Велебрдо едно од поголемите населени места во општината Фото: Маја Јаневска-Илиева

Изборите требаше да се повторат на 17 април, но Државната изборна комисија пред извесно време ја запре постапката откако опозициското ВМРО-ДПМНЕ одби да назначи свој кандидат, а актуелниот градоначалник од СДСМ, Медат Куртовски, ја повлече кандидатурата поради процената дека изборите повторно би биле неуспешни. Сега се чека да дојде лето, кога ќе можат да дојдат и тие од дијаспората, па да се организира гласање за градоначалник

ПАРАДОКСОТ НА ЕДНА ОД НАЈГОЛЕМИТЕ ОПШТИНИ ВО МАКЕДОНИЈА СПОРЕД ПОВРШИНАТА – МАВРОВО И РОСТУШЕ

Сите оние што за Македонија зборувале и пишувале како за Швајцарија на Балканот, веројатно, барем некаде во потсвеста ја имале сликата на пределот што сега го опфаќа една од најголемите општини во земјава според површината – Маврово и Ростуше. Преамбициозен би бил секој обид со зборови да се долови сета убавина распослана низ планинските падини, течението на Радика, Мавровско Езеро… бидејќи тие со секое поместување на сонцето добиваат поинакви форми и димензии. Таквата живописна и динамична природа не може да се долови дури ни со фотографија. Таму, едноставно треба да се појде и да се доживее сето тоа.
Но она што може да се опише е животот на тамошните луѓе. Питоми, љубезни и приемчиви и сосема очигледно трудољубиви и свесни дека, пред и над сѐ, со сопствените залагања и напори можат да си го подобрат животот.

Луѓето се иселија

Но, сепак, тие не успеваат да си изберат нов градоначалник. На есенските локални избори таму имаше двајца кандидати и шест листи за советници. Советот од 11 члена веќе е оформен и, како што тврди неговата претседавачка Теута Мирто, тој непречено си функционира. Но бидејќи од вкупно запишаните 10.144 избирачи, според податоците на Државната изборна комисија, на избори излегле само 3.246 луѓе, не бил исполнет законскиот услов за избор на градоначалник со одзив од најмалку една третина од запишаните гласачи. Така, изборите требаше да се повторат на 17 април, но Државната изборна комисија пред извесно време ја запре постапката откако опозициското ВМРО-ДПМНЕ одби да назначи свој кандидат, а актуелниот градоначалник од СДСМ, Медат Куртовски, ја повлече кандидатурата поради процената дека изборите повторно би биле неуспешни. Тој продолжува да ја врши функцијата додека централната власт не се изјасни што понатаму.
– Нема смисла, во овие услови, изборите да се повторуваат доколку не се договори термин во кој ќе може да гласа и дијаспората. Од овие што се тука, речиси сите излегоа на гласање, но тоа не беше доволно за цензусот бидејќи, реално, тоа сѐ уште е помалку од една третина од запишаните гласачи. Луѓето се иселија, испоумреа, така што е најдобро да ги почекаме резултатите од пописот, да видиме колку сме со право на глас, да го ажурираме избирачкиот список и некаде налето, кога ќе можат да дојдат и тие од дијаспората, да организираме гласање за градоначалник – објаснува претседавачката Мирто.

Законите и бројките се неумоливи

А како се стигнало дотаму во една од најголемите општини по површина во Македонија? Општината беше формирана во 2004 година со спојување на општините Маврови Анови и Ростуша. Таа, на југ се граничи со Општина Дебар, на исток со Општина Кичево (порано Општина Зајас), на запад со Албанија, а на север со Општина Гостивар. Зафаќа околу 665 квадратни километри простор со над 40 населени места. Според пописот од 2002 година, таа имаше 8.618 жители, а според најновите податоци објавени по нашата посета на Ростуше, таа во моментов кога се спроведувал пописот и се одржувале изборите имала 5.042 резидентни жители, од кои, според вообичаените процени, околу 15 отсто би требало да бидат малолетни, што значи без правото на глас. Но третината потребна за изгласување градоначалник се вадела од бројката од 10.144 избирачи запишани во избирачкиот список, од кои, како што се потврди, повеќето се надвор од државата.
– Трендот на иселувањето, едноставно, не можеме да го запреме. Ги имаме сите инфраструктурни услови, не само тука во седиштето на општината туку и во најоддалечените села. Во изминативе неколку години, голем дел од инфраструктурата ја обновивме, но немаме луѓе, си заминаа, најмногу во Италија и во Германија. И за разлика од порано, кога само мажите одеа на гурбет, главно како сезонски градежни работници, сега се иселуваат цели семејства. Погледнете ги само статистиките. Ако во 1997 година имавме 270 раѓања на овој простор годишно, во 2017 година – 47, лани имавме само 24 бебиња. Но затоа годишно се раѓаат по 180 деца на овдешните луѓе во странство – објаснува Мирто, која инаку е и докторка во тамошниот здравствен дом и секојдневно ја следи состојбата на населението.

 

Од многубројните стада останаа две „мисици“ и едно теле

При прошетка низ Ростуше, таа ни ги покажува двете крави и едното теле што пасат на ливадите покрај селото.
– Еве ги нашите мисици, така ги нарекувам зашто само тие ни останаа од стотиците грла што некогаш пасеа на тоа место. Знаете, овој крај некогаш живееше од сточарството и од фабриките, кои ги имаше во речиси секое село. Сега ги нема ниту добитокот ниту фабриките и луѓето мораат да се снаоѓаат – раскажува таа, покажувајќи ни ги и напуштените згради на некогашната фабрика за сокови „Мусли“ и на килимарницата во која работеле тамошните мажи и жени.
Но од тој крај сега не заминуваат само работоспособните туку и повозрасното население.
– Не дека мене ми е лошо тука, но децата ми се надвор, поради ситуацииве, веќе не можат често да доаѓаат и јас со жена ми сакам да одам да живеам кај нив – вели еден од повозрасните жители што ги затекнавме во центарот на селото.
И многу помладиот наставник во селското училиште Рамазан е загрижен за иднина.
– Јас сега си имам убава работа и добро ми е. Но јас не знам до кога овде ќе има деца на кои ќе им предавам. За две-три години, веројатно, и јас ќе морам да си одам. Несигурноста и неизвесноста ни се голем товар – уверува тој со горчлива насмевка на лицето.
Дали нешто битно во тој поглед би можело да се смени не кажуваат, но од нивните лица се чита дека надежите се мали.

Потенцијалот за туризам е огромен, но…

Луѓето, добитокот, фабриките… отидоа во неповрат. Како сведоци за нивното некогашно постоење останаа многубројни стари зданија, во подобра или полоша состојба, но има и многу новоизградени мошне луксузни објекти во кои луѓето само повремено престојуваат. Единственото нешто што, според докторката Мирто, би можело да го врати животот во пределот што изобилува со природни убавини и културни споменици, како и со солидни угостителски и спортски капацитети е туризмот, иако еден од учесниците во маалската дебата, за кој подоцна ни објаснија дека е возач на автобус што редовно вози за Италија, со шеговит тон возврќа дека има туристи, но само во една насока.
– Овој крај може многу да им понуди на туристите. Потенцијалот е огромен, имаме и солидни капацитети, но некој треба да го организира сето тоа и да го спроведе, а ние, како што гледате, немаме кадар – констатира нашата соговорничка.

Фотографии: Маја Јаневска-Илиева

Д.М.М.