“ зафат, во просторот на приватното, асоцијативното, магичното.
Во тој контекст, веќе насловот на првата книга раскази на Јадранка Владова, „Скарбо во мојот двор“, сугерира исчекор од поширок кон интимен простор (Градот – Бит-пазар – дворот – куќата – собата). Во тоа привидно стеснување, нараторот се „остварува“, се аргументира навлегувајќи во втората стварност, во имагинарното. Оттаму, како што се вели во кусата автобиографска белешка, безграничната љубов кон Алојзиус Бертран (инаку роден на ист ден како авторката, 20 април), мистериозниот творец на ремек-делото на поетската проза „Гашпар Ноќникот“ (во која Скарбо е еден од фасцинантните ликови), кон големиот романтичарски поклоник на лунарниот, недофатлив свет.

Суптилниот прозен вез на Владова, и кога е сентиментален и кога, понекогаш, е осенчен со блага иронична дистанца, често се потпира во стилот на словенската раскажувачка традиција и се храни од нејзината богата чувственост. Многубројните успешно изведени, но и силно емотивно доживеани раскази во книгата („Палавиот Амор“, „Стефан и светата Павлина“, „Посетата на мама Анета“, „Најдобриот пријател на татко ми“, „Кнезот Мишкин од Бит-пазар“, „Влегување во конверзација“, „Астралната посета на О.“, „Господарот на белото езеро“) каде што барокната разработка на детаљот е сплотена во „смислата“, во носталгичниот хуманизам што провејува низ овој ракопис, сведочат за автентичната атмосфера на битпазарските стории, но и за исто толку автентичните, артистички настојувања тој богат емотивен материјал да се преточи во уметничка проза.
На пример, во расказот „Во исповеден тон за летувањето во Б.“, навидум интимната импресија за една посета на малото место Б. Со фини интервенции добива сосема друга физиономија. Текстот е поделен на глави со духовити наслови, а некогаш делот е без наслов (како оној што го расветлува ликот на тетинот). Или, во разиграната сказна за „Пантолфите на мајстор Вортик“, насловот следува по воведот (што печатарите не го разбрале, па почетокот на расказот е отпечатен на иста страница со претходниот расказ). Иако се чинат досетливи, овие „надворешни“ ефекти произлегуваат од една жива, немирна, колку постмодерна, толку стерновска авторска перспектива, што во привидната заобленост на просторот околу себе и во себе гледа подвижност, менливост, неизмерливост. Сѐ е подведено под сомнеж, во допирот, низ зборот, дури и во насмевката избива надземното – од сонот, од магијата – како потстрекнувачка негација на еднонасочната реалност. Од расказите на Владова нѐ опфаќа некоја порозност на атмосферата, на ликовите, на времето. Останува и фантастиката – можност да се пробие низ кревкиот превез на видливото, да се прочисти стварноста. Светот низ кој нѐ води Владова веќе не се само препознатливите сокаци со дуќанчиња на Старата скопска чаршија накитени со ракотворби на искусните еснафлии, туку интимниот свет на една повредлива сензибилност, за која секоја случка, па и збор, повлекува некоја друга случка, некој претходен збор. Оттаму поетскиот јазик на овие раскази што ја лови смислата лизгајќи се, филтрирајќи низ порите на трепетливото чувство, оттаму вешто забавениот ритам на раскажувањето во кој се интерполираат сцени, секвенци. Сето ова треба да се има предвид кога оваа проза се оценува како традиционалистичка; таа е најмалку тоа и по својот внатрешен карактер и по очевидното надминување на фактографската условеност. Драматичноста, само поттурната од надворешните импресии, навистина се случува во длабочината на маѓепсаните сетила. Владова останува приврзана кон приказната и сите игри со белините, инаку умерени, или монтажните интервенции во текстот се вклопени во раскажувањето.

(продолжува)