Од печат излезе книгата „Нулорог“ од чешкиот автор Петр Станчик, а во превод на Донка Роус, во издание на издавачката куќа „Славика либрис“. Насловот „Нулорог“ се однесува не само на роговите што на женките носорози им ги отсекуваат ловокрадците туку и на „нула-суштината“, на времето во кое веќе нема место за слободната имагинација. Номиниран за престижната награда „Магнезија литера“ за книга на годината за 2019 година, „Нулорог“ на Петр Станчик е истовремено историски и авантуристички роман со детективски мотиви, испреплетен со многу хумор и сатира.
„Го запознав целиот космос на своите можности и бев вчудовиден од неговата бескрајност. Ако ги надминам својата мрзеливост и страв од сопствената големина, можам да станам што било. Можеби и Бог. Камен во прав крај патот. Или да останам тоа што сум. Тоа зависи само и само од мене…“, е мал извадок од книгата.
Петр Одило Страдички-Станчик е поет, романсиер, драматург и есеист, роден на 9 јуни 1968 година, во Чешка. Автор е на повеќе романи, како и добитник на престижната книжевна награда „Магнезија литера“, за романот „Мелница на мумии“ (2014), додека романот „Ангелско јајце“ (2017) е избран за книга на годината во анкетата на „Лидове новини“. Автор е и на четири стихозбирки, седум книги за деца, како и на неколку радиодрами изведени на Чешкото радио.