Доколку победи сценариото Украина да потпадне под контрола на Кремљ, тогаш тоа би ја трансформирала цела Европа, велат Лилјана Фикс и Мајкл Кимиџ за „Форин аферс“
Можни сценарија за исходите по конфликтот во Украина
Кога Русија се приклучи на граѓанската војна во Сирија летото во 2015 година, ги шокираше САД и нивните партнери. Од фрустрација, тогашниот претседател Барак Обама тврдеше дека Сирија ќе биде „голема каша“ за Русија и рускиот претседател Владимир Путин. Сирија би била руски Виетнам или Авганистан за него и тешка грешка што на крајот би се одразила по руските интереси. Меѓутоа, Сирија не заврши како „голема каша“ за Путин. Русија го смени текот на војната, спасувајќи го сирискиот претседател Башар ал Асад, воената сила ја претвори во дипломатска потпора, а трошоците и жртвите беа на одржливо ниво. Сега Русија не може да се игнорира во Сирија, бидејќи доби поголемо регионално влијание, од Израел до Либија, а во Асад задржа лојален партнер. Во Сирија, она што администрацијата на Обама не успеа да го предвиди е можноста руската интервенција да успее.
Во надреалната зима 2021-2022 година, САД и Европа повторно размислуваат за голема руска воена интервенција, но овој пат во самата Европа. Повторно, многу аналитичари предупредуваат на страшни последици и предвидувања дека пошироката војна во Украина „ќе биде голема каша“ за Русија. Во рационална анализа на трошоците и придобивките, цената на целосна војна во Украина би била погубна за Кремљ и би довела до значително крвопролевање. Сепак, анализата на трошоците и придобивките на Путин се чини дека фаворизира промена на европското статус-кво. Руското раководство презема повеќе ризици, а покрај препирањата во секојдневната политика, Путин е во историска мисија да ја зацврсти моќта на Русија. Според гледиштата на Москва, победата во Украина може да биде на дофат. Но, ако пресметката на Кремљ е точна, како на крајот тоа што беше во Сирија, тогаш САД и Европа исто така треба да бидат подготвени за поинаков исход. Што ако Русија победи во Украина?
Ако Русија ја добие контролата врз Украина или успее да ја дестабилизира во големи размери, за САД и за Европа ќе започне нова ера. Американските и европските лидери би се соочиле со двојниот предизвик да ја преиспитаат европската безбедност и да не бидат вовлечени во поголема војна со Русија. Сите страни ќе треба да го земат предвид потенцијалот на нуклеарно вооружените противници во директна конфронтација. Овие две одговорности, како што се цврстото бранење на европскиот мир и претпазливото избегнување воена ескалација со Русија, нема нужно да бидат компатибилни. САД и нивните сојузници би можеле да се најдат длабоко неподготвени за задачата да мораат да создадат нов европски безбедносен поредок како резултат на воените дејства на Русија во Украина.
Многу начини за победа
За Русија, победата во Украина може да има различни форми. Тоа би можело да вклучи руски усогласена влада во Киев или поделба на земјата. Понатаму, поразот на украинската војска и преговорите за украинско предавање би можеле ефективно да ја трансформираат државата. Русија, исто така, може да употреби разорни сајбер-напади и алатки за дезинформација за да предизвика промена на власта. Со кој било од овие исходи, Украина ќе биде ефективно одвоена од Западот.
Ако Русија ги постигне своите политички цели во Украина со воени средства, Европа нема да биде она што беше пред војната. Не само што ќе биде оспорен приматот на САД во Европа, туку и секое чувство дека Европската Унија (ЕУ) или НАТО можат да обезбедат мир на континентот ќе биде потсетник на изгубеното време. Наместо тоа, безбедноста во Европа ќе треба да се сведе на одбрана на основните членки на ЕУ и НАТО. ЕУ и НАТО повеќе нема да имаат капацитет за амбициозни политики надвор од нивните граници.
САД и Европа исто така ќе бидат во состојба на постојана економска војна со Русија. Западот ќе се обиде да спроведе опсежни санкции, кои Русија најверојатно ќе ги неутрализира со сајбер-мерки и енергетски уцени, со оглед на економските асиметрии. Кина би можела цврсто да застане на страната на Русија во оваа економска закана. Во меѓувреме, внатрешната политика во европските земји ќе личи на голема игра од 21 век, во која Русија ќе ја следи во чекор Европа за каков било пропуст во посветеноста на НАТО и на трансатлантските односи.
Сè додека трае, присуството на Русија во Украина ќе биде перципирано од украинските соседи како провокативно и неприфатливо и, за некои, како закана за сопствената безбедност. Среде оваа променлива динамика, поредокот во Европа ќе треба да се замисли во првенствено воена смисла која, бидејќи Русија има посилна предност во војската отколку во економската област, ќе биде во интерес на Кремљ, оставајќи ги настрана невоените институции како што е ЕУ. Одбранбената политика на ЕУ, за разлика од онаа на НАТО, е далеку од тоа да може да обезбеди безбедност за своите членки. Така, воените гаранции, особено на источните членки на ЕУ, ќе бидат од клучно значење.
