Фото:

Агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“ го потврди кредитниот рејтинг на Македонија на „ББ+“ со негативен изглед. Агенцијата нотира добро владеење, како и кредибилна и кохерентна макрофинансиска политика, конзистентна со долго одржуваниот фиксен девизен курс.

Како што соопшти денеска Министерството за финансии, задржувањето на кредитниот рејтинг е особно значајно за Македонија во услови на глобална криза. Агенцијата нотира дека негативниот изглед ги рефлектира ризиците со кои земјата се соочува по пандемскиот шок и ефектите од настаните во Украина.

„Фич“ во извештајот наведува дека негативните влијанија делумно ќе бидат избалансирани со растот на домашната побарувачка, која е поддржана од владините мерки за раст на платите и јавните инвестиции.

Агенцијата предвидува раст на македонската економија од 2,8 отсто во 2022 година, како резултат на проблемите во глобалните синџири на дистрибуција, последиците од прекините во снабдувањето со енергија и зависноста од увоз на гас од Русија.
Со намалувањето на геополитичките ризици и притисоците на цената на енергијата, како и со постепената фискална консолидација со акцент на јавните инвестиции се очекува растот на економијата да достигне 3 отсто од БДП во 2023 година, посочуваат од „Фич“.

-Очекувањата на Агенцијата во врска со буџетскиот дефицит за 2022 година се дека истиот ќе биде повисок од оној во 2021 година, како резултат на владиниот одговор на ценовната и енергетската криза, зголемувањето на минималната плата, повисоките пензиски трошоци и поддршката на одредени клучни сектори во економијата. За справување со кризата Владата воведе пакет од 26 мерки во вредност од 400 милиони евра за поддршка на стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите. Од „Фич“ предвидуваат намалување на буџетскиот дефицит на 4,8 проценти во 2023 година, со повлекувањето на мерките за поддршка, како што се намалување на стапките на ДДВ и поддршката за енергетскиот сектор-се наведува во соопштението од Министерството за финансии.

Според „Фич“ силна поддршка за посветеноста на властите кон фискална консолидација, што би довело до намалување на фискалниот дефицит и стабилизација на долгот би била бараната двегодишната линија за претпазливост и ликвидност со ММФ. Агенцијата очекува државниот долг да достигне 55,2 отсто од БДП до крајот на оваа година и 56 проценти од БДП до 2023 година.

Претходно кредитниот рејтинг на Македонија го потврди Агенцијата „Стандард и Пурс“, „ББ-“ со стабилен изглед. Кредитниот рејтинг на една земја го покажува степенот на ризик од инвестирање во неа, и е еден од клучните индикатори коишто потенцијалните инвеститори ги земаат предвид при носење на нивните одлуки.