Еден мал, по малку и симпатичен обид за ползување на принципите на меѓународното право како бенефиција деновиве беше актуелен во соседството. Имено, во спорот Белград – Приштина, еден пример укажа на моќта на меѓународното право, при што се покажа дека ако помалите држави ја прејдат „црвената линија во корист на својата штета“ од незнаење или, пак, од небрежност, тогаш големите сили, кои и ги модерираат меѓународните односи, по теркот на „меѓународното право и низ институциите на меѓународните организации“, обично „креваат раменици“, велејќи „па вие така си одлучивте“, на своја штета…

Ако за големите сили „аргументите на силата“ се одлучувачки во меѓународните односи, за помалите држави „силата на аргументите“ на правото сѐ уште е круцијална

Деновиве повторно се покажа дека принципите на меѓународното јавно право се „први на борбената линија за аргументирано докажување на правото и правдината“ на нештата што се однесуваат на меѓународните односи. Рака на срце, за помалите држави и народи токму меѓународното јавно право сѐ уште е најсилниот аргумент пред кој и „големите сили би требало да молчат“. Но токму последно споменативе, во годините повеќепати и „замижуваат“ за меѓународно утврдените принципи.
Но, без разлика на сѐ, моќта на малите држави во меѓународните односи е во познавањето и владеењето на меѓународното право. Тоа важи и за нашата држава.

Признавање држави, вла ди, признавање ентитети во меѓународните односи…

Признавањето држави е прашање што редовно се актуализира при создавањето нови држави, најчесто преку повикување на принципот на самоопределување. Ова е исклучително актуелно сега, при руско-украинскиот конфликт, а се однесува на регионот Донбас во источна Украина, односно со Доњецк и со Лугањската област.
Имено, во меѓународното право, генерално, постојат две теории во однос на признавањето на државите: конститутивната теорија, според која актот на признавање од страна на други држави ѝ дава меѓународноправен карактер на
државата што бара признавање, и втората, т.н. декларативна теорија, според која „нова држава е веќе конституирана ако постојат четирите услови-белези за
државност“ (територија, население и суверена власт).
Но во меѓународното право постојат и други помалку формални начини на признавање држави (и влади), а тоа е кога една влада ќе почне комуникација, макар и неформална (писмена нота, изјава, средба и сл.), со новоконституираната држава. Токму ова е примерот од пред некој ден, кога косовскиот премиер Албин Курти предложи „да се заобиколат посредниците во спорот, а за да се забрза решавањето на спорот Белград – Приштина и да се воспостават директни преговори меѓу двете влади“. Според мислењата на меѓународноправните експерти, косовскиот премиер, советуван од еден западен центар на моќ, за малку на мала врата ќе успееше да реши во своја полза еден колосален билатерален спор, а поддршката недвосмислено ќе следуваше и од западните големи сили, кои ќе се повикаа на утврдените принципи на меѓународното право за признавање држави, а Србија ќе беше немоќна да се извлече од сето тоа, бидејќи самата си ја донела одлуката.

Препукување со аргументи извлечени од правилата на меѓународното право

За остварувањето на своите цели, Белград и Приштина во преговарачкиот процес, со посредство со Брисел, се обидуваат да го искористат целиот дипломатски арсенал – од утврдените процедури во јавната дипломатија до оние помалку познати потези во тајната, подземна дипломатија. Но меѓународното право, сепак, е најтешката артилерија со која се бара својата правдина во меѓународните односи.
Имено, Албин Курти се обиде да издејствува „писмено барање“ од Владата на Србија, за да може да дозволи косовските Срби да гласаат во северниот дел од Косово. Меѓутоа, српскиот претседател Александар Вучиќ веднаш го одбил предлогот од косовскиот премиер, што во меѓународната политичка и дипломатска комуникација би значело „признавање“ на независноста на Косово.
– Ние прифативме офицер за врска да ѝ се обраќа на Владата на Косово, но не сакавме српската влада да ѝ се обраќа на Владата на Косово, бидејќи тоа ќе значење де факто признавање на Косово. Србија не сака да прифати да ја признае лажната држава Косово, а под изговор дека Приштина ќе дозволи Србите да го искористат избирачкото право на територијата на јужната српска покраина. Тие бараа да добијат, со печат од Владата на Србија, дека „Владата на Србија бара од Владата на Република Косово“, со што ќе се признае и независноста на Косово – објасни Вучиќ, кој веројатно со помош на своите советници и експерти по меѓународно право го осуети обидот на Албин Курти со расположливите инструменти од меѓународното јавно право да ја реши битката за признавање на Косово од страна на Србија.

И Македонија има врвни експерти по меѓународно право што од актуелната дефанзива може да прејдат во офанзива во меѓународните односи

Нашата држава има интелектуален и академски потенцијал од човечки ресурси што исклучително го владеат меѓународното право. Некои од нив се во Македонија, но некои се и надвор од границите, ангажирани и во образовни и во државни институции или аналитички центри на одредени држави. Нивните трудови и ангажмани се познати и исклучително квалитетни од споменатата област. Нашиот весник често ги користи и цитира нивните размислувања и идеи, образложувајќи тези што се апсолутно во рамките на правото и процедурите, а кои во себе содржат инструменти и алатки што им стојат на располагање на нашата држава и Влада за да направат ништовни низа правни клаузули стипулирани во меѓународни договори што се потпишани од наша страна, а се на штета на карактерот на државата, нацијата, историјата и идентитетот.
Во секој случај, без разлика како во иднина граѓаните на Македонија ќе им ја даваат довербата на соодветните партии или коалиции (кои легитимно, по добиени избори ќе составуваат влади), мислењата на споменатите експерти во никој случај не треба да се игнорираат!
Грешки се правеле во минатото и сигурно ќе се прават и понатаму, но за да се исправат истите тие, а да се прават што помалку, особено во меѓународните односи, кои може да бидат фатални за помалите држави, вклучувајќи и за нас, навистина треба да се ползуваат интелектуалните ресурси на нашите меѓународноправни експерти, во интерес на нацијата и државата.
Последниот пример со Косово и Србија најпластично го покажа тоа, дека токму знаењето и вештините, ангажирањето и избирањето компетентни личности во сите области (политика, економија, здравство, образование), вклучувајќи го и меѓународното јавното право, се оние што претставуваат непресушен извор за сила за просперитет и одржлив развој на нацијата и државата. М.Ј.