Фото: Игор Бансколиев

Според податоците на Светската туристичка организација, земјава регистрирала раст на туристички пристигнувања од 139 отсто, со што се најде на високото петто место во светот, како дестинација со најголем раст на странските туристи. Промотивните активности во областа на туризмот мора да бидат постојани, во континуитет, за да се постигне уште поголем ефект од истите тие, велат упатените

РАНГИРАЊЕТО НА СВЕТСКАТА ТУРИСТИЧКА ОРГАНИЗАЦИЈА КАКО ПОВОД

И покрај пандемијата, минатата година македонскиот туризам достигнал одлични резултати. Според податоците на Светската туристичка организација, земјава регистрирала раст на туристички пристигнувања од 139 отсто, со што се најде на петтото место во светот, како дестинација со најголем раст на странските туристи. Меѓу петте земји со најголем раст на туристи се и Црна Гора, Кипар, Малдиви и БиХ. Ова неодамна го посочи првиот човек на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ), Љупчо Јаневски, кој додаде дека минатата година сме ја завршиле со одлични бројки.
– Во периодот јануари – декември бројот на туристите е зголемен за 50,3 отсто во однос на истиот период претходната година. Кај домашните туристи има зголемување за 16,9 отсто, а кај странските за 148,7 проценти. Бројот на ноќевањата е зголемен за 36,3 отсто, и тоа кај домашните туристи за 13,7, а кај странските за 165,1 проценти – кажа директорот и објасни дека најголем дел туристи што ја посетиле нашата земја се од Србија, Турција, Полска, Албанија и Косово. Тој очекува и оваа година да се постигнат позитивни резултати и смета дека годинава ќе ја завршиме со 2,5 милиони ноќевања и ќе оствариме над 400 милиони долари прилив.

Колку и каква улога во привлекувањето на туристите играат рекламите, кои се забележува дека во овој период добиваат замав, освоено пред празниците и пред летната сезона. Сѐ почести се рекламите со кои се промовираат неколкудневни патувања, празнични патувања и понуди за рани резервации за летните одмори. Упатените потенцираат дека туризмот како индустрија мора да ги следи новините и истовремено да ги искористи на најдобар начин. Колку рекламите може да помогнат во промоција на нашата земја и на тој начин да се привлечат повеќе посетители во Македонија?
– Туризмот е индустрија што постојано се менува, со нови начини за привлекување клиенти, кои постојано се појавуваат. Конкуренцијата е висока во овој сектор, при што секој бизнис се стреми да продолжи со најновите маркетинг-трендови. Социјалните медиуми го променија секој аспект од нашите животи, вклучувајќи го и начинот на кој консумираме. Овие случувања значително се одразија на бизнисите, главно преку овозможување нови маркетинг-стратегии. Туризмот, како еден од најживописните сектори на глобалната економија, несомнено е дел од сето ова. Спојувањето на социјалните медиуми и туристичкиот маркетинг ќе доведе до одлични резултати за промоција на туризмот – вели Дончо Нацев, сопственик на туристичката агенција „Арбо травел“, која нуди патувања и во странство за домашните туристи, но и дојдовен туризам, или понуди за странски туристи што ја посетуваат Македонија.
Нацев посочува дека социјалните медиуми ги трансформираа начините за градење доверлив бренд и дополнува оти за туристичката индустрија заврши ерата на брошури и билборди.

– Клучот за деловниот успех е да се соберат социјални споделувања, позитивни критики од корисниците и задоволство на клиентите на социјалните медиуми. За Македонија да стане попривлечна туристичка дестинација мораме сите ние што туризмот го имаме одбрано како наша професија да придонесеме преку соодветна кампања за продажба на нашиот производ. Се разбира, голема улога во промоцијата има и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Македонија – дополнува Нацев.
Директорот на АППТ објаснува дека промотивните активности во областа на туризмот мора да бидат постојани, во континуитет, за да се постигне поголем ефект од истите тие.
– Промоцијата во туристичката индустрија треба да биде континуирана и повеќе насочена кон пазарите од кои имаме туристи и планираме да ги развиваме во периодот што е пред нас, пред сѐ, како дел од долгорочна стратегија во туристичкиот сектор. Од 2018 година, АППТ започнува со 100 отсто онлајн рекламирање, кое е насочено дополнително со интегрирање на сите канали од социјалните медиуми. Оваа методологија со дополнителните истражувања на пазарите дава резултат и помага да се држи чекор со голем број светски дестинации. Сепак, во континуитет во последните четири години АППТ има намалување на буџетските средства за работење, а наедно и за промовирање на дестинацијата – посочува Јаневски.
Директорот исто така укажува оти со стратегиското планирање за 2022 година и неговата презентација јасно се покажуваат практиките и новата реалност во туристичката индустрија, за која АППТ достави барања за рекламирање на Јутјуб и Гугл, како дел од поголема буџетска активност директно од Владата.

– Во 2022 година со скромните буџетски средства ќе се изработат туристичко лого и слоган што треба да ја пресликаат перцепцијата на дестинацијата и заеднички со туристичкиот сектор да се интегрираат на државно ниво. Секогаш има потреба од дополнителна промоција, а пазарите што АППТ ќе ги опфати со скромните четири милиони денари предвидени за кампања ќе бидат регионот и традиционалните пазари. Јас сум уверен дека со меѓународните донатори и во 2022 година ќе успееме да постигнеме позитивни резултати, а со туристичкиот сектор уште повеќе ќе работиме Македонија и оваа година да има раст во туристичката индустрија – потенцира Јаневски.