Бугарија
Поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов беше приведен за време на специјална операција на бугарската полиција во врска со повеќе од 556 милиони лева, односно околу 284.827 евра, кои наводно исчезнале од државниот буџет.
Во полициската акција се приведени и поранешниот министер за финансии Владислав Горанов, поранешната шефица на одборот за буџет Менда Стојанова и поранешната шефица на службата за информирање на Владата, Севдалина Арнаудова. Бугарскиот главен обвинител Иван Гешев не бил информиран за апсењето на поранешниот премиер Бојко Борисов.
Апсењата се случија веднаш по средбата во Софија на европската главна обвинителка Лаура Ковеси со актуелниот премиер Кирил Петков, на која се разговарало за повеќе од 120 случаи на наводна корупција и лошо управување со европските фондови. Состанокот е израз на јасната желба на новата влада да се справи со репутацијата на Бугарија како корумпирана и да го заобиколи бугарското обвинителство, особено главниот обвинител Гешев.
„Во моментов се водат истраги од страна на европското обвинителство“, изјави вчера премиерот Петков. Претходно, во видеообраќање тој изјави дека неговата улога е да им даде целосна слобода на државните органи да постапуваат во согласност со законските овластувања.
– Дека никој не е над законот во Бугарија покажува и вчерашното дејствување на МВР. Јас самиот бев испрашуван и дадов исказ. Во моментов се водат истраги од страна на европското обвинителство, но во наредните денови ќе видиме каде е бугарското обвинителство и дали конечно ќе застане на страната на бугарскиот народ – рече Петков.
Владата јасно стави до знаење дека сака да се ослободи од обвинителот Гешев, кој се смета за заштитник на интересите и наследството на Борисов.
Министерот за финансии Василев откри и дека властите работеле на дојава од прогонетиот олигарх Васил Божков, дадена во летото 2021 година. Васил Божков-Черепот, инаку познат како најголемиот бугарски олигарх и наедно крал на бугарското подземје, ставен на црната-листа на САД од јуни 2021 г., по проблемите во Бугарија, пред две години побегна во Дубаи. Тој стана гласен противник на Борисов и неговата партија ГЕРБ, откако на почетокот на 2020 година беше национализиран неговиот профитабилен лотариски бизнис. Неговата дојава ја натера Агенцијата за јавна финансиска инспекција да собере докази за 556 милиони лева, кои, наводно, исчезнале во време на Борисов и Горанов. Василев додаде дека Обвинителството под Гешев знаело за наводите против Борисов, но никогаш не ги испитувало.
Според дел од бугарските медиуми, постојат видеа и фотографии како главни докази во кои Борисов зема поткуп од бизнисменот Васил Божков. Според „24 часа“, овие докази биле испратени од европското обвинителство до Генералниот директорат на Националната полиција. Фотографиите и видеата се вклучени во предистражната постапка. Веќе се одредени вештачења за докажување на нивната автентичност. Божков тврди дека секој месец плаќал 10 проценти од добивката на националната лотарија како поткуп. Тој вели дека бил уценет од Борисов, Владислав Горанов и од Менда Стојанова, објавија бугарските медиуми.
„Постојат неколку можности за развој. Најверојатно, господинот Борисов ќе биде ослободен до крајот на 24-часовниот притвор. Другата можност е соодветниот обвинител да биде запознаен со материјалите против него за да оцени дали и како има услови за поднесување обвинение. Доколку смета дека нема такви услови, 24-часовниот притвор очигледно ќе биде последен. Доколку обвинителот смета дека има докази за кривично дело, има и неколку опции. Може да му одреди притвор во траење од 72 часа, но може да му изрече друга мерка на притвор“, изјави еден од неговите адвокати Људмил Рангелов.
Подготвил: Марјан Велевски