Управниот одбор на „Пошта“ каде од изутрина почна генерален штрајк, им понуди на синдикалните организации од 1 јуни годинава линеарно да се зголемат за 3.000 денари платите на 1.700 вработени од оперативниот дел (поштари, шалтерски работници и други), а од 1 август покачување со тој износ да добијат и административните службеници во ова акционерско друштво во државна сопственост.
– Откако предлогот ќе биде доставен официјално ќе биде разгледан од синдикалните одбори, ќе изготвиме спогодба и доколку се прифати понудата и се потпише спогодбата штрајкот ќе биде прекинат – информира претседателот на Синдикатот на Македонска пошта Боро Велигданов на заедничка прес-конференција со членовите на УО и генералниот директор Јани Макрадули.
Главното барање на синдикатите е линерно зголемување на платите од 3.000 денари. Предлогот што го добиле е за тој износ преточен во бодови согласно со Колективниот договор на Македонска пошта.
– Да, се исполнува нашето барање, со компромис согласно финансиските можности – рече Велигденов.
Генералниот директор Макрадули информираше дека вработените ги почитуваат законските обврски за работа и испорака на пратките во услови на штрајк. Со оглед дека се почнати преговорите дневниците на вработените ќе им бидат исплатени.
– Овој процес го решивме без помагачи, туку сами внатре во рамки на компанијата. УО свесен за ситуацијата и на вработените и за економската систуација ја носи одлуката, но се разбира свесни се и вработените и претставниците на синдикатите и мислам дека најдовме компромисно решение – рече Макрадули.
Велигденов и Макрадули апелираа Собранието што поскоро да го изгласа измените на Законот за поштенски услуги, што според нив ќе помогне во целиот процес и ќе ја пролонгира либерализацијата на поштенскиот пазар, во делот на вршење на универзалната услуга. Тоа, посочи Велигданов, ќе ни даде простор за комплетно нова реорганизација и систематизација со што ќе воведеме професионализам и позиционирање на пазарот за поштенски услуги.
– Кога нема реален Закон за поштенски услуги во делот на либерализацијата бидејќи кај нас има квази либерализација, за фер пазар нас ни треба еден поинаков закон кој не зависи само од вработените, не зависи само од менаџментот на Поштата, туку зависи од повеќе институции – укажа Макрадули.
Поштата е АД во државна сопственост, којашто, посочи, приходува сама, а Владата како акцинер помага, не само за плата, туку и за сметки за електрична енергија. Соопшти и дека ја исполниле законската обврска и во април не исплатиле плата под 18.000 денари, а иако немала обврска на сите пошторазнесувачи што се ангажирани со договор на 15.000 денари, им исплатила по 18.000 денари. Важно е, како што рече, и на 27 април да помине и тендерот за нови униформи.
Во коментар на информациите во јавноста дека во Пошта има 200 до 300 вработени кои не доаѓаат на работа, а земаат плата, Макрадули рече дека тоа не се дозволува и информира дека лани заради непостапување согласно со актите на друштвото 47 вработени го изгубиле работниот однос.
Дарко Димовски, претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, оцени дека барањето за зголемување на платите за 3.000 денари е прифатливо и порача дека дијалогот е компромис, што во случајот е покачувањето да важи од 1 јуни за технолошките работници, а од 1 август за другите.
– Фер понуда која ќе ја разговараме на највисоките органи и тела, за која верувам дека ќе одговориме позитивно – рече Димовски.
Тој воедно најави дека заедно со раководството на „Пошта“ ќе изработат нов колективен договор и ќе ги систематизираат работните места. Со тоа, појасни, ќе избегнеме на фиктивните работници кои не доаѓаат на работа да им се исплаќаат плати.
Вработените во националната „Пошта“ стапија во генерален штрајк изутрина во 8 часот. Тие се на работните места, но не испорачуваат услуги со исклучок на тие на кои се обврзани во услови на штрајк. Тоа подарзбира почитување на член 49 од Законот за поштенските услуги, согласно кој се должни да обезбедат прием, пренос, сортирање и дистрибуција на поштенските пратки, што се користат во судски постапки, административни постапки, постапки во врска со прекршоци и препорачани поштенски пратки, пренос, сортирање и дистрибуција на препорачани поштенски пратки за потребите на одбраната и безбедноста, како и препорачани пратки и пратки со означена вредност што се собрани пред почетокот на штрајкот.
Одлуката за стапување во генерален штрајк беше донесена на 31-ви минатиот месец, по, како што информираа, неуспешниот дијалог со Управниот одбор на Поштата и Владата и нереализирањето на барањето за повисоки плати.
Од почетокот на годинава на пазарот на поштенски услуги по втор пат настапи целосна либерализација и престанаа да постојат ценовните монополи за поштенските услуги за пратките за коресподенција и пратките со директна пошта, со маса до 50 грама, односно резервираните поштенски услуги кои беа загарантирани со Законот за поштенските услуги. АД „Пошта“ Скопје, со лиценца од највисок ранг – Индивидуална дозвола е давател на универзална услуга, со обврска да го извршува сетот на основни поштенски услуги, преку сопствената мрежа, низ целата територија на државата и во меѓународниот сообраќај по цени регулирани од Агенцијата за пошти.
Владата уште пред две години најави реструктуирање на националната Пошта и најави изработка на физибилити студија со која би се утврдиле чекорите за евентуална приватизација или јавно-приватно партнерство во АД „Пошта“.
Во понудата на поштенскиот пазар во државава, покрај АД „Пошта“ се и портфолијата на поштенски услуги на 42 приватни лиценцирани даватели на поштенски услуги.