Прашањето за алтернативна набавка на енергенти сѐ уште не се симнува од дневниот ред на Европа. И денес тоа прашање високо котира на агендата на приоритетни прашања, бидејќи многу длабоко навлегува и во стопанството, во економијата, во политиката, а секако и во квалитетот на животот и на стандардот на Западот

Зависноста на Западот од руската енергија наспроти одлуката за прекин на испораките

Еден од најгорливите проблеми во Европа денес, во и надвор од контекстот на војната во Украина, секако е енергетската зависност од Русија. Проблем што ги крена на нозе европските лидери во обид да најдат решение со кое ќе ја смират домашната јавност, и од стопански, но и од граѓански аспект, без притоа да предизвикаат непосакувани проблеми што би можеле да имаат долгорочни последици. Повеќето европски земји воведоа санкции за увоз на гас, нафта и јаглен од Русија и покажаа какво-такво единство како одговор за несогласувањето на „руската специјална операција“ во Украина. Но и пред и по таквиот потег, прашањето за алтернативна набавка на енергентите не се симна од дневен ред на Европа. И денес тоа прашање високо котира на агендата на приоритетни прашања, бидејќи многу длабоко навлегува и во стопанството, во економијата, во политиката, а секако и во квалитетот на животот и на стандардот на Западот.

Проблем и за САД, но таму енергетскиот дефицит полесно ќе се пополни

Економските аналитичари укажуваат дека со сличен проблем се соочуваат и САД, но таму се чини никој не гледа со голема загриженост на новонастанатата ситуација, бидејќи условите се сосема поинакви. Имено, американскиот Конгрес во четвртокот едногласно гласаше за донесување закон за забрана на увоз на руска енергија, но ако се земе предвид дека уделот на енергетската трговија со Русија во вкупниот обем е само 0,7 отсто, јасно е дека овој потег нема да предизвика посериозни последици. Освен тоа, САД се главен производител на фосилни горива, па станува јасно дека одлуката е повеќе симболична, а дека оваа дупка во снабдувањето лесно ќе се пополни.
Но затоа, пак, во Европа е сосема друга приказна. Зависноста на европските земји од руската енергија е загрижувачки поголема. Минатата година, според ИЕА (Меѓународната агенција за енергија), ЕУ увезувала 380 милиони кубни метри гас дневно од Русија, што е 45 отсто од вкупниот европски увоз на енергија и речиси 40 отсто од вкупната потрошувачка.

Кои се алтернативните решенија

И во таква ситуација, со сите овие бројки земени предвид, сепак, како дел од последниот пакет санкции, сите 27 членки на ЕУ целосно го забранија увозот на јаглен од Русија. Исправени пред крстопатот поради санкциите од една страна и недостигот од енергенти од друга, земјите-членки на ЕУ почнаа да бараат алтернативни решенија. Тоа значи или зголемување на производството во сопствените граници или склучување нови партнерства на енергетскиот пазар или зголемување на обемот на трговија со сегашниот. Но има и такви како Германија, на пример, која се реши за ограничување на потрошувачката на греењето и струјата во домаќинствата за да се ублажи шокот што неминовно ќе следува по прекинот на увозот од Русија.
Јавноста веднаш го постави прашањето колку е голема загубата поради таквиот енергетски шок? Одговорот воопшто не е пријатен, прекинувањето на енергетските врски со Русија би ги чинело многу жителите на ЕУ. Кај Германија, која е 55 отсто зависна од гас и 34 отсто од нафта, дополнителниот годишен трошок на населението во земјата, по жител, би се движел од 100 до 900 евра. Во Франција, која се потпира 17 отсто на рускиот гас и 13 отсто на нивната нафта, енергетскиот шок што следува ќе ги чини жителите меѓу 70 и 105 евра годишно.
Некои земји од ЕУ, како Франција, Италија и Шпанија, би ја платиле оваа мерка со намалување од 0,15 до 0,20 отсто од БДП, но некои, кои во голема мера зависат од руската енергија, како што се Чешка, Словачка, Бугарија, Литванија или Финска, дури со пет отсто.

