Вицепремиерот за економски прашања Фатмири Битиќи вели дека е зачуден од најавите за штрајк. По постигнувањето на договорот за минимална плата, започна војната во Украина, што ги влоши економската и енергетската криза, поради што се потребни приспособувања, но никој не бега од усогласувањето на платите во договорениот рок од шест месеци, смета Битиќи
Во организација на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС), а со поддршка на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија (СОНК), денеска ќе се одржи предупредувачки протест поради неисполнетите барања на синдикалците за усогласување на платите врз основа на зголемување на минималната плата на национално ниво.
Денешниот протест е со цел да се изврши притисок врз Владата да се согласи на усогласување на платите врз основа на зголемување на минималната плата на национално ниво, како и да го почитува Законот за минимална плата и колективните договори.
Синдикатите најавуваат дека ако и по предупредувачкиот протест од Владата и натаму нема слух да се најде решение за нивните барања, тогаш од 11 април ќе биде организиран генерален штрајк, а во деновите кога ќе се штрајкува, вработените во училиштата и во градинките ќе бидат на своите работни места, но нема да згрижуваат деца и нема да има воспитно-образовен процес.
– Не требаше да се доведеме во ваква ситуација сега да протестираме, ако тоа е законска одредба. Повеќе од четири години ова го баравме од надлежните министерства, но и по низа протести не успеавме да издејствуваме. Ако се бара граѓаните да ги почитуваат законите, која е причината што Владата не ги почитува законите? Има законска основа и не е проблемот од сега – вели Јаким Неделков од СОНК.
Тој појасни дека ако од 11 април започне штрајкот, вработените ќе бидат на работните места, односно ќе бидат во заедничка просторија, во која ќе седат до крајот на работното време.
Очекувањата на СОНК се дека нивниот организиран протест ќе биде успешен и дека нивните оправдани барања ќе бидат сериозно сфатени од надлежните.
Инаку, преговорите за поголеми плати во образованието пропаднаа минатата недела. СОНК бара минималната плата во државата да биде основица за пресметка на плата по коефициент на сложеност. Според таа пресметка, нето-плата на наставник би требало да биде 43.000 или 44.000 денари.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмири Битиќи, е зачуден од најавите за штрајк, појаснувајќи дека не е можно усогласување на сите плати во јавниот сектор во толку краток временски период.
– Никој не бега од усогласувањето на платите во јавниот сектор, ниту еден функционер на Владата не кажува дека тоа нема да се направи. Усогласувањето ќе оди според членот 8, кој дава рок од шест месеци за усогласување – изјави Битиќи.
Тој додаде дека по постигнувањето на договорот за минимална плата, започна војната во Украина, што ги влоши економската и енергетската криза, поради што се потребни приспособувања, но дека никој не бега од усогласувањето на платите.
– Зачудувачки се повиците за штрајк за нас, бидејќи само пред месец и пол се договоривме и донесовме одлука дека дијалогот ќе продолжи. Ако ни била заедничка констатацијата во членот 8а, дека има рок од шест месеци за усогласувањето, тогаш да го испочитуваме тоа – порача Битиќи. С.Т.