Фото: Игор Бансколиев

Новонастанатата состојба на меѓународна сцена, по руско-украинскиот конфликт и особено по заглавувањето на процесот на проширување на Европската Унија, го отвора прашањето за тоа дали Кина може да се наметне како политички и економски фактор за поврзување на земјите од Западен Балкан, а особено да влијае на приближувањето меѓу Македонија и Бугарија. Како што е познато, Кина вложува многу во Бугарија. Истото тоа го прави и во другите држави во регионот, а во Македонија може и многу повеќе. Поаѓајќи од тоа, а земајќи го предвид незадоволството и на бугарската и на македонската страна од нивото на економско, инфраструктурно и енергетско поврзување меѓу двете соседни земји, легитимно се отвора прашањето дали Кина може со своите мегапроекти во регионов да се појави како олеснувач на билатералните односи на Македонија и Бугарија. Ова првенствено се однесува во економската сфера, бидејќи и македонскиот премиер и бугарскиот премиер Кирил Петков инсистираат идната заемна соработка да се фокусира на економијата и други области на инфраструктурна и енергетска соработка

Дали Кина може да биде економски и политички фактор за поврзување на земјите од Западен Балкан

Кинеската надворешна политика долго време е присутна и во Бугарија, помагајќи со инвестициите во инфраструктурата и енергијата, а кинеските и бугарските компании сѐ повеќе ја јакнат соработката и во другите области: земјоделството, науката и истражувањето, па и во културата, образованието…
Своето геополитичко присуство во Бугарија, Кина го прошири со ултраперспективниот и развоен проект „Еден појас, еден пат“, покажувајќи голем интерес и за другите земји во Југоисточна Европа. Иако Бугарија не беше во срцевината на кинескиот надворешен политички фокус во Југоисточна Европа, во последните неколку години е забележан пораст во ангажманот на зафати на одржлив раст и развој.

Кинеските вложувања во Бугарија

Односите меѓу Кина и Бугарија во последните години се во нагорна линија. Со посетите на бугарските претседатели на Пекинг во 2014 и 2019 година и на бугарскиот премиер во 2015 година, како и возвратната посета на кинескиот премиер во 2018 година, билатерална соработка се продлабочи. Тоа резултира и со потпишување договор во 2018 година меѓу Бугарската банка за развој и Кинеската банка за развој, кои потпишаа рамковен договор за заем од 1,5 милијарда евра. Кулминацијата на кинеско-бугарските односи беше со потпишувањето во 2019 година декларација што ги надгради односите до „стратегиско партнерство“. Актуелниот претседател на Бугарија, Румен Радев, го поддржува засилениот ангажман со Пекинг. Исто така, се очекува новата бугарска коалициска влада, формирана во декември 2021 година, предводена од Кирил Петков и Асен Василев, да ги продолжат економските односи со Кина, кои сѐ уште се во нагорен пат. Вкупните кинески инвестиции во Бугарија до крајот на 2020 година изнесуваа 119 милиони евра. Во моментов, кинеските инвестиции се групирани само во неколку области, како што се земјоделството и сродните индустрии, информатичката технологија и недвижен имот. Кина долго време претпочита големи инфраструктурни иницијативи на гринфилд-инвестиции. Ова се однесува и за другите земји од регионот, како Србија и Црна Гора, а во помал обем и во Македонија и Босна и Херцеговина. Во последната деценија, во земјоделскиот сектор во Бугарија влегоа трите најголеми кинески инвестиции во земјата, а се однесуваат на добиточна храна и вино. Кинеските компании покажуваат и силен интерес за вложување во сообраќајот и пристаништата во Варна и Бургас, додека во 2019 година се разговараше и за влегување на кинески инвеститор во една бугарска термоцентрала. Кинезите понудија целосен финансиски и градежен пакет во нуклеарниот сектор, со опрема поврзана со набавки од кинески фирми, за да се обидат да ги надминат таквите пречки – но засега тие не се реализирани.

Колкава е апсорпциската моќ на Македонија за кинески вложувања?

Македонија треба да започне со развивање соодветна политика за Кина во најблиска иднина, со цел да ги дефинира своите приоритети во однос на билатералната соработка. Процесот на пристапување во ЕУ е уште едно ограничување за македонско-кинеската соработка, бидејќи двете страни досега имаа проблеми да ги формулираат и да ги врамат заедничките проекти според критериумите на ЕУ за земји-кандидати. Сепак, не е ниту кинеска амбиција ниту интерес да се претстави себеси како алтернатива за членство во ЕУ. Напротив, добро развиена соработка меѓу ЕУ и Кина во Западен Балкан (ЗБ) би била од полза за трите страни. Затоа, Кина и ЕУ би требало да започнат дискусија како да соработуваат во ЗБ и на тој начин да придонесат кон побрз развој на регионот, се наведуваат во истражувањето, кое е направено пред германското претседавање со Европската Унија.
Интересот за кинеските инвестиции во Македонија може да е комплементарен во повеќе области. Повеќето транспортни проекти што Кина е заинтересирана да ги финансира во земјите од Западен Балкан се во согласност со Трансевропската транспортна мрежа на ЕУ. Платформата 17+1 нуди финансирање за проекти за зелена обновлива енергија што би биле корисни за да се намали енергетската зависност на регионот во согласност со европските стандарди, а тука се и другите области, како земјоделството и металната индустрија.
Од повтореното воспоставување дипломатски односи со Кина, по признавањето на независноста на Тајван од македонската влада во 1999 и неговото последователно повлекување, Кина е присутна во Македонија главно со проекти во јавниот сектор, вклучувајќи јавни договори и развојна помош преку грантови и кредити. Додека повеќето од договорите се склучени од страна на кинески државни тела, присуството на приватни компании е релативно ретко. Според економистите, тоа се должи на кинеските традиционални навики да се работи со државни претставници, а не со невладини организации или бизниси.
Но да се потсетиме дека Македонија беше првата земја од платформата 17+1 што ја искористи кредитната линија од 10 милијарди американски долари наменети за инфраструктурни проекти.
Освен тоа, Македонија е и првата европска земја каде што Кина го имплементира моделот за развојна соработка веќе тестиран во Азија и Африка, преку целосно финансирање и изградба на основно училиште во општината Кисела Вода.
Кинески компании учествуваа во изградбата на хидроцентралата Козјак; во проектот е-образование; за изградбата на автопатиштата Кичево – Охрид и Миладиновци – Штип, набавката на 202 автобуси за јавниот превоз во Скопје…

