Европа покажа единство во солидарноста со Украина. За да покаже дека тоа ќе биде така и во иднина, европскиот блок треба да ги поддржи членките во тешките времиња што претстојат и да ги заштити од актери што можеби сакаат да сеат раздор, смета Павел Зерка за ЕЦФР
Украинскиот конфликт низ призмата на Европејците
Отпочнувањето на руската воена операција на Украина, за Европејците го отвори прашањето за нивната солидарност. Времето ќе покаже колку ќе ги натера тоа да научат нешто повеќе за себе, но како што стојат работите, нивното однесување беше примерно на политичко и на општествено ниво. Европските влади и институции воведоа санкции за руската економија, испратија воена помош за Украина, па дури и ги зголемија шансите за членство на земјата во Европската Унија. Мобилизацијата на европските граѓани заслужува подеднакво внимание. За помалку од една недела, само Полска пречека најголем дел од украинските бегалци, а илјадници обични полски граѓани беа вклучени во помошта, со тоа што ги отворија вратите на нивните домови, ги транспортираа низ земјата и им испратија помош на оние што останаа во Украина.
Европејците покажуваат дека нивната солидарност не е само теоретска. Како што покажа истражувањето на ЕЦФР спроведено во јануари 2022 година во седум земји на ЕУ (Финска, Франција, Германија, Италија, Полска, Романија и Шведска), многу Европејци сакале да ѝ помогнат на Украина во случај на руска офанзива уште пред таа да се случи. Ова особено важеше за Полска, каде што 62 отсто од испитаниците сакале да ѝ дадат помош на Украина, дури и ако тоа значи дека голем број бегалци ќе ја преминат границата. Денеска е очигледно дека таквиот став бил точен.
Нови ветришта во Европа
Некои европски членки радикално ги преиспитуваат своите политики како одговор на руската воена операција. Германија изненади многу набљудувачи со стопирањето на гасоводот „Северен тек 2“, испраќањето оружје во Украина и најавувајќи голем пораст на трошоците за одбрана. Берлин дури ја преиспитува својата одлука да ги затвори сите свои нуклеарни централи. Но работите се менуваат и во други држави. Италијанскиот премиер Марио Драги неодамна призна дека е неразумно неговата земја да се потпира толку многу на увозот на руски гас и ја повика ЕУ да развие заеднички капацитети за складирање енергија. Австрија, која порано важеше за порта кон Европа за руските бизниси, цврсто реагираше и покрај нејзината изложеност на последиците од западните санкции врз Русија. Во меѓувреме, во Франција, воената операција на рускиот претседател Владимир Путин беше осудена дури и од неговите традиционални поддржувачи, екстремно десничарските претседателски кандидати Марин Ле Пен и Ерик Земур.
Санкциите ќе ги почувствуваат сите
Сепак, воената операција на Путин во Украина и западните економски санкции кон Русија сигурно ќе имаат негативни ефекти врз европската економија. Во моментов, ЕУ увезува околу 40 отсто од својот гас од Русија, според „Евростат“. Во случај на ескалација во која Русија би го прекинала снабдувањето со гас за Европа, би се јавил недостиг од енергија низ целиот континент. Бидејќи Русија и Украина сочинуваат околу 30 отсто од светскиот извоз на пченица, конфликтот веќе се претвора во пораст на меѓународните цени на пченицата. Ова само ќе го зголеми инфлацискиот притисок во Европа создаден од пандемијата. Понатаму, бројот на бегалците што бегаат од Украина ќе се зголеми можеби до седум милиони во случај на долготраен конфликт. Очекувано, некои политичари веќе се обидуваат да всадат сомнеж за европските обврски. Како што гласачите почнуваат да ги чувствуваат економските последици од санкциите и сè повеќе се плашат дека земјите од ЕУ би можеле да бидат вовлечени во војната, сегашниот консензус ќе станува поранлив. Дискусијата за пристапот на Украина во ЕУ, исто така, лесно може да ја изгуби поддршката, давајќи им на евроскептиците совршена можност да шират страв меѓу гласачите.
Што треба да направи Европа?
За да се одржи денешната солидарност, ЕУ најмногу треба да ги подготви своите институции да се справат со долгорочни нарушувања. Прво, треба да изгради механизми за солидарност за да ги надомести штетите од европските санкции за членките и да им помогне да ги задржат своите енергетски резерви. Унијата, исто така, треба да ги поддржи Полска и другите членки на Централна Европа, кои во моментов примија најголем број украински бегалци. Европските членки треба да развијат и институционални решенија, бидејќи украинските бегалци не можат бесконечно да се потпираат само на јавната добра волја и невладините организации. За да ја одржи солидарноста, ЕУ ќе треба сериозно да се погрижи за потребите на своите граѓани. Европските влади треба да ги уверат своите граѓани дека се подготвени да направат сè што е потребно за да го ублажат влијанието на кризата.
Сепак, во прашање е капацитетот на Европа да продолжи да ја поддржува Украина доколку кризата трае неколку месеци или години. Порано или подоцна, јавното прифаќање на таквите интензивни напори би можело да попушти, ограничувајќи го капацитетот на ЕУ да води надворешна политика заснована на вредности, која Европејците ја очекуваат во време на мир од нивните лидери.