Анкета на „Нова Македонија“
„Нова Македонија“ направи онлајн и телефонска анкета за тоа како поскапувањето на горивата ќе влијае на животот и на навиките на граѓаните. Најголем дел од 315-те анкетирани беа вработени (76,5 проценти), невработени беа околу осум проценти, а преостанатите беа пензионери или студенти и ученици.
На прашањето „Дали можете да си дозволите поголем трошок за горива?“, 80 отсто од анкетираните одговорија со „не“. Четири проценти велат дека „ќе мораат“ да си дозволат, додека 16 проценти одговорија со „да“.
На прашањето „Колку пари месечно издвојувате за горива (нафта, нафтени деривати, гас…)?“, најголем дел анкетирани (околу 60 проценти) одговорија дека трошат 3.000-4.000 денари, мал процент анкетирани (2 отсто) трошат од 4.000 до 5.000 денари, потоа следуваат одговорите со трошоци повисоки од 5.000 денари (30 проценти). Вкупно 8 проценти од анкетираните велат дека месечно за горива издвојуваат до 3.000 денари.
Најголем дел од анкетираните (90,4 проценти), без разлика дали може да си дозволи да издвои повеќе пари за горива, вели дека ќе ги промени навиките за трошоците за гориво да се вклопат во домашните планови и буџет. Најмногу анкетирани велат дека ќе пешачат, ќе користат јавен превоз, како и велосипед. Некои од анкетираните одговорија дека на работа ќе одат повеќе колеги со исто возило, некои дека ќе го користат возилото кога ќе мораат, а помладите дека ќе возат само навечер, за излегување со друштво.
– Ќе користам возило кога морам, сѐ друго е луксуз – вели еден од анкетираните.
– Да се стопли и „палам“ велосипед – стои во друг одговор.
– Дење ќе користам велосипед, на факултет, кога треба ќе одам со автобус или пеш. Ќе излегувам во град со автомобил, ама ќе се комбинирам со другарите за поевтино – одговара анкетиран.
– Применувам нова тактика: двапати размисли пред да го стартуваш моторот на возилото. Иако јас возам на плин, ама и тој поскапе – вели друг.
– Ние сме пензионери, автомобилот ќе ја вклучуваме за да поработи моторот, а за возење ќе е само за итни случаи – одговара сограѓанин.
– Се надевам дека за брзо ќе помине ова ценовно лудило, зашто мојата работа е далеку. Ќе мора да издвојувам повеќе пари за гориво, немам автобус дотаму. Значи, ќе кратам од друго, а прва на листата е гардеробата – вели анкетиран.
– Јавен превоз ќе биде спасот за до работа. Ние дома и ќе ги намалиме долгите релации – одговара друг.
– Многу се надевавме дека нема да се случи ова, јас се сеќавам и на други времиња со редици на бензински и на правење резерви дома (ако најдеш намирници по продавници), на тешко крпење крај со крај… Но тоа е – вели граѓанин.
Анкетата покажува дека граѓаните сѐ уште се под стрес поради сѐ уште високите цени на енергентите. Тие негодуваат поради наметнатата потреба за приспособување на животот на еден кризен модел, кој предолго трае, а сега уште е продлабочен и со украинскиот конфликт. Повеќето анкетирани граѓани се сигурни дека ценовниот шок веќе неповратно ги принудува да го променат начинот на живеење, преку менување на навиките и реконструкција на домашните буџети. Ценовниот пресинг продолжува, а нашите идни анкети ќе бидат фокусирани на еластичноста, издржливоста и на снаодливоста на граѓаните да се приспособат на динамичното темпо на општествените промени. Но, исто така, преку анкетите ќе ја ставиме на испит и ефикасноста на мерките на државата за амортизација на негативниот тренд наметнат од кризите во тек, кои, освен стопанството, силно ги чувствуваат и граѓаните.