Истокот на Европа изложен на опасност
Во случај на руска победа во Украина, позицијата на Германија во Европа ќе биде сериозно оспорена. Германија е маргинална воена сила која својот повоен политички идентитет го заснова на отфрлање на војната. Пријателите со кои е опкружена, особено на исток со Полска и балтичките земји, ризикуваат да бидат дестабилизирани од Русија. Франција и Велика Британија ќе ги преземат водечките улоги во европските прашања врз основа на нивната релативно силна војска и долгата традиција на воени интервенции. Сепак, САД ќе останат клучниот фактор во Европа, од кои ќе зависи поддршката на НАТО. Источните членки, вклучително Естонија, Летонија, Литванија, Полска и Романија, најверојатно ќе имаат значителен број војници на Алијансата постојано стационирани на нивната територија. Исто така, земјите од ЕУ и НАТО никогаш не би признале нова власт во Украина поддржана од Русија.
Состојбата во Украина ќе биде многу тешка. Бегалците, веројатно во милиони, ќе бегаат во повеќе правци. И оние делови од украинската војска кои не се директно поразени ќе продолжат да се борат. Сепак, најверојатно жешко ќе биде на економски план. По руската акција во Украина, новите санкции за банкарството и за трансферот на технологија би биле значителни и трајни. Тие би дошле во пресрет на неуспешната дипломатија и би започнале од највисоките позиции, според американската администрација. Русија се очекува да возврати на ова, најверојатно во сајбер-доменот, како и во енергетскиот сектор. Москва ќе го ограничи пристапот до критичните стоки како што е титаниумот, бидејќи Русија е втора по големина извозничка во светот. Така, оваа војна на трошоци ќе ги тестира двете страни.
Силниот адут на Европа е нејзината економска потпора. Предноста на Русија ќе биде да искористи каков било извор на домашна поделба или нарушување во Европа или во европските трансатлантски партнери. Тука, Русија би имала проактивна улога. Голем дел од ова веќе се случува. Но, војната во Украина ќе ги зголеми влоговите. Русија ќе користи повеќе ресурси и ќе има одврзани раце во изборот на инструменти. Масовните бегалски текови кои пристигнуваат во Европа ќе ја влошат нерешената бегалска политика на ЕУ и ќе обезбедат плодна почва за популистите.
НАТО ќе се фокусира на одбраната на основачките членки
За САД, руската победа би имала длабоки ефекти врз нивната голема стратегија во Европа, Азија и на Блискиот Исток. Прво, рускиот успех во Украина бара од Вашингтон да се сврти кон Европа. САД имаат многу голем комерцијален влог во Европа. ЕУ и САД се најголемите меѓусебни трговски и инвестициски партнери, со трговија со стоки и услуги во вкупна вредност од 1,1 илјада милијарда долари во 2019 година. Европа која добро функционира и во која владее мир ја зајакнува американската надворешна политика во однос на климата, нуклеарното неширење, светското јавно здравје и управувањето со тензиите со Кина или Русија. Ако Европа се дестабилизира, тогаш САД ќе бидат многу поосамени во светот.
НАТО е логично средство со кое САД можат да ѝ обезбедат безбедносни гаранции на Европа и да ја одвратат Русија. Војната во Украина би го оживеала НАТО не како инструмент за градење демократија или како алатка за надворешни експедиции, како што беше војната во Авганистан, туку како ненадмината одбранбена воена алијанса каква што беше првичната цел. Иако Европејците ќе бараат поголема воена посветеност на Европа од САД, пошироката руска интервенција во Украина треба да ја поттикне секоја членка на НАТО да ги зголеми трошоците за одбрана. За Европејците ова би бил последниот повик за подобрување на одбранбените капацитети на Европа. За Москва, која сега е во постојана конфронтација со Западот, Пекинг може да послужи како економска поддршка и партнер во спротивставувањето на хегемонијата на САД. Но, не постои гаранција дека ескалацијата во Украина ќе биде од корист за кинеско-руските односи. Кинеската амбиција да стане централен дел од евроазиската економија ќе биде нарушена од војната во Европа, поради бруталните неизвесности што ги носи самата војна.
Шокот од големиот воен потег на Русија, исто така, ќе покрене прашања во Анкара. Турција негува добри односи со Украина, а како членка на НАТО нема да има корист од милитаризацијата на Црно Море и на источниот Медитеран. Руските дејства кои го дестабилизираат поширокиот регион би можеле да ја зближат Турција со САД, што, пак, би можело да доведе до раздор меѓу Анкара и Москва. Ова би било добро за НАТО, а исто така би отворило поголеми можности за американско-турско партнерство на Блискиот Исток.
Тешка последица од пошироката војна во Украина е тоа што Русија и САД сега ќе се сметаат едни со други како непријатели во Европа, кои не можат да си дозволат да надминат одредени граници во тој анимозитет. Колку и да се далеку од нивните светогледи, колку и да се идеолошки спротивставени, двете најзначајни светски нуклеарни сили ќе мора да го држат својот бес под контрола. Ова би значело многу незгодно жонглирање од двете страни. Одржувањето на комуникацијата, особено за стратегиската стабилност и сајбер-безбедноста, ќе биде од клучно значење. Потребата од одржување на ригорозни договори за контрола на оружјето ќе биде уште поголема по војната во Украина и режимот на санкции што следуваат по неа.
Подготвиле: Марјан Велевски, Билјана Здравковска