Македонската фудбалска репрезентација вечер се враќа во Скопје, ден по сензационалниот триумф над актуелниот европски првак Италија (1-0) во полуфиналето од баражот за пласман на Светското првенство.
Предвидено е македонската фудбалска експедиција со чартер-лет од Палермо да пристигне на скопскиот аеродром околу 18 часот.
Селекторот Благоја Милевски ќе ги искористи деновите од викендот за мини подготовки за финалето против Португалија, кое ќе се игра во вторник од 20.45 часот на стадионот „Драгао“ во Порто, а победникот ќе обезбеди настап на Мундијалот од 21 ноември до 18 декември во Катар.
Македонката репрезентација на дуелот против Португалија ќе биде посилна за Елјиф Елмас и Тихомир Костадинов, кои го пропуштија вчерашното полуфинале во Палермо поради жолти картони.