Кои би биле конкретните чекори

Барајќи излез од незавидната состојба, некои земји веќе почнаа конкретни чекори. Така, на крајот на март, Германија и Катар потпишаа долгорочно партнерство. На средбата меѓу германскиот министер за економија Роберт Хабек и емирот на Катар, шеикот Тамим бин Хамад ал Тани, присуствуваа претставници на германски компании, кои почнаа да потпишуваат договори со нивните тамошни партнери.
Италија и Алжир потпишаа договор за зајакнување на енергетските врски и дополнителен извоз на енергија од северноафриканската земја во Италија. По средбата со алжирскиот претседател Абделмаџид Тебун, италијанскиот премиер Драги најави потпишување на уште еден договор. Драги посочи дека договорите со Алжир ги склучиле две водечки компании, „Ени“ и „Сонатрас“, и додаде дека Италија е подготвена да работи со Алжир на развој на обновливи извори на енергија и водородна енергија.
Грција ќе ги забрза проектите за истражување на гас во договор со приватни инвеститори, изјави премиерот Киријакос Мицотакис. Тој рече дека земјата има цел да има јасна идеја до 2023 година дали има резерви на гас што би можела да ги користи, како и индикации за потенцијални резерви на гас, што ја прави Владата „оптимистичка“.


МАЕ: Предлози за намалување на зависноста

Во обид да им помогне на засегнатите, Меѓународната агенција за енергетика (MAE) неодамна ги објави своите 10 предлози за намалување на зависноста на Европа од рускиот гас, во кои се потенцираше ублажувањето на последиците што би следувале по радикалното раскинување на договорот за трговија со енергија. Според нивните пресметки, доколку се усвојат сите 10 предлози, увозот на руски гас до крајот на оваа година би бил помал за околу 30 отсто.

Предлозите се:
– Непотпишување нови договори со Русија, со цел да се овозможи поголема разновидност на доставувачите;
– Замена за рускиот гас со оној од алтернативни извори; воведување задолжителни минимални резерви на гас во складиштата;
– Забрзување на развојот на нови проекти во областа на одржливи извори на енергија;
– Максимизирање на производството на енергија од нуклеарни централи и биогорива;
– Воведување краткорочни даночни олеснувања за заштита на ранливите потрошувачи од високите цени;
– Забрзување на замената на сите гасни котли со топлински пумпи;
– Зголемување на енергетската ефикасност во зградите и индустријата;
– Поттикнување на намалувањето на просечната температура во домовите за еден степен;
– Зголемување на флексибилноста на енергетскиот систем.


И Русија размислува за алтернативни пазари
Енергентите ќе одат, пред сѐ, кај „пријателските“ земји

Соочена со најновиот бран санкции од западните земји, Русија размислува да го пренасочи извозот на своите големи енергетски ресурси од Западот кон земјите на коишто навистина им се потребни, додека истовремено ја зголемува домашната потрошувачка на нафтата, гасот и јагленот, изјави рускиот претседател Владимир Путин на виртуелниот состанок со функционерите задолжени за развој на рускиот дел на Арктикот.
– Кога станува збор за руската нафта, гасот и јагленот, ќе можеме да ја зголемиме нивната потрошувачка на домашниот пазар и да ја поттикнеме преработувањето на суровините. Исто така, ќе го зголеми снабдувањето со енергетски ресурси на другите региони во светот на коишто тоа навистина им е потребно – рече Путин.
Рускиот претседател додаде дека Западот е виновен за енергетската криза, бидејќи не сака да соработува со Русија.
– Русија е подготвена да им продава нафта и нафтени деривати на „пријателските земји во кој и да е распон на цените“, бидејќи традиционалните купувачи ги избегнуваат руските испораки присилувајќи ја со тоа Москва да го намали производството – изјави за медиумите рускиот министер за енергетика Николај Шулгинов.

Подготвил: Марјан Велевски