Кина може со своите мегапроекти во регионов да се појави како олеснувач на билатералните односи на Македонија и Бугарија

Ако сѐ има предвид горенаведеното, тогаш логично се поставува прашањето доколку Кина досега успешно менаџира со економски проекти од двете страни на границата Македонија – Бугарија, тогаш зошто таа не би била спојка за нивно поврзување и економски развој.
Имено, со новонастанатата состојба на меѓународна сцена, по руско-украинскиот конфликт и особено по заглавувањето на процесот на проширување на Европската Унија, логично е прашањето што си го поставуваат повеќето наши соговорници за тоа дали Кина може да се наметне како политички и економски фактор на поврзување на земјите од Западен Балкан, а особено да влијае и на приближувањето меѓу Македонија и Бугарија.
Некои одговори се оптимистички, а некои не толку. Иако како идеја звучи добро, има основи за економски просперитет и развој од двете страни, со помош на Кина дека би можело да се достигне ниво на економски развој и поврзување што ќе ги стави во втор план другите недоразбирања, па дури и секој народ да си живее со своите убедувања за тие прашања. Засега, според соговорниците, нема конкретни одговори, но сите го истакнуваат фактот дека Кина вложува многу во Бугарија. Истото тоа го прави и во другите држави во регионот, а во Македонија може и многу повеќе. Поаѓајќи од тоа, а земајќи го предвид и незадоволството и на бугарската и на македонската страна од нивото на економско, инфраструктурно и енергетско поврзување меѓу двете соседни земји, легитимно се наметнува идејата дека Кина може со своите мегапроекти во регионов да се појави како олеснувач на билатералните односи на Македонија и Бугарија. Ова првенствено се однесува во економската сфера, бидејќи и македонскиот премиер и бугарскиот премиер Кирил Петков инсистираат идната заемна соработка да се фокусира на економијата и други области на инфраструктурна и енергетска соработка.


Маричиќ: Поранешните провокации со Бугарија сведени на минимум

Деновиве, коментирајќи го нивото на односите со Софија, вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ оцени дека тие сега се смирени.
– Односите со Бугарија се смирени, провокациите се сведени на минимум. Генерално не постои негативна комуникација помеѓу двете влади. Тоа значи дека новиот пристап даде резултати и дека успеавме да ја нормализираме комуникацијата да се одвива на повеќе нивоа – вели Маричиќ.
Тој смета дека поранешните провокации со Бугарија сега се сведени на минимум и дека е исполнет овој предуслов за да се дојде до конечен договор со соседот.
– Провокациите се сведени на минимум, не постои негативна комуникација, новиот пристап даде резултати – рече поранешниот министер за правда.
Тој наведе дека премиерот Димитар Ковачевски, како шеф на делегацијата на самитот во НАТО, ќе се сретне во Брисел со претседателот на бугарската влада Кирил Петков.
– Мислам дека интензивно работат и работните групи на помалку политичките теми. Има интензивна комуникација на владино ниво и на ниво на влади.
Ние сме задоволни од тоа што има директна и отворена комуникација и од тоа што јасно се разбираме околу нашите позиции – рече Маричиќ.
Вицепремиерот верува дека преговорите нема да се одолжат со антикорупциската акција во последно време во Бугарија.
– Премиерот Петков нам ни кажа дека внатрешнополитичката ситуација не е едноставна, но ние нема да му одмогнеме. Негова задача е да ги менаџира тие работи, нам ни е важно да не се пропушти оваа можност овој период да се најде едно фер и достоинствено решение, кое ќе ја тргне блокадата од преговорите – изјави Маричиќ.


Ковачевски: Комуникацијата и соработката се унапредени

Соработката со Бугарија е унапредена, особено по доаѓањето на двете нови влади и воспоставувањето нов начин на комуникација. Кога ќе има документ прифатлив за двете страни, ќе биде споделен со институциите и јавноста – рече премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања по посетата на компанијата „Витаминка“ во Прилеп. Според Ковачевски, секогаш постојат поединци што сакаат тие односи да ги направат полоши, но македонската и бугарската влада се против тоа и сметаат дека треба да се соработува на сите полиња и во секоја сфера. Со Бугарија отворивме нов процес на разговори, нов начин на комуникација, кој треба да ја зголеми довербата не само меѓу министрите туку и меѓу општествата во целина. Се формираа работни групи, кои веќе покажуваат резултати, се одржаа и научни конференции меѓу универзитетите, стопанските комори се среќаваат, а се зголемија и транспортните квоти. Соработката е унапредена во однос на периодот претходно. Односите се унапредени, официјалното ниво на комуникација е унапредено и е на ниво на европските вредности. Секогаш постојат поединци кои сакаат тие односи да ги направат полоши, но ние и бугарската влада сме против тоа. Треба да соработуваме на сите полиња – истакна премиерот и потсети дека Бугарија помогна при евакуирањето на македонските државјани од Украина.