Александар Новакоски/Фото: Макфакс

Очигледно е, вели Новакоски, дека има и многу непопишани граѓани

Зошто е голема разликата меѓу бројот на гласачи запишани на избирачкиот список и оние пребројани со пописот, е прашање кое се отвори со вчерашната објава на резултатите на оваа статистичка операција спореведена од Државниот завод за статистика. Резултати од пописот и државниот избирачки список не смее да се споредуваат, ова е правило, вели Александар Новакоски, поранешен претседател на Државната изборна комисија (ДИК) на прашањето за големите разлики.

На избирачкиот список на последните локални избори беа запишани 1.824.864 гласачи. Според резултатите од пописот, објавени вчера, имаме 1.836.713 лица, резидентно население. Разликата меѓу полнолетните од резидентното население, пребројани со Пописот, и запишаните во избирачкиот список, е 360.709, но тоа не значи дека сите се гласачи (зашто, меѓудрогото, меѓу нив може да има и странци), објаснија од ДЗС. Попишани се 260.606 нерезидентни лица, за кои не е објавен податок колку од нив се со право на глас. На последните избори, пак, на избирачкиот список имаше запишано 82.461 иселено лице со право на глас. Овие бројки ја збунија јавноста.

– Пописот е статистичка операција и со пописните резултати не може да се утврди точноста на избирачкиот список. Ова е согласно меѓународните стандарди. Не можете да сметате и да најдете објаснување во бројките, затоа што основно правило е дека резултати од Попис и избирачки список не се споредуваат. Очигледно е дека има многу непопишани граѓани, тоа е едно. Избирачкиот список се прави според Книга на државјани. Податоците од неа од Министерство за внатрешни работи се испраќаат во ДИК. Според Законот за попис, пак, се попишуваат оние кои се до една година во странство. Лицата кои се над една година не се попишуваат. Тоа е втората разлика – објаснува Новакоски.

Очигледно е, вели тој, дека има и многу непопишани граѓани и во дијаспората.

– Нашата држава мора да изврши евиденција на сите граѓаани, македонски државјани, кои привремено или постојано живеат во странство. Ова е битно за да се тргне дилемата од избирачкиот список и неговата точност, да се врати довербата. Посебно е важно бидејќи ние како држава мора да знаеме колку државјани на кој континент имаме, бидејќи официјалните податоци се поразителни и затоа со право ни ги оспоруваат во многу земји бројките на наши граѓани, кои од различни причини не се евидентираат – додава Новакоски.


ДИК: Евиденцијата на уставно загарантираното избирачко право и методологијата за попис се различни категории

Методологијата и условите за ажурирање на податоците во избирачкиот список и евиденцијата на уставно загарантираното избирачко право е различна и нема никаква поврзаност со методологијата за попис на населението, што значи дека Избирачкиот список и пописот на населението се две различни категории регулирани според посебни законски критериуми, реагира денеска Државната изборна комисија (ДИК), по како што пишува, информациите во одредени медиуми, а по официјалното објавување на резултатите од пописот.

Избирачкото право, нагласуваат од ДИК, е уставна категорија и е уставно загарантирано право. Согласно Уставот, секој граѓанин со наполнети 18 години живот стекнува избирачко право.

– Согласно уставната дефиниција за избирачкото право, изборниот законик предвидува дека право да избира има секој државјанин на Република Македонија кој наполнил 18 години живот и има деловна способност и е со постојано живеалиште во РСМ, оти избирачкиот список е јавна исправа во која се запишани граѓаните со избирачко право кој се води според Регистарот на државјаните, а во него се запишуваат сите граѓани со наполнети 18 години живот заклучно со денот на гласањето, кои имаат живеалиште на територијата на РСМ, а кои имаат важечка лична карта или патна исправа – појаснуваат од Државната изборна комисија.

Од ДИК додаваат дека во избирачкиот список се запишуваат и сите државјани на РСМ кои се на привремена работа или престој во странство, со живеалиште на територијата на Македонија и со важечка патна исправа. Овие лица се запишуваат според нивното последно живеалиште во Македонија.

Податоците за евиденција во избирачкиот список, согласно Член 43 од Изборниот законик, ДИК ги добива од Министерството за внатрешни работи.