ФИФА објави дека во првата фаза биле продадени 804.186 билети, најмногу во Катар, САД, Англија, Мексико и во ОАЕ. Следната фаза од продажбата почнува утре

ФУДБАЛ – СО ЖДРЕПКАТА НА ГРУПИТЕ

Со ждрепката за составот на осумте групи почна одбројувањето до почетокот на Светското првенство (СП) во фудбал, од 21 ноември до 18 декември. Претседателот на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, рече дека тоа „ќе биде фантастично и уникатно Светско првенство“.
– Никогаш нема да имаме уште едно Светско првенство каде што осумте стадиони ќе бидат на оддалеченост од педесетина км. Навивачите ќе можат да гледаат неколку натпревари во еден ден, а тимовите не ќе мора да патуваат – вели Инфантино.
Веќе се комплетирани седум од осумте стадиони. Најголем е стадионот „Лусаил“, кој е со капацитет од 80.000 места и каде што ќе се игра финалето. Сите стадиони се климатизирани, што ќе им обезбеди пријатни услови на гледачите, но и на играчите на теренот. Како добредојде за навивачите од целиот свет во Доха е отворен и новиот метро-систем, со кој тие ќе имаат директен пристап до пет од осумте стадиони. До преостанатите три стадиони ќе се стигнува со шатл-автобуси.
ФИФА објави дека во првата фаза биле продадени 804.186 билети, најмногу во Катар, САД, Англија, Мексико и во ОАЕ. Следната фаза од продажбата почнува утре. Организаторите проценуваат дека на финалниот турнир, во текот на 28-те дена ќе присуствуваат околу 1,5 милион гледачи.

СП во фудбал е глобален феномен

Првото фудбалско Светско првенство (СП) се одржа во 1930 година во Уругвај и оттогаш прерасна во своевиден феномен, за што сведочи и бројката од 1,1 милијарда гледачи на финалето во Русија во 2018 година, кога Франција ја совлада Хрватска. На првото СП во 1930 година, ФИФА ги покани сите земји да учествуваат, но само 13 допатуваа до Уругвај. Светската фудбалска федерација (ФИФА) со седиште во Цирих, Швајцарија, е формирана пред повеќе од еден век, на 21 мај 1904 година, во Париз. ФИФА ја сочинуваат 211 земји-членки распоредени во шест регионални конфедерации, од кои 32 ќе настапат годинава на СП во Катар (од 2026-та ќе играат по 48 селекции). Прв претседател на ФИФА беше францускиот новинар Роберт Герен, од 1904 до 1906 година, а најдолготраен, Жил Риме, од 1921 до 1954 година. Актуелен претседател е Џани Инфантино, кој беше избран во 2016 и реизбран во 2019 година.

Осум светски шампиони

Во 92-годишната историја на светските првенства само осум земји биле шампиони. Најуспешен е Бразил со пет трофеи, а потоа следуваат Германија и Италија со по четири, Аргентина, Франција и Уругвај имаат освоено по две титули, а Англија и Шпанија се со по еден трофеј. Бразил има 21 последователен настап на СП, што ја прави единствената земја што учествувала на сите мундијали. Седум други земји настапиле на 15 или повеќе СП. Тоа се Германија (19), Италија (18), Аргентина (17),Мексико (16), Франција, Англија и Шпанија (по 15).

Пет земји по двапати биле домаќини, Мексико ќе поведе во 2026 година

Домаќини на СП по двапати биле Бразил, Италија, Франција, Германија и Мексико. Другите домаќини се Аргентина, Англија, Шпанија, Јапонија, Шведска, Чиле, Русија, Јужна Африка, Јужна Кореја, Швајцарија, Уругвај, САД и Катар. СП 2026 (ќе настапат 48 репрезентации) ќе се одржи во САД, Мексико и во Канада, која првпат ќе биде домаќин, а САД вторпат, а Мексико третпат. На СП 2026 вторпат повеќе земји ќе бидат домаќини, а првпат тоа се случи во 2002 година, кога заеднички организатори беа Јужна Кореја и Јапонија.
За СП 2030, на 100-годишнината од првото, има многу заинтересирани земји за организација, кои ги здружија силите со своите соседи. Одлуката за тоа кој ќе биде домаќин на СП 2030 треба да биде донесена на 74. Конгрес на ФИФА во 2024 година.

Најефикасен на СП е Клосе со 16 гола

Најефикасен фудбалер на завршните турнири на СП е Германецот Мирослав Клосе, кој постигна 16 гола, од СП 2002 до СП 2014, на четвртото СП за него, кога стана и светски првак. Со тоа тој го собори рекордот на Бразилецот Роналдо, кој има 15 гола на четири СП. Потоа следуваат 13 фудбалери што постигнале двоцифрен број голови на мундијалите. Тоа се Германецот Герд Милер 14, Французинот Жист Фонтен 13, Бразилецот Пеле 12, Унгарецот Шандор Кочиш и Германецот Јирген Клинсман по 11, Хелмут Ран (Германија), Гари Линекер (Англија), Габриел Батистута (Аргентина), Теофило Кубилјас (Перу), Гжегорж Лато (Полска) и Томас Милер (Германија) по 10.