Запленетата стока содржи ризици како што се изложување на хемикалии, давење, задушување, струен удар, оштетување на слухот и опасност од пожар. Заплените направени во текот на операцијата вклучуваат фалсификувани и нелегални игри со сложувалки, видеоигри и сродни ликови, игри на табла и карти, кукли од познати ТВ-серии, тули за деца и облека и додатоци од познати брендови…

ГОЛЕМА АКЦИЈА НА ЕВРОПОЛ ЗА ЗАПЛЕНА НА НЕБЕЗБЕДНИ ПРОИЗВОДИ ЗА ДЕЦАТА

Најголема загриженост за здравјето и безбедноста на децата отсекогаш предизвикувале специфични и посебни зафати на полициските служби на државите. Со таквите зафати, полициите анулираат закани по здравјето и животот на најмладите.
И овој пат, надлежните полициски служби лоцирале трансгранична и поширока закана за децата, со злоупотреба на детските играчки. Криминалните организации често работат на ова поле, бидејќи со фалсификувањето и злоупотреба на играчките, тие доаѓаат до брза, лесна и релативно сигурна заработка. Едни деца растат, други се раѓаат, тоа е вртелешка што никогаш нема да застане, и токму затоа секогаш најмладите ќе ги демне опасност од високоризични, токсични и небезбедни играчки за играње.

ЗАПЛЕНЕТИ ГОЛЕМ БРОЈ РИЗИЧНИ ДЕТСКИ ИГРАЧКИ

Помеѓу октомври 2021 и 31 јануари 2022 година, Европол ја координираше операцијата „Лудус II“, насочена кон трговијата со фалсификувани играчки и друга стока. Оваа операција беше предводена од шпанската цивилна гарда (Гардија цивил), шпанската национална полиција (Полиција национал) и шпанските царински власти (ДАВА), заедно со романската полиција, а беа вклучени и органи за спроведување на законот од вкупно 21 земја. Канцеларијата за борба против измами на ЕУ (ОЛАФ) и Канцеларијата за интелектуална сопственост на Европската Унија (ЕУИПО), исто така, ја поддржаа операцијата, додека Светската царинска организација (СЦО) учествуваше како набљудувач и обезбеди сигурна комуникација со своите членки за поддршка на оперативните активности.
Заплените направени во текот на операцијата вклучуваат фалсификувани и нелегални игри со сложувалки, видеоигри и сродни ликови, игри на табла и карти, кукли од познати ТВ-серии, тули за деца и облека и додатоци од познати брендови.
Запленетата стока содржи ризици како што се изложување на хемикалии, давење, задушување, струен удар, оштетување на слухот и опасност од пожар.
За време на оперативната фаза на „Лудус II“, органите за спроведување на законот извршија проверки и инспекции за откривање нелегални пратки и складирање. По онлајн истраги, иницирани на платформите за е-трговија, следуваа голем број рации. Поголемиот дел од лажните играчки беше увезен од Источна Азија во ЕУ, Обединетото Кралство и САД. Властите открија повреди на правата на интелектуална сопственост, недостиг од CE-ознаки и декларации за усогласеност на ЕУ и присуство на непожелни опасни материи.
– Заплената е вредна близу 18 милиони евра. Повеќе од пет милиони фалсификувани играчки се откриени во акцијата, а отворени се над 2.600 случаи за административна/здравствена превенција. Пријавени се 99 лица пред судските органи, а кај здравствените органи се пријавени 1.459 лица. Проверени се 72 онлајн маркети, а 30 веб-страници се затворени – се вели во соопштението од Европол.
Меѓу земјите учеснички во акцијата се Бугарија, Хрватска, Романија, Словенија, Латвија, Белгија, а меѓу нив е и Македонија.

ИТНО Е ПОТРЕБНО ДА СЕ РЕВИДИРА ДИРЕКТИВАТА

Сегашната директива на Европската Унија (ЕУ) за безбедност на играчките датира од 2009 година и оттогаш не е ревидирана. Иако опфаќа многу фактори, како што се хемиските ризици, хигиената, радиоактивноста, ризиците од запаливост, таа сепак треба да се ажурира, истакна за „Еурактив“ социјалистичкиот европратеник Брандо Бенифеи.
Извештајот, кој неодамна беше одобрен на пленарна сесија, ги истакнува проблемите со безбедноста што ги претставуваат хемикалиите, играчките со опција за поврзување на интернет и онлајн продажбата на играчки. Одлуката следува по извештајот за евалуација на Европската комисија за 2020 година, во кој се наведени недостатоците на сегашната директива, велејќи дека таа треба да се зајакне за да се постигнат целите на ЕУ за безбедност на децата. Од 2009 година на пазарот се појавија нови играчки, произведени со нови супстанции, а како што истакна Бенифеи, „има нови научни податоци за хемиски супстанции за кои е утврдено дека се токсични за децата“. Сепак, според директивата, максималната граница за опасните супстанции, како што е нитрозамин, кој се смета за канцероген за луѓето, е премногу висока, а истото тоа го истакна и европратеникот. Според Бенифеи, директивата обезбедува листа на отстапувања за употреба на одредени токсични или мутагени супстанции со негативни ефекти врз репродукцијата.
Згора на тоа, некои хемиски ограничувања важат само за играчките за деца под 36 месеци, како и за играчките наменети да се ставаат во уста. Сепак, во извештајот се наведува и дека „хемиската токсичност не се менува помеѓу 36 и 37 месеци и потоа. Меѓутоа, Бенифеи би сакал списокот на хемиски супстанции опасни за децата да се вклучи на листата на забранети супстанции во 2009 година и да се стави крај на старосната граница на директивата.
Друго големо прашање отворено во извештајот се играчките што се поврзуваат со интернет, кои вклучуваат часовници, таблети, конзоли и едукативни роботи. Во последните години на пазарот се појавија многу играчки што функционираат со собирање податоци, кои потоа се испраќаат со радиобранови. Сепак, ниту еден закон во моментов не дефинира доволна безбедносна рамка за заштита на приватните податоци на младите корисници што си играат со овие играчки. Бенифеи предупреди дека постои ризик децата да бидат лоцирани и луѓето со лоши намери да ги користат овие податоци за да ги идентификуваат, да ги користат нивните слики или звуци без нивна согласност или согласност на нивните родители. Дури и ако веќе постојат безбедносни стандарди, според Бенифеи, постои потреба да се оди подалеку и „да се посвети особено внимание на процесот на производство на играчки“.
Француското набљудувачко тело за податоци (ЦНИЛ) подготви серија препораки во 2019 година за родителите чии деца користат паметни играчки. ЦНИЛ ги охрабри родителите да обезбедат пристап до уредите и до дигиталните кориснички сметки поврзани со нив.
Исто така, им препорача на родителите редовно да вршат безбедносни ажурирања и да проверуваат дали уредот има предупредувачки знак кога е во режим на слушање.
Извештајот, исто така, ја нагласува важноста од регулирање на играчките купени преку интернет што завршуваат во ЕУ. Не сите играчки купени на интернет се опфатени со истите правила како играчките што се продаваат во продавниците, бидејќи е потешко да се следи и контролира нивното потекло. Со зголемувањето на бројот на страници на интернет што продаваат играчки од втора рака, повторно се достапни за купување оние што содржат супстанции што сега се сметаат за токсични. Сепак, овие предложени измени нема да бидат усвоени доколку не се ревидира директивата од 2009 година. Европската комисија се обврза да ја разгледа оваа директива, но допрва треба да даде прецизен распоред за нејзината ревизија.