Индустрискиот сектор е важен темел на економијата и е тесно поврзан со најбитните економски теми, како што се економски раст, инвестиции, извоз, вработување, продуктивност… Разговараме со економски експерти за состојбите во кои се најдоа одделни важни индустриски сектори во сегашната нова реалност, со пандемијата и воената криза околу Украина, но и економските мерки и сценарија што треба да се преземат
Во развојот на севкупната македонска економија, индустрискиот сектор има едно од најважните места. Откако постепено почнаа да се намалуваат проблемите предизвикани од ковид-19, производството во македонската индустрија е повторно на удар од руско-украинскиот конфликт. Гледано по сектори, најмало производство се бележи во секторот преработувачка индустрија. Индустрискиот сектор е важен темел на економијата и е тесно поврзан со најбитните економски теми, како што се економски раст, инвестиции, извоз, вработување, продуктивност… Разговараме со економски експерти во одделни индустриски сектори за состојбите и кои економски мерки и сценарија треба да се преземат за да се справиме со оваа нова реалност.
– Проблемите со пандемијата предизвикана од ковид-19 како постепено да се намалуваат. Прекинатите синџири на снабдување повторно се воспоставуваат, но целиот процес оди многу бавно. Истовремено е забележливо покачување на цените речиси на сите суровини, а особено на енергијата и транспортот. Руско-украинскиот конфликт само ги продолжи овие негативни тенденции, а дополнително дојде до прекин во соработката со многу руски и украински фирми – објаснува Ангел Димитров, претседател на собранието на Организацијата на работодавци на Македонија.
Тој вели дека засега најголем удар трпат компаниите од ТИРЗ-зоните што набавуваа одредени суровини од овие земји, но и недостигот од некои компоненти за производство на автомобили драстично го намали производството во Германија.
Текстилната индустрија се соочува со многу проблеми
Димитров споменува дека конкретно во текстилната индустрија нарачките од нашите европски партнери сѐ уште не трпат поради кризата и се одвиваат нормално, дури има и зголемена побарувачка од европски компании што бараат слободни капацитети во Македонија.
– Но ако конфликтот помеѓу Русија и Украина потрае подолго, можно е да предизвика пад на потрошувачката на текстилни производи во Германија и тој ефект да се пренесе кај нас. Во моментов во текстилната индустрија најголеми проблеми предизвикуваат зголемената минимална плата и зголемените цени на енергијата. Фирмите што се на слободниот пазар плаќаат електрична енергија по цени четири-пет пати повисоки од цените во 2021 година. Нашите производители не се во можност овие зголемувања на трошоците на работење да ги пренесат на странските партнери, што предизвикува проблеми во рентабилноста во работењето и страв од иднината – потенцира Димитров.
Тој посочува дека ако на овие проблеми се додаде и проблемот на незаинтересираноста на младите за вработување во оваа индустрија, тогаш станува јасно дека деновите на оваа индустрија во Македонија се одброени.
– За жал, многу малку компании се обидуваат да произведуваат сопствен бренд и да го пласираат на странските пазари, а ЛОН-производството не може да ги покрие овие зголемени трошоци на производството. Македонија во изминатиот период ја губи својата индустрија и нејзиното учество во бруто-домашниот производ на земјата се намалува – вели Димитров.
Тој истакнува дека укажувањата на Светската банка се дека земји со вакво ниво на БДП по жител (5.000-9.000 американски долари по жител) се наоѓаат во втората фаза на развој и нивниот развој треба да се темели на образование и обука, ефикасен пазар на добра, добро функционирачки пазар на работна сила, софистицирани финансиски пазари, можност за пласман на голем домашен или странски пазар и можност за користење современа технологија.
– За разлика од нас, Хрватска, Летонија, Литванија, Полска, се наоѓаат во третата фаза на развој, со БДП по жител над 9.000 американски долари. Очигледно е дека сите ние што живееме во Македонија со нетрпение очекуваме да се најдеме во оваа фаза, која ќе им овозможи повисок животен стандард на сите. Но дали можеме економскиот развој да го темелиме само на нашите желби, без да бидеме свесни каде се наоѓаме. Засега лошо се справуваме речиси со сите фактори за побрз економски развој. Имаме образование со ниско ниво на знаење, огромен расчекор на пазарот на работна сила, сѐ уште слабо развиен финансиски пазар, ја губиме конкурентноста на странските пазари и не вложуваме доволно во современа технологија – укажува Димитров.
