По загрепскиот инцидент, НАТО се најде под сериозна критика дека нема еднаков критериум кога станува збор за одбраната на сите земји-членки, особено на помалите. Ако на ова се придодаде и една нималку наивна изјава на поранешниот американски претседател Доналд Трамп дека САД нема да влегуваат во трета светска војна ако биде нападната мала држава како Црна Гора, тогаш сериозно се доведуваат под прашалник смислата на Алијансата и обврските што ги носи членството во НАТО
Падот на беспилотното летало во Загреб отвори многу прашања
И по десетина дена од падот на беспилотното летало во хрватскиот главен град Загреб и натаму останува енигмата од каде долетал вооружениот дрон, како непречено ја минал противвоздушната одбрана на две НАТО-членки, Романија и Унгарија, и дали на некој начин некој сакал да испрати порака до Хрватска.
Она што досега единствено е јасно е дека станува збор за извидувачко беспилотно летало „ту-141 стриж“ од советско производство, кое било вооружено со експлозивна направа, која, за среќа, експлодирала неколку метри под земја и не предизвикала поголема материјална штета, а уште поважно е дека нема човечки жртви.
Само неколку дена по инцидентот во хрватскиот главен град, друго беспилотно летало навлезе во романскиот воздушен простор, јужно од Украина. Минатиот вторник, украинската војска соопшти дека соборила руски дрон, за кој тврдеше дека влегол во Украина преку полскиот воздушен простор.
Сите овие примери говорат дека нешто чудно се случува над воздушниот простор на источноевропските членки на НАТО, па со право се наметнува дилемата дали Алијансата има еднакви критериуми кога станува збор за безбедноста на поновите членки на најголемиот светски воен сојуз и постарите земји-членки.
Држи ли „сенка“ чадорот на НАТО еднакво насекаде?
И додека одбранбените експерти од регионот анализираат како можел да се случи ваков сериозен пропуст над воздушниот простор на Алијансата, првиот човек на НАТО, Јенс Столтенберг, без голема загриженост го проследи инцидентот во Загреб.
– Досегашните индиции укажуваат на тоа дека беспилотното летало што минатата седмица падна врз хрватската престолнина Загреб не било вооружено и оти не станувало збор за оружен напад… Според сознанијата што ги имаме, не станува збор за намерен напад, но и вакви случаи се опасни, па го зголемивме надгледувањето – истакна неодамна Столтенберг.
Токму неговата изјава на некој начин предизвика реакции кај дел од јавноста во регионот, која се прашува дали НАТО ќе дејствуваше толку воздржано ако вакво беспилотно летало случајно завршеше на некоја улица во Лондон, Берлин, Париз или некој друг поголем европски град.
– Доколку проектилот го погодеше, да речеме, Брисел или Берлин, тогаш политичката реакција на НАТО и Европа сигурно ќе беше значително поинаква. Но таа не е таква. Проектилот падна во Загреб, со што се отвора можност сега сите да се „прават будали“ – смета хрватскиот воен аналитичар Марио Галиќ.
Според него, НАТО не реагирало соодветно на задачата, односно не го заштитило небото на своја земја-членка.
– За време на летот над Унгарија, проектилот прелетал веднаш до една од нивните нуклеарни централи, а тие не реагираа. Веројатно затоа што не го ни забележале на радарот – појаснува Галиќ.
Тој уште додава дека за инцидент од ваков калибар, некој во командната линија на Алијансата мора да понесе одговорност, но лично не верува дека ќе се случи тоа.
– Во овој случај тешко дека ќе има некаква „чистка“. Од политички причини сите би сакале што поскоро да го заборават случајот, а смените по вертикала и хоризонтала само би го вратиле на насловните страници – смета Галиќ.
Ниту на украинскиот министер за одбрана Олег Резников не му е јасно како може вакво летало да заврши среде Загреб, без да биде неутрализирано од противвоздушната одбрана на Алијансата.
– Се работи за дрон од советско производство какви што има и нашата војска. Прелета неколку земји-членки на НАТО пред падот во Хрватска. Како е можно НАТО да не го видел и уништил? Значи, можете ли сами да го штитите своето небо – поставува реторичко прашање Резников.
Се почитува ли вистински членот 5?
