Во општина Центар Жупа на повторените избори за градоначалник не е обезбеден потребниот цензус што значи дека не е избран градоначалник.
Според првичните резултати добиени по електронски пат од општинската изборна комисија Центар Жупа, Државната изборна комисија соопшти дека од 7.077 избирачи, на гласање излегле 2.120, односно 29,96 отсто. Вкупно 2.052 гласачки ливчиња се важечки, додека 68 се неважечки.
ДИК информира дека кандидатот со реден број 1, Шаин Шаќир, предложен од ДНЕТ, освоил вкупно 165 гласа, додека кандидатот со реден број 2, Аријан Ибраим, предложен од ДПТМ, освоил вкупно 1887 гласа.
– На денешните избори од вкупно запишаните 7.077 лица со право на глас, гласале 2.121 лице или 29,97 отсто, со што не е постигнат потребниот цензус од 1/3 од вкупното гласачко тело. Кандидатот Аријан Ибраим, од Турската демократска партија, освои 1887 гласови или 89,1 отсто, додека Шаин Шаќир од партијата Движење за национално единство на Турците 165 гласови ли 7,78 отсто – изјави синоќа за МИА, Неџип Илјаз, претседател на општинската изборна комисија.
Двајцата кандидати беа во трка за градоначалничката функција и на изборите на 17 октомври минатата година. Тогаш, Ибраим, освои 1.342 гласови или околу 72 отсто а Шаќир 482 гласа или 26 отсто. Вкупната излезност беше 25,77 отсто од тогаш запишаните 7.317 гласачи.
Изборниот ден мина без проблеми на сите 16 гласачки места, кои беа отворени во 7 и затворени во 19 часот.
Поради необезбеден цензус во октомври, со одлука на Владата на Македонија на 14 ноември Ибраим, кој два мандата е на функцијата, беше наименуван за повереник за надлежностите на градоначалник за оваа општина.