Дел од поддржувачите на Украина се подготвени за модернизација на украинското вооружување од советската ера кон стандардите на НАТО, земајќи ја предвид можноста за траење на војната со месеци, па дури и со години, откако досега во голема мера беа воздржани од снабдувањето со најмодерно оружје, за да избегнат обучување на украинските сили за негово користење, објавува „Блумберг“.
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ги пофали државите кои ја снабдуваат Украина со оружје, но нагласи дека е потребно долго време за сојузниците да одлучат каков вид на воена опрема да испратат, додека трае војната. Киев истакна дека му се потребни противавионски ракетни системи, оклопни возила и тенкови. Кулеба тврди дека доколку Украинците добиеле модерно оружје на почетокот на конфликтот, можеле да спроведат и обука за негово користење за една до две недели.
Би било несоодветно за западните сојузници да ги исполнат украинските барања за оружје, истакна завчера британскиот премиер Борис Џонсон на заедничката прес-конференција со германскиот канцелар Олаф Шолц, неколку часа откако Берлин одлучи да не испрати тенкови „Мадер“ во Украина, пренесува „Политико“.
Џонсон, сепак, порача оти Обединетото Кралство ќе испрати воена опрема вредна над 100 милиони фунти, вклучувајќи и противавионски и противтенковски ракети, 120 оклопни возила и муниција. Тој додаде дека е „отворен за разгледување на можноста за одбранбено оружје кое би им помогнало на Украинците да се заштитат“, како и дека е „важно да се даде опрема која ќе им биде од корист на Украинците“, на што се согласил и Шолц. Британскиот премиер го повтори ветувањето за снабдување на Украина со оружје и за време на вчерашната посета на Киев.
Западните претставници тврдат и дека Русите оставаат голем број тенкови и оклопни возила при повлекувањето од северна Украина. A „Њујорк тајмс“ претходно извести дека САД и сојузниците ќе испратат тенкови од советската ера како помош за Украина.