Која страна ќе ја изберат Македонците – ЕУ или Русија? Одговорот е очигледен. Македонците ќе ја одберат онаа страна што ги почитува македонските национални особености – јазик, култура, идентитет, обичаи и сѐ така до бесконечност!
Никола Милошевиќ, истакнат филозоф, вели дека доколку сакаме со сигурност да утврдиме дали некој греши во однос на правилната логичка кохеренција, мора да знаеме дали тој некој дал доволно докази дека логично размислува и дека ги согледува фактите. Овој филозоф многу мудро забележува дека честопати се случува некоја личност да има луцидност во пронаоѓањето грешки во противничката конструкција, но во исто време останува слепа за слични или, дури, сосема исти грешки во своите теориски творби. Да го оставиме настрана Никола Милошевиќ и да ја разгледаме апсурдноста на која беше сведок македонската јавност.
Во изминатиов период можеме да слушнеме или да прочитаме дека воениот конфликт во Украина ги доведува во прашање регулативите за човековите права. Дека војната во Украина е повик за будење на Европската Унија. Балкански држави треба да изберат на која страна се. Дали се за ЕУ или за Русија? Не може да бидат неутрални.
Очигледна е противречноста во структурата на овие искажувања. Зошто? Европската елита вели дека воениот конфликт во Украина ја доведува во прашање регулативата за човековите права. Но Европејците како да заборават дека уништувањето на човековите права започна во оној момент кога Грција со вето ја блокира Македонија на патот кон Европската Унија, а европската политичка елита беше нем набљудувач.
Грција го наруши правото на една нација сама да си го одреди името на сопствената држава. И што направи Брисел во тој момент? Ни велеа дека треба да најдеме заедничко решение. Со други зборови, ни велеа дека треба да попуштиме пред нерационалното барање на Атина. Сите знаме како заврши оваа апсурдна ситуација. Македонија го промени името.
За европската политичка елита, војната помеѓу Русија и Украина е повик за будење на Европската Унија. Но Брисел првиот повик за будење го пропушти кога ѝ дозволи на Грција да ја уценува Македонија. Но бесмислиците не завршија тука, Европската Унија пропушти уште еден повик за будење кога ѝ дозволи на Софија повторно да ја блокира Македонија. И малите деца знаат дека Бугарија како земја-членка на Европската Унија го негира македонското право да го одреди својот национален идентитет на поинаков начин, со поинаков историски наратив од оној во Бугарија. И што направи Брисел? Декларативно ни беше кажано дека во пристапниот процес на ЕУ нема место за историските и идентитетските прашања, но потајно ни велат дека треба да постигнеме договор што ќе биде прифатлив и за Софија. Притоа, Брисел како да заборави дека Бугарија не само што ги нарушува основните човекови права туку и не ги почитува одлуките на судот во Стразбур.
Доколку во овој контекст го поставиме прашање која страна ќе ја изберат Македонците – ЕУ или Русија, одговорот е очигледен.
Македонците ќе ја одберат онаа страна што ги почитува македонските национални особености – јазик, култура, идентитет, обичаи и сѐ така до бесконечност! Затоа, истражувањата покажаа дека најголемиот дел Македонци не само што не се неутрални туку и се благонаклонети кон Москва.
Европската политичка елита многу луцидно пронаоѓа грешки во рускиот пристап кон Украина, но истовремено не ги согледува истите грешки во сопствените дејствувања. Неколку децении, Европската Унија имаше неутрален став кон ирационалните барања на Атина и Софија кон Македонија. Крајно време е Брисел да заземе страна и да ја поддржи Македонија. Не смееме да заборавиме дека поддршката за Македонија, всушност, е поддршка на европските вредности и почитување на човековите права.