Бројот на ковид-позитивните повторно започна да расте во Западна Европа поради укинувањето на рестриктивните мерки, слабеење на имунитетот кај населението и појавата на нови, позаразни подваријанти на омикрон, сметаат експертите.
Откако повеќе од еден месец, бројот на позитивни случаи низ поголемиот дел од Европа паѓаше, во Велика Британија, Франција, Германија, Италија и други земји, започна драстично да се зголемуваат бројките на позитивни случаи во последните неколку денови.
Македонија ги олабави мерките за заштита од ковид-19, но, како што вели д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести, која предлага што да се преземе за заштита, нема да се брза.
Комисијата денес ги предупреди граѓаните да бидат свесни за присуството на вирусот и потребата од вакцинација.
– Поучени од искуствата во европските земји и растот на позитивни случаи по укинувањето на мерките, внимателно да ја следиме ситуацијата во нашата земја и затоа денес немеме предлог за нивно олабавување. Не сакаме да избрзуваме со укинувањето на мерките, за потоа да бидеме принудени повторно да ги воведуваме. Граѓаните треба да се свесни дека вирусот е присутен и дека вакцината е најдобра превенција и заштита од негово повторно ширење – изјави д-р Злате Мехмедовиќ.
Изминативе неколку дена во Франција, бројот на случаи се зголемил за повеќе од една третина откако владата ги укинала повеќето ограничувања минатиот понеделник. Исто така и германската влада одлучи во текот на викендот да ги укине ограничувањата, и покрај новиот рекорден број на инфекции регистрирани во петокот, дури 300.000.
– Во Германија, бројот на позитивни случаи се зголеми уште пред да се укинат мерките. Европските земји имаат висок процент на вакцинирани, направија сѐ што може да се направи за заштита од вирусот, но не успеваат – вели микробиологот проф. д-р Никола Пановски, кој додава дека кај нас има повеќе прележани отколку кај нив, но новата стратегија е да се научи да се живее со вирусот.
Италијанската влада во четвртокот објави дека ќе ги укине речиси сите ограничувања до 1 мај, и покрај зголемениот број случаи. Во Велика Британија, едно од дваесет луѓе во моментов е заразено, но владата во петокот го укина и последното ограничување за меѓународно патување. Иако мерката за задолжителна употреба на маската ФФП2 беше укината во Австрија, пред само неколку недели, ова правило повторно се воведува поради се поголемиот број случаи.
– Мерките се олабавуваат и кај нас, но сепак, ние сме порезервирани, отколку другите земји. Ако бројот на нови случаи повторно надмине 1.000 лица на дневна основа, очекувам и кај нас повторно да има затегнување на мерките – посочува Пановски.
Пановски: Со ковидот мора да живееме, бројот на случаи нема да е пресуден за рестрикциите
Иако некои епидемиолози веруваат дека владите пребрзо ги олабавија мерките, тие исто така посочуваат дека наглото зголемување на бројот на случаи се должи на омикронскиот подвид БA.2, кој стана доминантен во многу земји. Се проценува оваа варијантатае за околу 30 проценти позаразна од претходната подваријанта БA.1, а бидејќи е потешко да се открие, се нарекува и „скриен омикрон“.
Лоренс Јанг, виролог од британскиот универзитет Ворвик, рече дека зголемувањето на случаите е резултат на комбинација од три фактори: отстранување на ограничувањата, слабеење на заштитата од вакцинација и појавата на варијантата БА.2.
– Отстранувањето на ограничувањата го поттикна ширењето на БA.2 и тоа може да доведе до создавање на нови варијанти – изјави Јанг за „Асошиејтед франс прес“.
Антоан Флахо, директор на Институтот за глобално здравје на Универзитетот во Женева, рече дека постојат неколку претпоставки кои меѓусебно не се исклучуваат.
– Опцијата БА.2 веројатно е еден од виновниците за повторното зголемување на бројот на случаи, но и слабеење на имунитетот и релаксирачки мерки – рече Флахо кој укажа и на загаденоста на воздухот во Западна Европа.
Тој се осврна на минатогодишната студија која покажа „силна корелација“ помеѓу појавата на ковид-19 и присуството на високи концентрации на опасните честички во воздухот.
Сајмон Кларк, професор по клеточна микробиологија на Универзитетот во Рединг, рече дека и покрај големиот пораст на позитивни случаи „јавната загриженост за вирусот моментално е на најниско ниво од појавата на пандемијата“.
– Варијантата БА.2 веројатно е одговорна за зголемувањето на бројот на инфекции, што зборува за тоа колку брзо ситуацијата може да се промени со појавата на нови форми на вирусот – рече Кларк за „Сајанс медиа центар“.