Франција се залага за отворање нови рудници во Европа, како начин за зајакнување на стратегиската автономија на Унијата. И другите членки на ЕУ покажаа подготвеност за почнување на ваквата иницијатива. Од друга страна, Германија сè уште е резервирана во однос на споменатата идеја. Таму многумина стравуваат дека ископувањата можат да ги оштетат нивните домови, додека еколошките здруженија предупредуваат дека рударството може да доведе до загадување на почвата и водата. Германија има малку повеќе различен концепт од Франција и работи на зајакнување на концептот на т.н. „кружна“ економија…

Енергетската криза поттикна некои од западните држави да се свртат кон рударството и ископувањето суровини

Како што кризата во Украина ја разоткри зависноста на Европа од рускиот енергетски увоз, пред политичарите сега претстои друг ризик, а тоа е зависноста на Унијата од трети земји за увоз на суровини потребни за нејзината зелена транзиција. Додека некои земји ја прифаќаат идејата за ископување на тие материјали дома, други, како Германија, сè уште се колебаат и се претпазливи да не ги налутат локалното население и еколошките групи.

Една зависност се заменува со друга?

Во интервју за „Политико“, германската министерка за животна средина Штефи Лемке призна дека „актуелната криза покажа дека нема смисла да се замени една зависност со друга“, но нагласи дека „целосната независност не е реално сценарио за Германија“. Според неа, главниот фокус на државата ќе биде да се осигури суровините колку што е можно повеќе повторно да се користат и да се работи на зајакнување на т.н. „кружна“ економија, за да можат се употребат ефикасно. Се чини дека токму на овој термин „кружна“ економија во иднина ќе му се посвети многу поголемо внимание, бидејќи недостигот од одредени суровини државите ќе настојуваат да го надоместат со нивно неколкукратно користење, се разбира, таму каде што има шанса за тоа. И не случајно министерката го потенцира тоа, бидејќи тоа се области каде што нејзиното министерство има „значително влијание“.
Портпаролот на германското министерство за климатски политики и економија, предводено од нејзиниот колега од Зелената партија, Роберт Хабек, рече дека Берлин ги поддржува иницијативите надвор од Брисел за зајакнување на набавката на суровини од дома. Од Министерството истакнаа дека домашното производство или екстракција на литиум може да помогне да се намали зависноста од увоз и да се диверзифицираат изворите на снабдување.

Франција со малку поинакво размислување и позиција

Внимателниот пристап на Германија е целосно спротивен од позицијата на Франција, која се залага за отворање нови рудници во Европа како начин за зајакнување на стратегиската автономија на Унијата. Нејзиниот став стана попривлечен откако руската инвазија на Украина ја истакна итноста за Европа да се одвикне од употребата на руските фосилни горива и да продолжи со зелената транзиција, што ќе бара обезбедување пристап до материјалите потребни за изградба на зелени технологии како батериите, како и технологијата за чиста енергија. Размислувањата на Франција го одразуваат трендот во ЕУ да се преиспита дали потпирањето на странските нееколошки рудници за снабдување со суровини е „добар потег“. Во авторски текст објавен во белгискиот дневен весник „Еко“, белгиската министерка за животна средина Закија Катаби ја повика ЕУ да ги зголеми инвестициите во „иновации за производство на ретки метали во Европа“ и да развие „амбициозна“ кружна економија.
Досега Германија релативно молчи. Нејзиното двоумење делумно се сведува на стравувањата од реакцијата на јавноста. Локалната опозиција веќе ги одложи плановите за ископ на литиум во рамнината на Горна Рајна, едно од најголемите наоѓалишта на континентот. Многумина стравуваат дека ископувањата можат да ги оштетат нивните домови, додека еколошките здруженија предупредуваат дека рударството може да доведе до загадување на почвата и водата. Слична загриженост го блокира и отворањето нови рудници во Шведска и во Португалија, која има амбициозни планови да ги ископува своите огромни резерви на литиум како дел од обидот да стане европски енергетски центар. Напнатоста помеѓу влијанијата врз локалната животна средина и пошироките климатски амбиции му е позната на Берлин, кој се подготвува за борба, бидејќи планира сериозно да го зголеми капацитетот на ветерната енергија за да ги исполни климатските цели поради противењето на локалните жители и еколошките групи што се загрижени за загадувањето на природата.
Франција тврди дека заштитата на животната средина и исполнувањето на климатските цели не мора да се најдат во судир. Во интервју за „Лес екос“, Помпили порача дека ископувањето „стратегиски материјали“, како литиум на сопствена територија, ќе ѝ овозможи на Франција да се погрижи да се почитуваат строгите еколошки и општествени стандарди. Претходно оваа година, таа рече дека тие стандарди би можеле да се дефинираат во вториот дел од таксономијата на ЕУ, која се очекува да биде објавена подоцна оваа година и ќе ги опфати областите како биодиверзитетот, загадувањето и кружната економија. Таа можност убеди и некои екологисти да се заложат за идејата.

Подготвил: Марјан Велевски