Несомнено бенефициите од занимавањето со политика се огромни, па затоа тука треба да се бараат причините зошто луѓето сакаат да се занимаваат со политика. Високите пратенички плати и патни трошоци, пратеничкиот имунитет, апанажата по завршувањето на мандатот, доживотните претседателски пензии, вечните бизниси на градоначалниците се само мал дел од придобивките што ги носи политичката функција, па затоа и не треба да зачудува зошто сите сакаат да влезат во политиката и да се збогатат
Бенефициите што ги носи јавната функција повторно на тапет
Голем број македонски политичари, кои за овие три децении самостојност на државата продефилираа низ институциите, покажаа дека, освен привилегиите што им ги даде функцијата и личните бенефиции што ги ползуваа, не оставија никаков печат зад себе што се однесува на доброто на граѓаните што ги избирале или, пак, на државата што им овозможила да бидат носители на јавната функција. Имено, многу од нив се впуштија во политичките води од лукративни причини, да работат за сопствениот и партискиот интерес, а најмалку за интересот на државата и на граѓаните. Повеќето од нив напуштија звучни професии, како професор, доктор, бизнисмен, само да дојдат до некое пратеничко, министерско или, пак, градоначалничко место, што говори за примамливоста на политичката функција и желбата да се дојде до власт и моќ по секоја цена.
Несомнено бенефициите од занимавањето со политика се огромни, па затоа тука треба да се бараат причините зошто луѓето сакаат да се занимаваат со политика. Високите пратенички плати и патни трошоци, пратеничкиот имунитет, апанажата по завршувањето на мандатот, доживотните претседателски пензии, вечните бизниси на градоначалниците се само мал дел од придобивките што ги носи политичката функција, па затоа и не треба да зачудува зошто сите ги напуштаат професиите и сакаат да влезат во политиката и да се збогатат.
Истата формула ја користат и оние што и без политиката биле претходно добро ситуирани, гледајќи како од позиција на моќ можат уште подобро да ги позиционираат и прошират сопствените бизниси, а со тоа и да го удвојат, ако не и да го утројат своето богатство.
Во таа насока, постојаното политичко расправање околу тоа дали политичарите влегуваат како „голтари“ во политиката, за подоцна да излезат како богаташи, не е ништо друго туку само обична дневна политика и одвлекување на вниманието од реалните проблеми со кои се соочуваат граѓаните, а политичарите не им ги решаваат.
– Препукувањето меѓу политичарите за голтари и милионери никаде не води. Она што можам да кажам е дека е неопходен закон за потекло на имот, со што ќе можеме да видиме кој колкав имот има и како го стекнал. Сето друго е дневна политика – смета Билјана Ивановска, претседателка на Државната комисија за спречување корупција.
Според неа, за носење ваков закон е потребна политичка волја од сите политички чинители во земјава, која досега не била искажана.
– Во април треба работната група да продолжи со работа околу подготовката на овој закон. Би требало тоа со работните групи да се заврши до крајот на годината, но останува да се види какво ќе биде расположението на партиите да го изгласаат законот во Собранието. Дополнително прашање е колку тие ќе дозволат да им се брцне во око, но ние ќе се бориме конечно да се знае како секој политичар го стекнал имотот. Треба во сржта да се погоди, а не да се водат само празни политички муабети и препукувања што не водат никаде – истакнува Ивановска.
Универзитетскиот професор Борче Давитковски е на ставот дека кај нас политичката функција се сфаќа само како можност за лично богатење.
– Кај нас 30 години политичарите влегуваат во политика со цел да се збогатат. Тука се разните функционерски бенефиции, плати, дневници, патни трошоци, тендери, со што оние што влегле во политиката почнуваат да се богатат, а оние што и претходно нешто имале, уште повеќе да го зголемат. Затоа им е примамлива политиката на сите. Жално е што кај нас најголем вработувач во државата е самата држава – нагласува Давитковски.
Тој аналитички се осврнува на целиот период од самостојноста до денес, за на крајот да заклучи дека немањето отчетност овозможило сите што биле на функција да се збогатат и да не одговараат ако богатството го стекнале на незаконски начин.
– Ако се направи некоја анализа за овие 30 години од составот на првиот парламент и првата влада досега, ќе се види колку пратеници и функционери дошле од другите градови и за време на мандатот тука купиле станови, дуќани, развиле бизниси… Ретко кој од нив се вратил назад. Сите пратеници и министри имаат по два-три стана во Скопје. Кој дојде тука, купи стан, но како го купил тоа е веќе друга приказна. Тоа нешто кажува – потенцира Давитковски.
Според него, примамливоста на политичката функција кај нас е само затоа што не постои отчетност и секој „голтар“ може да стане „милионер“ и никој да не го праша како го направил тоа.
– Ние немаме принцип на отчетност. Во демократијата најбитен е овој принцип. Кај нас никој по завршувањето на мандатот не дава отчет да се види колку му е зголемен имотот, како го стекнал и слично. Едноставно сè останува исто – констатира професорот Давитковски.
Неговото мислење е дека политичарите многу време потрошиле на безделничење и неодговорно однесување, за што цената ја плаќа народот.
– Политичарите се однесуваат слободно. Многу пари се потрошија на безделничење и глупости, наместо да ја направиме Македонија пристојна држава за живеење – заклучува Давитковски.