Околу 20 држави, од кои повеќето се во НАТО и во Европската Унија, ја снабдуваат Украина со оружје во екот на воениот конфликт со Русија, додека Северноатлантската алијанса разместува воена опрема, како и дополнителни 22 илјади трупи во нејзините земји-членки што се граничат со Русија и со Белорусија. Македонија како членка на Северноатлантската алијанса исто така донесе одлука за испраќање воена помош за Украина, но нејзината содржина останува тајна, како што неодамна посочи министерката за одбрана Славјанка Петровска

Со сѐ поголемото вмешување на надворешни сили во конфликтот се проширува и бројот на засегнати страни

Најавите за испраќање итна воена помош за Украина ги вовлекуваат членките на НАТО во прокси-војна со Русија, со што се зголемува и ризикот од проширување на оружениот конфликт, бидејќи е извесно дека Москва ќе го смета дотурањето оружје до Киев, кое се ветува и јавно, за опасно вмешување на Западот во тековниот судир на поранешните советски републики. Македонија како членка на Северноатлантската алијанса исто така донесе одлука за испраќање воена помош за Украина, со што нејзината содржина останува тајна, како што неодамна посочи министерката за одбрана Славјанка Петровска. Државите што се во НАТО порачаа дека нивните војници нема да се борат против Русија во Украина, но тие се активно вклучени во помагањето на Украинците преку донации во воена опрема. Околу 20 држави, од кои повеќето се во НАТО и во Европската Унија, ја снабдуваат Украина со оружје во екот на воениот конфликт со Русија, додека Северноатлантската алијанса разместува воена опрема, како и дополнителни 22 илјади трупи во нејзините земји-членки што се граничат со Русија и со Белорусија.

И од Исток и од Запад се трупаат сѐ повеќе оружје и воена опрема во Украина

Еден ден по почетокот на руската специјална воена операција во Украина, Белата куќа одобри пакет што вклучува оружје и воена опрема вреден 350 милиони долари, во кој е предвидено снабдувањето со противтенковски ракети „џавелин“ и противвоздушни ракети „стингер“. Пентагон соопшти дека испораката на оружје почнала од воениот арсенал во Германија до Полска и до Романија, од каде што се пренесува до западна Украина, како што објави „Њујорк тајмс“, составувајќи листа на ветената помош во вооружување за Украина. Според американскиот весник, Холанѓаните испраќаат ракетни лансери за противвоздушната одбрана, Естонците противтенковски ракети „џавелин“, Полјаците и Летонците противвоздушни ракети „стингер“, а Чесите митралези, снајпери, пиштоли и муниција. Дури и некои од некогаш неутралните држави како Шведска и Финска испраќаат оружје. А Германија, која долго се противеше на испраќањето оружје во воени зони, снабдува „стингери“ и други рачни лансери. Се смета дека „стингерите“ и противтенковското оружје како „џавелин“ се од клучно значење за одбраната на Украина, како и опремата за сигурна комуникација. Според НАТО, Белгија, Канада, Чешка, Естонија, Франција, Германија, Летонија, Литванија, Холандија, Полска, Португалија, Романија, Словачка, Словенија, Велика Британија и САД веќе испратија или одобрија значителни снабдувања со воена опрема за Украина, како и донации од милиони долари, додека други земји-членки даваат хуманитарна помош и прифаќаат бегалци од Украина.
НАТО исто така ја засили одбраната на земјите-членки на источното крило. САД разместија дополнителни 15.000 трупи низ Европа, од кои пет илјади во Полска и по илјада во Романија и во балтичките држави, ветувајќи уште 12.000 војници, ако биде потребно. Вашингтон испрати и борбени авиони и хеликоптери во Романија, Полска и во балтичките држави, а Франција ангажира војници во Романија, како и борбени авиони „рафал“ во Полска. Германија, пак, испрати дополнителни 350 војници во Литванија, шест борбени авиони во Романија и два брода за поморските патроли на НАТО. Британија размести дополнителни 850 војници во Естонија, тенкови „челинџер“ и 350 трупи во Полска, како и четири борбени авиони во Кипар и два брода во источниот Медитеран.

Западен „Координативен центар на меѓународните донатори“

Вкупно 21 од 27-те држави во ЕУ членуваат и во НАТО, но напорите за брзо пренесување опрема и оружје од Полска во Украина, официјално не претставуваат акција на НАТО или на ЕУ, туку се означени како потези за кои секоја држава се одлучува индивидуално. Франција соопшти дека воениот персонал на ЕУ се обидува да ги координира напорите, а Велика Британија и САД го прават истото тоа преку Координативен центар за меѓународните донатори. Европскиот фонд користен за купување оружје, пак, се нарекува Европски мировен објект. Фондот постои две години и има цел да спречува конфликти и да ја засили меѓународната безбедност, со што може да достигне 5,7 милијарди евра за седумгодишен буџет од 2021 до 2027 година. Но тешко е да се претпостави дека терминологијата користена за снабдувањето на Украина со оружје и воена опрема ќе ја збуни Москва во поглед на улогата на Западот. Рускиот претседател Владимир Путин веќе го гледа НАТО како закана за Русија преку поддршката за Украина, како што нагласи и во неговите говори во текот на кризата, односно кога го објави подигнувањето на нивото на подготвеност на нуклеарниот арсенал, за да ги предупреди САД и ЕУ за ризиците од вмешување во конфликтот. Згора, блискоста на членките на НАТО до зоната на конфликт претставува ризик за вовлекување дополнителни актери во оружените дејства.
Брисел навидум ги користи напорите на земјите-членки на Европската Унија за испраќање оружје и финансиска помош на Украина за да ја означи важноста на европскиот блок на воен план. Но неизвесно е дали европското оружје ќе продолжи да пристигнува на украинското боиште, бидејќи таквата стратегија ризикува поттикнување поширока војна и можни последици од Русија. Листата на држави што дадоа или најавија воена помош за Украина, пак, дава индикација за сериозноста со која НАТО пристапува кон ризиците од конфликтот или од потенцијално проширување на воените дејства на територијата на земја-членка на Алијансата, но се поставува прашањето како ќе реагира Русија, односно дали ќе возврати со контрамерки. Русија деновиве објави поширока листа на држави што ги смета за непријателски, на која е и Македонија.Дали ќе следуваат и други контрамерки, засега е тешко да се предвиди. С.Н.М.


Европскиот план за донирање борбени авиони

Неодамна, ЕУ соопшти дека е постигната согласност за договор според кој, земјите-членки на Унијата ќе им овозможат на украинските пилоти да ги употребуваат нивните борбени авиони од руско производство, за набргу потоа државите што имаат такви авиони да го демантираат постоењето на спогодбата, дури и откако Киев го најави очекуваното пристигнување на авионите. Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, истакна дека борбените авиони се на пат кон Украина, за веќе следниот ден да објави дека донациите нема да дојдат од ЕУ, туку ќе бидат индивидуални од земјите-членки. Украинскиот парламент потоа во изјава за „Политико“ кажа дека Украина испратила пилоти во Полска за да ги преземат авионите донирани од ЕУ, односно дека авионите од Словачка, Бугарија и од Полска наскоро ќе тргнат кон Украина. Но Бугарија и Словачка порачаа дека нема договор за испраќање на авионите, а полскиот претседател Анджеј Дуда кажа дека авионите нема да летаат во скоро време. Пропаѓањето на планот следуваше откако европските држави објавија нови снабдувања со оружје за Украина, вклучувајќи ракети, артилерија и медицински средства.