Светот итно треба да ги намали емисиите на јаглерод за една четвртина до 2030 година, за да се избегнат најкатастрофалните влијанија на климатските промени, се наведува во најновиот извештај на Меѓувладиниот панел за климатски промени на ОН. Владите и индустриите мора да обезбедат намалување на емисиите на јаглерод до 2025 година, па дури и тогаш светот мора да инвестира во постројки и други технологии за отстранување на јаглеродниот диоксид од атмосферата. Со овие мерки, светот сè уште може да очекува пораст на температурите за најмалку 1,5 степен во следните неколку децении, а сепак најголем број светски корални гребени ќе бидат уништени и многу ниски региони ќе бидат непогодни за живеење.
Водечката авторка на извештајот Сара Бурч на Твитер објави дека дури и целта од 1,5 степен е малку веројатна, а тоа го истакнаа и други научници за климата. За да се постигне оваа цел, секоја индустрија и земја ќе треба брзо да ги намали емисиите на јаглерод.
– Просечните годишни емисии на стакленички гасови во последните десет години се највисоки во историјата. Не сме на вистинскиот пат да го ограничиме загревањето на помалку од 1,5 степен – вели Бурч.
Меѓутоа, во извештајот се наведуваат и некои причини за оптимизам. Пред сè, владите и приватниот сектор знаат што да прават кога станува збор за ограничување на употребата на енергија и останува прашањето дали навистина ќе се држат до целите за намалување на емисиите и ќе ги направат драстичните промени што се потребни за да се избегне најлошото сценарио.
– Правилните политики, инфраструктура и технологија треба да овозможат промени во нашиот начин на живот и однесување, а тоа може да резултира со намалување на емисиите од 40 до 70 отсто до 2050 година. Ова нуди значителен потенцијал – се вели во извештајот.
Второ, иако просечните глобални емисии на стакленички гасови помеѓу 2010 и 2019 година беа највисоки во историјата на човештвото, стапката на раст е забавена. Земјите усвоија политики што го намалија уништувањето на шумите и ја зголемија употребата на обновливи извори на енергија. Трошоците за соларни, ветерни и литиумјонски батерии исто така се намалени за 85 проценти во текот на изминатата деценија, што ги прави поодржлива опција од кога било досега. Во извештајот се предупредува дека до 2050 година, сончевата и ветерната енергија мора да ги обезбедат поголемиот дел енергетски потреби на светот. Извештајот го истакна консензусот на повеќето научници за климата дека светот мора веднаш и брзо да ги намали емисиите на јаглерод од употребата на фосилни горива.
– Јагленот мора да се укине. Употребата на јаглен без складирање јаглерод мора да се намали за 76 отсто до 2030 година, што значи многу брзо – додава Бурч.
Но тешко е да се постигне глобален консензус за намалување на потрошувачката на фосилни горива. Кина е најголемиот светски емитувач на стакленички гасови, а по руската инвазија на Украина, ја зголеми домашната употреба на јаглен. Ова е резултат на поскапувањето на енергентите. Лидерите на ЕУ и на САД изразија загриженост дека глобалната побарувачка за јаглен само ќе расте, а земјите ќе мора да користат поголеми количества поради зголемените цени на природниот гас.