Фото: Маја Јаневска-Илиева

Денешната слика во сообраќајот е резултат на минималното внимание посветено на едукација на најмладите во минатото. За последиците од претрчувањето на необележени пешачки премини и од крајно непрописното возење велосипеди и автомобили се укажува од најмлада возраст. Низ најразлични игри и дидактички пристап што им одговара на најмладите се учи за безбедноста, па подоцна таквиот темел се надградува низ училишните клупи, сообраќајни натпревари и сл. Резултатите од непознавањето на сообраќајните прописи се плаќаат премногу скапо, со црн биланс на повредени, прегазени и загинати учесници…

ЕДУКАЦИЈАТА Е КЛУЧНА ЗА БЕЗБЕДНОСТ И СИГУРНОСТ ВО СООБРАЌАЈОТ

Една од најважните работи од областа на сообраќајот што се неопходни во државава, а особено во Скопје како метропола, каде што дневно циркулираат повеќе од сто илјади возила и можеби трипати повеќе пешаци е едукацијата на населението, на учесниците во сообраќајот, а особено на дечињата уште од најмала возраст. Со правилно едуцирање на децата за совесното и одговорно однесување во сообраќајот како пешаци, но и подоцна како возачи на автомобили и велосипеди, се зацврстува најважната алка во низата наречена сообраќај.

НА ДЕЦАТА ОСТАНУВА ДА ЈА НАДГРАДУВААТ БЕЗБЕДНАТА СООБРАЌАЈНА ИДНИНА

На децата останува иднината, и тоа е навистина точно. Доколку погледнеме подлабоко, денешната слика во сообраќајот е резултат на минималното внимание посветено на едукација на младите во минатото. За последиците од претрчувањето на необележени пешачки премини и од крајно непрописното возење велосипеди и автомобили се укажува од најмлада возраст. Низ најразлични игри и дидактички пристап што им одговара на најмладите се учи за безбедноста, па подоцна таквиот темел се надградува низ училишните клупи, сообраќајни натпревари и сл. Резултатите од непознавањето на сообраќајните прописи се плаќаат премногу скапо, со црн биланс на повредени, прегазени и загинати учесници…
Токму поради тоа, за соодветна едукација на најмладите, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) интензивно работи на едукација на најмладите, и тоа почнувајќи уште од најрана возраст – од градинките.
Од тие причини, неодамна беше остварена средба помеѓу претседателката на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Гордана Кожуваровска, со министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска. На средбата се разговараше за досегашната соработка и за активностите што се планираат со најмалите дечиња од предучилишните установи. Претседателката на Советот ја запозна министерката со кампањите што се реализираат во градинките, во согласност со Програмата за работа на РСБСП за 2022 година.
– Предвидени се голем број сообраќајно-едукативни настани, предавања, емитување едукативни видеа и филмови, специјално приспособени за најмалата категорија учесници во сообраќајот. За дечињата се обезбедени боенки, сликовници, летоци и друг едукативен материјал со содржини од безбедноста на сообраќајот. Во тек е кампањата ,,Младите пешаци“, каде што со предавања, презентации и делење брошури е опфатен најголемиот дел од градинките во државата – информираа од РСБСП.
Претседателката потенцира дека главната цел на РСБСП и во 2022 година е унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата и намалување на бројот на загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди, вклучувајќи ги тука и децата. Очекувањата се да се постигнат интензивна соработка и заедничко дејствување на сите надлежни институции, за целосна реализација на предвидените активности.

СЕКОЈДНЕВЕН НЕРЕД ВО СООБРАЌАЈОТ И НЕПОЧИТУВАЊЕ НА СООБРАЌАЈНИТЕ ПРАВИЛА И ПРОПИСИ

За жал, реалноста во Скопје е многу поинаква од тоа како треба да биде. Наместо да растеме сообраќајно свесни генерации, кај нас децата учат да го прават сето она што не го дозволува законот кога е во прашање сообраќајот. Па, така, низ улиците можеме секојдневно да забележиме родители што со своите деца претрчуваат преку жардиниери за да преминат улица, но и родители што крајно непрописно ги возат децата во автомобили на предни седишта, а некои дури и им дозволуваат да седнат и да управуваат со возилото.
– Кај нас во Бутел е навистина голем проблем кога се децата во прашање. Им се дозволува да возат мотори, возила, па дури и електрични тротинети на главни улици. Кога и да поминете на булеварот Христијан Тодоровски-Карпош, ќе забележите минимум едно од гореспоменатите прекршувања на Законот за безбедност во сообраќајот – вели Мила Михајловска.
Токму за таа цел, во февруари годинава, на тема едукација на децата, беше остварена средба помеѓу РСБСП и првата детска амбасада „Меѓаши“, на која беше заземен заеднички став дека безбедноста во сообраќајот е многу повеќе од стекнување знаење и справување во одредени ситуации. Тоа првенствено е желба да се променат ставовите и однесувањето на сите учесници во сообраќајот. Затоа, навремената едукација на децата за сообраќајните правила и прописи, заложбата за нивна подготовка за успешно вклучување во сообраќајот во иднина како пешаци, возачи или патници, како и промената на ставовите и однесувањето на сите учесници во сообраќајот, е концепт што неминовно ќе даде резултати во насока на постигнување поголема безбедност на децата во сообраќајот.