По загрепскиот инцидент, НАТО се најде под сериозна критика дека нема еднаков критериум кога станува збор за одбраната на сите земји-членки, особено на помалите. Ако на ова се придодаде и една нималку наивна изјава на поранешниот американски претседател Доналд Трамп дека САД нема да влегуваат во трета светска војна ако биде нападната мала држава како Црна Гора, тогаш сериозно се доведуваат под прашалник смислата на Алијансата и обврските што ги носи членството во НАТО.
– Да, Црна Гора. Тоа е мала земја со многу силни луѓе. Многу силни луѓе и многу агресивни. Тие може да бидат многу агресивни – и честито, веќе влеговте во трета светска војна – порача иронично Трамп, одговарајќи на прашањето на модераторот дали тој треба да го праќа својот син да оди да ја брани Црна Гора.
Изјавата на Трамп предизвика бурни реакции и меѓу самите членки на НАТО, особено меѓу помалите, кои почнаа да се сомневаат дали Алијансата ќе се држи до членот 5 од пристапниот договор ако некоја земја биде нападната.
– Државите-членки се согласуваат дека еден оружен напад на една или повеќе земји-членки во Европа или во Северна Америка ќе се разгледува како напад на сите нив и секоја страна се согласува дека при таков напад, во силата на правото за поединечна или колективна самозаштита, признаено од членот 51 од Уставот на ООН, ќе укаже помош на нападнатата членка или нападнатите членки ако се смета за неопходна, вклучувајќи и употреба на оружена сила, за воспоставување и поддржување на сигурноста во Северноатлантската зона – се наведува во фамозниот член, на кој последните денови се повикуваат сите членки на Алијансата, загрижени од развојот на настаните во Украина, но и од порозноста на воздушната одбрана во овој дел на Европа.
Такви дејства, кои се сметаат за неопходни, вклучувајќи и употреба на оружена сила, не означуваат дека другите држави членки директно се обврзани да реагираат со воени дејства, туку тие се должни да одговорат на тоа, но да ги зачуваат изборот и начинот по кој би реагирале при една таква ситуација.
Пример за тоа дека НАТО не мора секогаш да реагира е Фолкландската војна меѓу Велика Британија и Аргентина, кога Алијансата не се вклучи во конфликтот, иако нивна членка беше директно инволвирана. За првпат во историјата на договорот, САД се повикаа на членот 5 на 12 септември 2001 година по терористичките напади.
Колективната безбедност подразбира и колективна одговорност
Инцидентот со беспилотното летало во Загреб покажа дека НАТО недоволно водело сметка за противвоздушната одбрана во источноевропските земји, бидејќи е несфатливо како летало, со големина на авион ловец, навлегло 1.000 километри во нивна територија без да биде соборено.
Македонија е последната примена членка на НАТО, 30-та по ред, а според Спогодбата од Преспа, за безбедноста на нејзиниот воздушен простор се грижи грчката авијација. Ако се претпостави една слична хипотетичка ситуација, вакво беспилотно летало лесно би можело да се најде и на македонското небо ако се повторат пропустите во противвоздушната одбрана. Без навремено следење и предупредување, Грција тешко ќе успее навреме да ги крене авионите во воздух и да го заштити македонскиот воздушен простор.
За да не се повторат слични инциденти во иднина и да не се доведува под прашалник заложбата на НАТО за партнерски однос меѓу сите земји, Алијансата веќе ја промени процедурата за следење слични летачки тела. Со новиот пристап, НАТО мора да ги крене авионите во воздух дури и кога постои сомнеж дека станува збор само за радарска рефлексија.
Тоа ќе важи ако заканата се однесува за сите земји, вклучувајќи ги и малите како Македонија, Црна Гора, Хрватска, Словенија, Албанија, кои на својата територија немаат никаква противвоздушна одбрана и целосно зависат од постарите сојузници.
Од друга страна, Алијансата мора посериозно да поработи на безбедносните аспекти и во државите на Балканот, бидејќи заштитата на нивните граѓани треба да биде еднаква обврска на командата во Брисел.
Несомнено Македонија, како и сите други партнери, заслужува еднаков пристап, па кога веќе ги усогласила својата надворешна политика и стратегиска цел со оние на западните сојузници, тогаш треба целосно да биде покриена со чадорот на НАТО. Тоа подразбира и одговорност за евентуални пропусти.
Падот на дронот во Загреб беше силна опомена што не треба да се занемарува, туку веднаш да се отстранат сите недостатоци, кои утре можат да доведат до инциденти со поголеми последици. Впрочем, колективната безбедност подразбира колективно дејствување, секаде и секогаш, без исклучоци.