„Булгартранс гас“ да разговара за обезбедување дополнителни количини природен гас, но и да се разгледа можноста за резервирање капацитети за Македонија во складиштата кои се на територијата на Бугарија, договори на денешниот состанок македонско-бугарската Работна група за инфраструктура, транспорт и енергетика помеѓу Македонија и Бугарија.
Како што соопшти министерот за економија Крешник Бектеши, на 6-ти или 7 април треба да се одржи состанок меѓу националните енергетски компании од двете земји за да се утврдат деталите и да се забрза процесот.
Неговиот бугарски колега, министерот за енергетика Александар Николов не откри дали Бугарија ќе го продолжи договорот за набавка на природен гас со „Гаспром“ кој истекува на крајот на годинава, а од кој зависи и снабдувањето на природен гас во земјава, но гарантира дека Македонија сепак ќе биде снабдена со овој енергенс. Пораката на Николов е дека мора да се размислува за алтернативни начини кои ќе овозможат снабдување со природен гас, за да се минимизира зависноста од Русија.
Како долгорочно решение за набавка на гас во земјава, на денешниот состанок беше разговарано и за продолжување на интерконекторот Петрич – Струмица до ТЕЦ Неготино преку ревидирање на посточеката студија.
Според Бектеши, уште едно долгорочно решение е и нашето учество во терминалот во Александропулос.
– Со менаџментите на енергетските компании од двете страни ги разгледавме можностите за забрзување на проектите имајќи ја предвид енергетската криза. И претходно имавме одлична соработка во енергетскиот сектор, но нема да застенеме тука. Ќе продолжиме со дополнителни проекти, за двете држави да имаат бенефит од инвестициите. Разговаравме за реализација на Меморандумот за поврзување на пазарите на Македонија и Бугарија. При крај е постапката за воспоставување организиран пазар и компанија која тоа ќе го направи во земјава. До крајот на годината постапката треба да заврши, а во почетокот на годината кога ќе имаме организација на домашен пазар, ќе се поврземе со Бугарија, а тоа ќе го прошириме преку различни инвестиции, како што е интерконекторот со Бугарија и со другите соседи, рече Бектеши на заедничката прес-конференција.
Многу е важно, додаде, да се поттикне и соработката во делот на Коридорот 8, не само во патната и железничката инфраструтура, туку и во енергетскиот сектор.
– За интерконекторот Петрич – Струмица се договоривме да се ревидира студијата зашто претходната предвидела да имаме до Штип маркет тест, но тоа ќе го направиме до ТЕЦ Неготино зашто преку ЕСМ се преземени соодветни мерки за да имаме дополнителен капацитет за производство на електрична енергија од природен гас. Тој интерконектор во иднина би можел да биде снабдувач на тој капацитет кој најверојатно ќе биде голем – рече Бектеши.
Во однос на кризата поради руско-украинскиот конфликт, земјава, подвлече министерот, останува цврсто на одлуките што ги носи ЕУ.
– Со Бугарија, како членка на Унијата, ги разменуваме сите информации и начини за подобро да се справуваме со енергетската криза и со новата ситуација од конфликтот во Украина. Стоиме цвстро зад заложбите за спроведување што повеќе проекти посебно со Бугарија. За тоа е направен одреден патоказ што ги дефинира роковите, преку компниите, институциите, вакви директни состаноци и отворени транспарентни постапки ќе реализираме се што е и што ќе биде договорено – дополни Бектеши.
Министерот Николов е дециден дека двете земји ќе се справат со предизвиците.
– Во тешки времиња се гледа кои се вистинските пријатели. Има големи можности, но ризиците мора да се следат. Бугарија и е на располагање за помош на Северна Македонија, не само од технички аспект, туку и во делот на инфраструктурата – истакна Николов.