Тој смета дека во иднина треба потрезвено да работиме на сите овие фактори, а не само да ги гледаме индустриски развиените држави и да сакаме да имаме плати и стандард како нивните.
Прехранбената индустрија треба да бара нови пазари
Претставниците на прехранбената индустрија велат дека 2022 година ќе биде тешка и неизвесна година за сите, бидејќи се соочуваат со огромни поскапувања на сите репроматеријали и сето тоа ќе се одрази на реализацијата на планираните производствени активности и цената на готовите производи.
Управителот и сопственик на компанијата „Македонија експорт“, Калин Бабушку, вели дека голем проблем е што е прекинат односно нарушен целиот вредносен синџир, па сега е многу потешко да се набават суровини и да се извезе.
– Се чека по неколку месеци за да има слободен термин за утовар на солунското пристаниште, за да може да излезе стока на друг континент. Но тоа што многу ме плаши е што не учиме од грешките. И по оваа криза, пак е мал бројот на фирми што инвестираат во алтернативи на доставувачи и наоѓање нови пазари, како и да се инвестира во нова и подобра технологија, која ќе ја намали зависноста од луѓе, енергенти и други инпути што влијаат на цената. Логистиката е отежната и ќе треба да се најдат нови извори на набавка. Но тие ќе треба да се воспостават, затоа што во моментов никој не сака да влегува во ризик. Цените растат насекаде, но се намалува и куповната моќ на луѓето. Имајќи го предвид сето ова, како и други фактори, ќе треба да се преструктурираме и да размислуваме за нов начин на работа – укажува Бабушку.
Тој смета дека за да се оди напред, потребни се инвестиции и регулативи. Државата да воведе олеснувачки регулативи за бизнис-секторот, но и бизнис секторот е тој што треба да се преструктурира и да почне сериозно да инвестира во луѓе, технологија, знаење, маркетинг.
– Токму кога светската економија почна да излегува од повеќе од двегодишната здравствена криза и да ги залечува „раните“, сега се најде во виорот на руско-украинскиот спор, што е најлоша комбинација за економијата и стандардот на граѓаните. Сметам дека особено на удар ќе бидат производителите на праски, нектарини, јаболко, рана зелка и други земјоделски производи, кои, доколку не се промени нешто драматично, ќе мора да бараат деловни партнери од други земји, што воопшто не е едноставно во краток рок иако расте побарувачката на земјоделски производи во светот – потенцира директорот на Македонско-руската стопанска комора, Дејан Бешлиев.
Алтернатива за домашната металургија се земјите од Далечниот Исток и Јужна Америка
Иако металската индустрија успеа да ги надмине тешкотиите за време на корона-кризата, се чини дека војната во Украина, сепак, е многу поголем предизвик и за металургијата.
Петар Јанески, извршен директор за економика во „Макстил“, истакна дека во моментов сите производи во овој сектор се под огромен инфлаторен притисок поради нерамнотежата на понудата и огромната побарувачка и дополнително се оптоварени со досега невидените трошоци за бродски транспорт до европските пристаништа, додавајќи дека компаниите што во континуитет инвестираат во опрема и ефикасно искористување на ограничените ресурси мора да бидат во центарот на економската политика на Владата, без разлика дали е пандемија или војна во Украина.
– Додека не се воспостават услови за повторна деловна соработка со компаниите од Русија и Украина, алтернатива за домашната челична и металопреработувачка индустрија се земјите од Далечниот Исток и Јужна Америка. И не очекуваме раскинување на договорите за продажба туку, напротив, очекувам стабилност во овој дел. Нашиот производ е основна суровина во многу индустриски гранки и не е можен раст на националните економии без да има раст во потрошувачката на челик – вели Јанески.
Според него, кризата во Украина има директно влијание врз неколкукратното зголемување на цените на енергентите, кои во просек се 400 отсто повисоки во споредба со просекот од минатата година, потоа цените на феролегурите се покачиле за 200 отсто во однос на 2021 година, цените на транспортот флуктуираат во нагорна линија двапати во текот на еден месец…
– Сепак, мора да напоменам дека поради недостигот од понуда во овој момент, и цените на готовите челични производи на пазарите се покачија повторно, но очекувањата се дека тие ќе се вратат во некои нормални рамки кога понудата и побарувачката ќе се изедначат – појаснува Јанески.